За Косово, со љубов | Информации и анализи за Балкан | DW | 07.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

За Косово, со љубов

Апсењето на Хашим Тачи е еден вид шекспировска драма – еден ден си претседател на државата, другиот ден затвореник на 2.300 километри далеку од домот и канцеларијата. Пишува Љупчо Поповски

Имаше некаква елегантност во постапката на косовскиот претседател Хашим Тачи кога во четвртокот утрината ја поднесуваше оставката на функцијата за да замине во една од ќелиите на Шевенинген, бидејќи Специјалниот суд за ОВК го одобри обвинението за него. Пред да биде однесен со специјален авион од Приштина во Хаг, Тачи изјави дека ќе се појави во судот за да сведочи за „чистата борба“ на ОВК.

„Ова не се лесни моменти за мене, моето семејство и вас кои ме поддржавте. Тесно ќе соработувам со правдата и од овој момент сум достапен за правдата... Горд сум што со меѓународната заедница и нашите сојузници се боревме против геноцидот, против Милошевиќ и ја изборивме својата слобода... Косово беше жртва, Србија беше агресор. Земјата нема време за губење, да го зачуваме мирот“, рече Тачи со смирен тон.

Една ноќ откако одлежа во Шевенинген специјални единици на ЕУЛЕКС веќе вршеа претрес во неговата куќа.

Ова е огромен пресврт, дури еден вид шекспировска драма – еден ден си претседател на државата, другиот ден затвореник на 2.300 километри далеку од домот и канцеларијата. Ова е удар не само за Тачи, кој го носеше ореолот на предводник на вооружената борба против режимот на Милошевиќ, туку неверојатно силен удар и за младата косовска држава, за нејзините граѓани и за сите Албанци во регионот. Дали дојде времето за соочување со можните црни дамки на борбата на ОВК, соочување со митовите дека секоја борба за слобода е безгрешна, дека во таа борба не можат да се прават „злосторства“ и дека ова на некој начин може да биде брутално отрезнување од соништата кои досега никој ниту сакаше ниту смееше да ги чепне.

Тешки обвинувања

Владата на Косово на многу директен начин веднаш побрза да ја одржи оваа нарација. „Не може да ѝ се суди на нашата борба за слобода. Ослободителната војска на Косово се бореше за ослободување на нашата земја, за заштита на домот, а не во странски земји и како таква ја уживаше поддршката на меѓународната заедница, која кулминираше со бомбардирањето на НАТО“, официјално реагираше владата.

Албанскиот премиер Еди Рама, исто така, реагираше промптно. „Хашим Тачи ја има целата поддршка и солидарност на Албанија во следната битка за Косово и за неприкосновената правда на ослободителната војна. Апсурдното судење против него на крајот ќе ја запечати чистотата на ОВК и невозможноста да се пренапише нејзината историја“, напиша Рама на Фејсбук.

Слична порака за „чистотата“ на борбата стигна и од овде, од Али Ахмети. „Војната на ОВК беше вистинска војна на албанската нација за слобода и самоопределување, но исто така и за владеење на правото... И јас, и моите пријатели, ако имаме живот, можност и посветеност да се бориме за слобода и еднаквост, ќе го сториме тоа повторно, затоа што веруваме и верувавме во правото на нашата нација“, напиша Ахмети.

Нивните пораки, како и на речиси сите косовски граѓани Албанци, може да се сведат во една реченица – „За Косово, со љубов“. Дали работата на Специјализираните комори за ОВК во Хаг не е со љубов за Косово? Особено поради фактот што нив ги основа косовскиот парламент во 2015 година под меѓународен притисок. И дали преку работата на овој трибунал треба да се расчистат наводите во фамозниот извештај на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за злосторствата на ОВК во периодот од 1998 до 2000 година, кои претставуваа основа за формирањето на специјалниот суд?

Други колумни од авторот:

Дали дојде време да се каже – Доста е?!

Последниот удар на Никола Груевски за ВМРО-ДПМНЕ

До илјада... и понатаму

Како Нерон или како Ленин – што да се прави со спомениците?

Заедно со Тачи во авионот за Хаг беа сместени и Кадри Весели и Реџеп Селмани, а еден ден пред нив таму беше испратен и Јакуп Красниќи. Во соопштението на судот се вели дека тие се „уапсени“.

Обвинителите сакаат да докажат дека правдата во Косово треба да биде достижна за сите, па и за еден претседател. Судот објави и детали од обвинението што го одобри. Во него има многу тешки обвинувања. Обвинителите во 10 точки тврдат дека тие четворицата, како припадници на Дреничката група на ОВК, се виновни за убиства, насилно исчезнување на луѓе, прогон и мачење. Тие кривични дела се квалификувани како злосторства против човечноста и воени злосторства извршени од март 1998 до септември 1999 година.

Што пишува во обвинението?

„На неколку локации низ Косово, како и во Kукеш и Цахан во северна Албанија, припадниците на Ослободителната војска на Ксово ги извршија кривичните дела од обвинението над стотина цивили и лица кои не учествуваа во непријателствата.... Жртвите биле лица за кои имало сомневање дека не ја поддржуваат ОВК и подоцна привремената влада на Косово.

Тоа беа: Срби, Роми, Ашкалии; католици; цивили за кои се верувало дека соработуваат со српските власти или дека комуницираат со Србите; Албанци кои го поддржуваа Демократскиот сојуз на Косово или биле поврзани со таа партија, како и со други партии за кои се сметало дека не ја поддржуваат ОВК“.

