Збогување од јагленот: Среќно! | Свет | DW | 21.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Збогување од јагленот: Среќно!

Со последната смена во рудникот Прозпер-Ханиел во Ботроп денеска се става крај на ископувањето камен јаглен во Германија. Конечно, коментира Карстен Грин. Време е за настап на современата епоха!

Кога се зборува за крајот на рударството на Рур и Емшер, не може да се заобиколи поимот „структурен пресврт“. Некој, кој како јас израснал во Рурската област, со овој поим се има среќавано уште од најмлади години. Притоа, не станува збор за пресврт, туку за структурен крај. Честопати глорифицираниот пресврт, меѓутоа, може да се насети само делумно. Вината за тоа лежи и во самото ископување камен јаглен. Мора да се каже, тоа не се однесува на рударите, кои до последно си ја завршија работата професионално. Не, туку  политиката и енергетското лоби се тие кои со децении не успеваа да направат структури кои ќе водат кон иднината.

Во изминатите децении во германскитерудници за камен јаглен се влеаја околу 200 милијарди евра од субвенции. Огромна сума од која застанува здивот. Само за да биде појасно: тоа се пари од даночните обврзници за една индустрија која не е одржлива и која немаше иднина уште на почетокот на влевањето на парите во тој сектор. Со децении на трошок на државата беа обучувани и плаќани луѓе за професии кои се на изумирање, наместо со тие пари да се трасираат нови економски патишта.

Испреплетеност на политиката и лобито за јаглен

Причина за тоа е испреплетеноста на големите партии - СПД и ЦДУ со претпријатијата во таа бранша. Сѐ уште има фалби дека пресвртот бил направен на социјално поднослив начин. Тоа, ако се направи споредба со поранешните рудници за јаглен во Велика Британија и Франција, е сигурно точно, но дали заради тоа мораше над 50 години да се „амортизира“ и субвенционира? И, сето тоа на товар на даночните обврзници? Притоа, крајот на ископувањето на јаглен не значи и крај на трошоците за рударството - регионот и натаму ќе се занимава со водостопанството, загадената почва и нечистата вода во јамите. За таа цел има финансиски резерви, но колку долго тие ќе траат, е прашање.

DW Kommentarbild Carsten Grün

Карстен Грин

Кон тоа треба да се додадат и пензиите и трошоците за предвремените пензионирања. Рударите во пензија заминуваат на 50-годишна возраст, додека вработените во управата со години можеа да прекинат со работа на 55 години - сето тоа платено од даночни средства. Зошто? Работата под земја е сигурно тешка, но ѕидарите, керамитчиите, медицинските сестри и други бранши каде постои телесен ризик мораат да „туркаат“ до 67!

Главната грешка на политиката беше што не успеа да создаде структури во кои ќе можеше да се обликува иднината на целиот регион. Но, 53-те градови во Рурската област, кусогледото политичко размислување во градските совети и огромната лоби-работа на рударското акционерско друштво РАГ АГ честопати го спречуваа тоа. Или како што во сржта погаѓаат социолозите од Бохум, Ролф Г. Хајнце и Јерг Богумил: доминантноста на староиндустриските рударски структури и нивната упорност го отежнаа структурниот пресврт.

Запоставени и покрај сета помош

Ако денес се патува низ Рурската област, може да се види регион кој е запоставен: улиците се лоши, железничките линии се мизерни. Ако по 23 часот треба од Бохум да стигнете во Есен - ви посакуваме многу среќа! Освен тоа, населението е сиромашно, бројот на невработени е двојно повисок отколку просекот на сојузно ниво. Дргу проблем е и губењето на население. Есен некогаш имаше 750.000 жители, а сега само околу 600.000. Гелзенкирхен од некогашните речиси 400.000 падна на само 140.000 жители. Низата можете да ја продолжите со кој сакате град во регионот.

Гледај видео 00:55

Индустриски комплекс Цолферајн

Се разбира дека има и некои позитивни вести. Дуизбург е извонреден за логистика. Ботроп отскокнува меѓу градовите во Рурската област - добра заштита на климата, мали претпријатија и без зависност од големи концерни. Сето тоа го доведе Ботроп во врвот на листата на градови на државно ниво. Во Рурската област има многу музеи и театри, а одлична е и густината на високообразовни институции. Но, експертите од Институтот на германската економија (ИВ), кој е близок до работодавачите, сепак оценуваат дека регионот е запоставен. Велат дека структурниот пресврт одвај се придвижува. Пет универзитети, 15 стручни високи школи, но само 3,5 од 1000 вработени се занимаваат со истражување и развој, велат од ИВ.

Сиромаштијата не те прави автоматски секси

Многу добро образовани луѓе се иселуваат. Често заминуваат за Франкфурт, Штутгарт, Минхен или Берлин. Берлин е можеби и покрај сиромаштијата - секси, но Рурската област не е! Добри области за живеење има малку, голем дел од инфраструктурата е пропадната. Познати кафулиња, како во Хамбург или Берлин, треба да се бараат со лупа, училиштата и градинките се лошо опремени, понудата на активности за слободно време е ограничена. Дури и често наведуваниот аргумент дека има голем број музеи и театри не е привлечен за информатичарите или оние кои се занимаваат со истражувања во природните науки, значи луѓето кои се барани, кои развиваат бранши и може да основаат модерни претпријатија.

Конечниот крај на рударството е рез. Политичарите конечно мора да направат нешто за што се избрани и за што добиваат пари: да создаваат! Политичари, зафатете со конечно со проблемот! Променете ги политичките структури, инвестирајте целно, создадете пристојна сообраќајна инфраструктура и водете политика во интерес на граѓаните, а не на концерните. Иднино, среќно!

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама