Иди ми, дојди ми | Северна Македонија | DW | 24.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Иди ми, дојди ми

И покрај првиот впечаток за појавувањето на Мијалков како негова победа, во наредните денови ќе се етаблира сумарниот, и доста поедноставен, наратив: Мијалков се обиде да избега, и не успеа. Пишува Петар Арсовски.

Груевски сигурно од Будимпешта си мисли за Мијалков: „аматеру, не се бега така“...

Ова е само една од безбројните шеги кои деновиве на темата „бегство во обид“, се шетаат по социјалните медиуми.  Последните неколку дена, кои сигурно беа во најмала рака драматични за најголемиот дел од критичката јавност во Македонија, истовремено на површина изнесоа повеќе аспекти на нашата колективна лутина, нетрпение, параноја и страв, од кои некои аспекти влеваат надеж, а некои будат разочарување.

Еден од аспектите на јавното мислење кој е изненадувачки, е релативно „млаката“ реакција од критичката јавност на обидот за бегство на Мијалков, едниот од двата главни симболи на режимот за најголемиот дел од јавноста која се крена против тогашната власт. Ова можеби покажува резигнација, нетрпение или недоверба дека правдата било кога ќе пристигне, или едноставно замор на човечкиот материјал во очекувањето на владеењето на правото. Петрушева го нарекува ова „литост“, сознание за сопствениот медиокритет и немоќ, и паралелно, срам од истото. Овој релативно поразителен феномен е нешто кое треба да не замисли, можеби во сознанието дека, во серијата разочарувања и пехови во последната година, како КОВИД, проблемот со Бугарија, можеби сме толку девастирани во очекувањата, што добрите вести ги третираме како исклучок, а лошите како правило.

Повеќе на темата:

-Русковска: Олеснителна околност е што Мијалков сам се пријави

-Заев: Мијалков немаше друг избор - мораше да се пријави  

-Мијалков се појави кај Русковска: Никогаш нема да побегнам

Вториот аспект на јавната реакција на „иди ми, дојди ми“ серијата која се одвиваше пред очите на јавноста во последните три дена, е сепак, барем за мене, зрак на надеж на излезот на тунелот.  Ова е неисцрпното количество хумор кое, без пардон, се истури врз институциите задолжени за присуството на Мијалков, па и кон оние кои тоа не се, при што разните автори на социјалните медиуми им „отворија трета ноздрва“ од хумор на нашиве „органи на прогонот“.  Ова е сепак индикација дека критичката јавност, иако уморна, е жива, и секако не се плаши да ги покаже со прст, критикува, исмее, па дури и остро да ги нападне, сегашните станари на Илинденска бб. Чувството слободно да ја искритикуваш власта, без притоа да развиеш манија на гонење, е сепак релативно нова придобивка, и е секако пријатно освежување за кое, за волја на вистината, сепак се најзаслужни токму оние кои се сегашна нејзина мета. 

Морам да признаам во тој расплет, беше доста забавно да се следи како се распукаа, како меури од сапуница, разните теории на заговор за бегството, од тоа дека е договорено со највисоките кругови на власта, преку конспиративните сознанија „од прва рака“, дека „човекот“ е веќе на својата јахта во Монако, до приказните дека тој всушност не се ни крие, туку е тука, но така обезбеден од глутница телохранители, што полицијата воопшто не може да му пријде.  Во галиматијасот на теории за неговото исчезнување, дека избегал, имал таен тунел под куќата, па дека е пуштен, па кој го пуштил или „замижал“ во клучен момент, немаме друг избор одошто да примениме т.н. Окамов брич – научен концепт кој вели дека, ако се друго е исто, наједноставното објаснување најчесто е точно.  По таа логика, не сум многу склон да верувам дека имало некаков заговор околу целиот циркус.  Зашто, ако имало договор, зошто бегал?  Ако имало договор да избега, зошто се вратил?  Ако бегството било толку добро испланирано, зошто не успеало?

Други колумни од авторот:

-За Бајден, Вучиќ и Алберт Ајнштајн

-И пописот го прогласивме за „мртво“

-Владино рекламирање: да или не?

Сепак, за мене се покредибилни поедноставните објаснувања, како на пример: сознанието за притвор било вистинскиот тригер за бегство, и затоа е тоа сторено во последен момент, зашто инаку, Мијалков имал и време и пари да организира подобро бегство, ако сакал.  Оние кои го следеле, знаеле дека можел да избега, инаку не би го следеле. Институциите, откако им се изгубил набрзина, а соочени со јавен скандал, се активирале вистински, и планот за бегство се изјаловил.  За да не биде донесен „со полуга“ во станица, Мијалков се пријавил сам, како што тоа, на времето го стори Бучковски на грчката граница, во обид да спречи ист таков театар, каде токму Мијалков беше режисер. Не велам дека токму така бил следот на настаните, зашто сеуште никој не знае, но мислам дека ваква, релативно приземна, хронологија, е далеку поверојатна одошто конспирациите кои кружат наоколу, зашто за заговор треба дијаболичност и минуциозност која очигледно недостасува кај нашиве институции.

Оттаму, и покрај првиот впечаток за појавувањето на Мијалков како негова победа, мислам дека во наредните денови ќе се етаблира сумарниот, и доста поедноставен, наратив: Мијалков се обиде да избега, и не успеа.  Тој е сега во притвор, и чека пресуда, која, ако се следат неговите реакции, ќе значи затворска казна за него. Притоа, неговото бравадо пред обвинителството, не е ништо друго освен соочување со реалноста – дека ќе мора да ја одлежи казната откако не успеа да избега. Мислам дека, кога плетеме разни теории во гнев, ризикуваме во жедта за правда, иронично, токму жедните, од Мијалков и Јанкуловска да направат херои, а од оние кои ги гонат, криминалци. Затоа, не сум премногу загрижен од приказните на оние на кои Мијалков или Капоне им се херои – таквите глорификации дадени во афект, релативно брзо се топат пред булдожерот на приземноста, кога стоите пред судија и чекате пресуда, како сите обични смртници.

Но, на крајот, случувањата од последните неколку денови, ни открија и една друга, можеби конечно поинтересна, феноменологија за сегашната власт – кога е зорт, сепак, можат да се активираат и да испорачаат.  Е сега, прашањето за критичката јавност, е колку зорт ќе дадеме во периодот кој следи, по сите прашања кои не засегаат, почнувајќи од одговорноста за оние кои затаиле во овој „ролеркостер“