Зошто германските Турци гласаа за Ердоган? | Свет | DW | 19.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зошто германските Турци гласаа за Ердоган?

Стотици илјади турски државјани во Германија гласаа во полза на предложените уставни измени во Турција. Многу Германци, и Турци кои гласаа против, се шокирани од гласањето.

Повеќе од 63 проценти од турските државјани во Германија кои гласаа на турскиот референдум за зголемување на овластувањата на турскиот претседател се изјаснија позитивно. Според Јунус Улусој од Центарот за турски студии и интеграција во Есен, бројот на гласовите од Германија претставувале 0,23 отсто од вкупниот број гласачи кои со тесни 51 проценти му дадоа на Ердоган зголемена моќ. И покрај тоа, најтиражниот германски таблоид Билд излезе со насловна страница на која пишуваше „Германското население со турски корени помогна во победата на Ердоган“.

Излезноста на референдумот во Германија беше околу 49 проценти - што значи дека помалку од 500 илјади турски иселеници му дале поддршка на Ердоган. Во Германија живеат околу три милиони граѓани со турско потекло, од кои половината имаа право на глас на референдумот.

Констернација во Германија

Иако не беше прекумерен, начинот на кој гласаа мнозинството Турци предизвика голема дебата. Лидерот на Партијата на Зелените оцени дека некои турски државјани кои живеат во Германија како да мислат дека „можат да минат со допирање на Уставот само со врвот на прстите“. За да бидат среќни на долг рок во Германија, луѓето ќе мора целосно да ги прифатат „вредностите и уставот на државата“, рече 51-годишниот Џем Ездемир, и самиот со турско потекло.

Германија ќе мора да го прифати фактот дека стотици илјади Турци кои живеат тука ѝ се лојални на Германија на „економско и социјално ниво“, но „на политичко и идеолошко ниво, му се лојални на Ердоган“, коментираше Волфганг Бозбах од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Turkey Referendum: Results in German cities
Turkey Referendum: Results in German cities
Infografik Turkey Referendum: Results in German cities Englisch

Како гласаа Турците во Германија во големите градови

Нивниот глас беше изблик на протест, вели Детлеф Полак, професор по социологија на религијата на Универзитетот во Минстер кој спровел повеќе студии за интеграцијата на Турците во Германија.

„На постарите луѓе особено им се допаѓа тоа што конечно некој му покажува на Западот, на ЕУ, како треба да се постават работите; тоа е израз на пркос, самоувереност и огорченост“, вели Полак за ДВ. Тој е изненаден што Турците во Германија биле подготвени да им се оддадат на таквите чувства, на тој начин загрозувајќи ги демократските достигнувања во Турција. 

Полак е убеден дека мнозинството сака да ја сочува демократијата во Турција. Во исто време, укажува на постоечкиот конфликт меѓу Турција и ЕУ, меѓу христијанското и доминантно муслиманското општество- „конфликт кој ги засенува политичките проблеми“.

Гледај видео 01:36

Турција рече „да“

„Тешко е да се даде чисто политички глас затоа што одеднаш, прашањата за гордоста, националноста, идентитетот и религијата стануваат поважни, а политичкиот прагматизам оди во втор план“.

Достоинствен третман

Загрижени поради воведувањето на „автократскиот режим“, од турската заедница во Германија велат дека ќе се обидат подобро да комуницираат со „Турците кои живеат во слобода во Германија, но кои им посакуваат автократија на Турците кои живеат во Турција“. 


Томас Куфен, градоначалник на западниот германски град Есен, вели дека е изненаден од тоа што политиките на Ердоган имаат толку приврзеници меѓу Турците кои живеат во Германија.

Но, во истовреме, самиот го нуди и одговорот. Се чини дека Ердоган се однесува кон овие луѓе со почит која недостаасува во германското општество и од германските политичари, изјави Куфен во интервју за ВДР.
Бројот на турски иселеници кои гласаа „за“ уставните промени во Турција во неговиот град беше 75 проценти.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама