Зошто христијаните не смеат во Мека? | Панорама | DW | 02.01.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Зошто христијаните не смеат во Мека?

Муслиманите по сите правила можат непречено да го посетуваат Ватикан и светите христијански места. Но, обратно тоа секогаш не е можно. Зошто?

default

„Јас сум христијанин и би сакал со моите пријатели муслимани да ги посетам светите места во Мека“, пишува еден од корисниците на страницата на Дојче веле на Фејсбук. Тој не е единствен кој не разбира зошто Каба и џамијата Ел Ахрам - како свети места на муслиманите, се забранети за припадниците на другите религии. Зарем тоа не е спротивно на дијалогот меѓу религиите? Може ли да дојде до меѓусебни запознавања доколку таквите посети не се можни? Овие прашања му ги поставивме на еден Германец пред вечерната молитва во катедралата во Келн:

„Знам дека исламските закони во Саудиска Арабија и другите земји од Средниот и Блискиот Исток се многу конзервативни и реакционерни. Но, без оглед на тоа, потребно е да се вложи многу труд, за таму да се создаде модерен, интернационален и мултикултурен став.“

Petersdom im Vatikan

Ватикан е отворен за посета за припадниците од сите религии

Строго толкување

Човекот од сопственото искуство знае дека постојат разлики од една земја до друга. Тој веќе посетувал џамии во Германија, Египет и Турција, но, во некои други земји, на луѓето кои не се од исламската религија, во одредено време не им е дозволен влез во џамиите, иако тука не постои правило. Таа забрана не е самоволие или шиканирање. Таа многу повеќе се однесува не едно посебно строго толкување на религиозните извори. Имамот Метвали Муса, член на Централниот совет на муслиманите во Германија, има историско објаснување, кое доаѓа директно од коранот:

„Во времето на пророкот Мухамед имало политеисти кои голи и нечисти минувале покрај Каба. Тие во коранот се опишани како ’неверници’ и им било забрането да влегуваат во џамиите.“

Токму тука помеѓу познавачите на исламот постојат различни толкувања. Некои тие зборови ги сфаќаат како „немуслиманство“, а други само како „нечист“ или “валкан“. Но, се чини дека забраната за влез во Мека за оние кои не се муслимани првично настанала од страв дека во Каба би можел да се врати политеизмот.

Гадафи е за укинување на забраните

Од друга страна, на пример, претседателот на Либија Муамер ел Гадафи уште пред пет години ја критикуваше забраната за влез во Мека на припадниците на друга религија.

„Сите луѓе се повикани да ја посетат Каба“, рече ел Гадафи.

Тоа мислење го дели и една муслиманка од Германија, Арапка по потекло, која ја посети келнската катедрала, една од најпознатите симболи на христијанството во земјата која таа ја одбра за своја татковина.

„Едни велат, немуслиманите не смеат да ја посетуваат Каба, други велат-смеат! И јас мислам дека сите смеат да одат во Каба, зашто исламот е толерантна религија.“

Муслиманските здруженија во Германија како реакција на жестоката дебата која се водеше во земјата околу интеграцијата ја започнаа акцијата „Ден на отворните џамии“, кога им е дозволено и на немуслиманите да ги посетуваат исламските верски објекти.

Автор: Али Алмаклафи/ Владимир Калински

Редактор: Жана Ацеска 

Поврзана содржина