Обвинението наведува повеќе случаи за нелегално притворање и лошо постапување на затвореници од борци на ОВК, вклучуваќи жестоки тепања, електрошокови и убиства на многумина од нив. Четворицата уапсени се обвинети дека наводно биле дел од злосторничко здружување.

Кога Специјалното обвинителство пролетоска објави дека има вакви обвинувања, наведе дека наводно овие луѓе се „криминално одговорни за речиси 100 убиства“. Главниот тужител Џек Смит предлогот на обвинението го поднесе на 24 април, а судијата го потврди на 24 октомври, точно шест месеци подоцна.

Известувачот Дик Марти во својот извешртај од 2011 година наведе дека има доверливи информации дека на некои од заробените лица во Албанија постхумно им биле вадени органи кои потоа на црниот пазар биле продавани за трансплантација. Во извештајот на Марти, Весели беше означен како „оска“ на Дреничката група, која е опишана како криминална организација која се занимавала со трговија на дрога и луѓе и друг криминал.

Пред оваа „политичка“ четворка во септември беа уапсени и префрлени во Хаг поранешниот командир на ОВК, Реџеп Селими, и двајцата водачи на здружението на воени ветерани, Хисни Гуцати и Назим Харадинај.

Неуспешни маневри

Доаѓањето до оставката на Хашим Тачи и неговото апсење не беше така мирно како што изгледаше неговото предавање на правдата. Обвинителството уште од првото априлско објавување на скратеното обвинение, велеше дека се одлучило на тоа затоа имале многу докази оти Тачи презема редица чекори да ја „опструира и поткопа работата на судот“.  Уште во 2018 година Тачи во интервју за „Гардијан“ изјави дека „ние веруваме оти специјалниот суд беше непотребен и нефер, но поради нашите односи со ЕУ и САД одлучивме да го поддржиме“.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски, автор на текстот

Обвинителството го објави обвининието кога Тачи беше на пат за Вашингтон на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ организирана од тогашниот американски амбасадор во Германија Ричард Гренел, на која во Белата куќа требаше да се склучи договор меѓу Белград и Приштина за Доналд Трамп да испорача  голем надворешно-политички успех во време на кампањата. Тачи се врати назад, а место него подоцна во Вашингтон замина премиерот Авдула Хоти, кој го склучи економскиот договор со Вучиќ во присуство на Трамп.

Обвинителството тогаш во соопштение ги обвини Тачи и Кадри Весели (поранешен спикер на косовскиот паралемнт) дека воделе тајна кампања за да се поништи законот со кој е основан трибуналот, да ја опструираат неговата работа и да го избегнат судењето. „Со преземањето на вакви акции, Тачи и Весели ги ставија нивните лични интереси пред жртвите на нивните злосторства, владеењето на правото и сите граѓани на Косово“.

Но работата на судот веќе не можеше да биде попречена. Уште во март државниот секретар на САД, Мајк Помпео, му испрати писмо на Тачи во кое го поддржа косовскиот трибунал и му кажа да не се обидува да ја опструира неговата работа. „Поништувањето или поткопувањето на неговата работа сериозно ќе го наруши кредибилитетот на Косово во светот“, му напишал Помпео во писмото чија копија протече во јавноста.

Веројатниот иден претседател на САД, Џо Бајден, уште кога беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама, исто така му напиша писмо на Тачи во кое наведе дека САД бараат од него да соработува со косовскиот трибунал. Можеби Тачи веруваше дека со некаков брз договор со Белград ќе ја добие наклоноста на Вашингтон и на Трамп и нема да биде уапсен и суден во Хаг. Но сега нема ништо од тоа, а ни Трамп веројатно веќе нема да биде во Белата куќа.

Веројатно последниот негов обид беше на крајот на август кога во телевизиско обраќање побара од косовските пратеници да го продолжат мандатот на Специјалните комори. Следниот ден тој испрати предлог до косовското собрание со кој побара уставни амандмани со кои требаше да се промени мандатот на трибуналот и да се намали опфатот на неговото делување. Но западните држави возвратија. Таканарешената Група квинта (САД, Франција, Германија, Британија и Италија) во септември издаде заедничко соопштение во кое се спротивстави на сите намери за „поткопување или дискредитација на мисијата“ на Специјалните комори и Специјалниот обвинител.

На 19 октомври специјалниот обвинител Џек Смит одговори на иницијативата на Тачи оценувајќи дека обидот да се промени мандатот е „дел од поширока стратегија да се онеспособи судот“. Пет дена подоцна обвинението беше одобрено и дојде крајот за маневрите на Хашим Тачи и другите.

Обвинителството во Хаг допрва треба да ги докаже своите тврдења. Пред да биде однесен во Хаг Хашим Тачи рече и дека обвинението е „најмалата цена што треба да се плати за слободата на нашите луѓе“. Но ако обвинителството докаже дека наговите наводи се точни за оние стотина мртви луѓе тоа ќе биде потврда дека тие ја платиле највисоката цена. Во војната од 1998-99 загинаа повеќе од 10.000 луѓе, најголемиот дел од нив етнички Алабнци. На 1.600 не им се знае судбината. Дали меѓу нив има луѓе за чија смрт е обвинета Дреничката група на чело со Хашим Тачи можеби ќе се дознае во текот на судењето.