За што ги плаќаме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ? | Северна Македонија | DW | 18.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За што ги плаќаме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ?

Пратениците имаа можност на секои шест месеци темелно да го чешлаат работењето на СЈО, и врз основа на извештаите да ги постават сите прашања. Треба да одговорат зошто не си ја завршиле работата.

Неколку дена откако Собранието на предлог на Советот на јавни обвинители констатира дека специјалниот обвинител госпоѓа Катица Јанева работела нестручно , незаконски и несовесно, ВМРО-ДПМНЕ „во име на граѓаните како даночни обврзници" вчера предложи да се формира Анкетна комисија која ќе утврдува на кој  начин биле потрошени околу 15 милиони евра за досегашнотo работење на СЈО и на кој начин се постапувало по одредени други процедури во тоа обвинителство.

Ваков предлог сигурно би бил непоходен, доколку се работеше за некоја институција која е надвор од радарот на Парламентот. Но, СЈО е чедо токму на Собранието. Неговото основање ќе беше невозможно без оние неверојатни 111 пратенички гласови „за“. Од друга страна, СЈО имаше законска обврска да доставува шестмесечни извештаи за неговата работа до Собранието и до Советот на јавни обвинители. Таа обврска СЈО ја реализираше редовно, без исклучок и во законски определениот рок. Тоа значи дека пратениците имаа можност на секои шест месеци во континуитет темелно да го чешлаат работењето на СЈО, и врз основа на презентираното во извештаите да ги постават сите прашања од јавен интерес.

Досега никој не ги спречи во таа нивна надлежност. Фактот дека не ја искористиле  таа можност на никаков, особено не на квалитетен начин штом сега бараат Анкетна комисија, е јавно признание дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не си ја вршеле работата за која избрани. По истиот принцип, „од име на граѓаните како даночни обврзници" сега граѓаните треба да побараат Анкетна комисија која треба да утврди - за што ги плаќаме пратениците? Ги плаќаме за да ги преспиваат извештаите на СЈО или политикантски да ги користат исклучиво за фокусирање на ad hominem (Катица Јанева), наместо на ad rem (на предметот).

А токму по второво најмногу се истакнаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. 

Основата за „разминувањето“ на дел од пратениците со СЈО, лежеше и се уште лежи  во различниот однос спрема криминалот. Тие поставија линија на разграничување меѓу страната за прогон на криминалот и страната на криминалот, и целта не им беше да ги анализираат извештаите, туку да ја омаловажуваат Јанева персонално.

Повеќе:

-Арифи: Без правна катарза нема услови опозицијата да предлага обвинител

-Последниот ден на СЈО

-Парламентот ја разреши Катица Јанева

А токму со првиот извештај на СЈО во 2016 година, пратениците за првпат од 2005 година дотогаш, по цели 11 години видоа извештај од обвинителство. Милошоски во таа декада беше и пратеник и министер, ама ете, ниту се загрижил за таквата состојба, ниту помислил да побара Анкетна комисија за утврдување зошто имало таква неотченост и нетранспарентност, осносно зошто претходно се избегнувала законската обврска за извештај до парламенотот.

Но дека во прашање не се парите на СЈО, туку желбата за правење домашно и интернационално шоу пред јавноста, говори и најавата дека на Милошоски дека во предложената Анкетна комисија како придружни членови или набљудувачи би биле поканети и претставници на шведската, американската и холандската амбасада, бидејќи тие три држави имале значителен финансиски учинок и влог во буџетот на СЈО.

Нека ги викнат и нив. А кој ќе одговара на прашањата како се трошеле парите во една институција, во која овластен потписник е Катица Јанева, а таа сега е во притвор?

Ова е само потсетување колкави димензии може да достигне демагогијата, дури и тогаш кога мислите дека повеќе од тоа не може. А за ефикасноста на Анкетните комисии нема потреба ни да се трошат зборови. Ги имаше многу пати досега. Последната на која се сеќаваме, беше за масовното прислушкување обелоденето со „бомбите“. Собранискиот надзор врз безбедносните служби цела деценија комплетно беше блокиран и игнориран. Значи имаше вистински повод и прична за формирање на таа Комисија. Но, дали некогаш ја заврши работата? Кој ја опструираше и зошто? Во име на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ прво нека одговори на ова прашање.

DW.COM

Реклама