За злосторот на паланката | Македонија | DW | 13.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

За злосторот на паланката

Несфатлива е предаденоста на луѓето во уништување на туѓите животи, наместо во обмислување на сопствениот. Колку време човек губи само во правење непоправливи штети на други!?

„При разделбата станува јасно сѐ

она што некој бил, она што е,

не слушаме кога божјата мелодија ѕуни,

затреперуваме кога ќе занемат нејзините струни”

Некои луѓе живеат во пекол, создаден од нив самите или од оние околу нив. Некои други навидум се во рајот додека се живи, ама пеколот ги стига отпосле, кога ќе заминат. Голем е предизвикот дури сме живи да го избегнеме пеколот создаден од средината и луѓето каде живееме. Тешко учиме од сопствените грешки и од туѓите искуства, иако сме единствените битија навидум обдарени со повисока интелигенција. Овде не' учат од мали дека – „наведната глава сабја не ја сече” и дека - „покриениот задник никој не го плука”. Сме создале толкава ризница од „мудрости” за чување на срцето и мислата само за себе, а тие, од Бога скроени, нели се за споделување и давање?! Од мали не' учат да не бодеме очи, зашто главната преокупација на луѓето од нашиве простори отсекогаш била да буричкаат по туѓите животи и да прават пекол од нив.

Паланка која ги јаде своите деца

Приказните и сведоштвата за злото се секаде околу нас. Секојдневно слушаме за нив, но ги регистрираме како нешто што им се случува на другите, како статистика, или како вест што ја забораваме веднаш, освен ако не се работи за „познати и славни” личности. Но во нашиот свет, во оваа наша  „паланка” кајшто секој секого познава, сечија постапка грижливо се бележи во „датабазите” на пријателите, во статусите на социјалните мрежи или во кафеанските и другите кафе-трач муабети. Така стануваме „мезе” и за оние што не' знаат, но и за оние што мислат дека не' знаат. Колку е средината помала, толку е поголема веројатноста дека те „познаваат” што повеќе луѓе. Можноста да живееш слободно овде, без да робуваш на паланечките норми, не е лесна работа. Всушност - се' е во ред додека не почнеш да се издвојуваш од сликата за „коректност”, единствената нормална и прифатлива за паланчаните.

Застрашува леснотијата со која можат да се уништат животи. Необмислено и лековерно влетуваме во групни „заговори” и стануваме соучесници во злосторот на паланката, најчесто мислејќи дека спасуваме! Учествуваме во хајки поттикнати од грешен (или неточен) збор, гласини, полу-вистини, играјќи до бескрај „расипан телефон”. Нашава паланка е просто создадена да си ги јаде сопствените деца. Изгледа не умее и не знае поинаку. Некои од потенцијалните жртви успеваат да се спасат, а некои не. Осветата на оваа средина кон оние потфатени во нејзината мелницата - заради нивната различност, олицетворена преку дарба, изглед, способност и слободен дух, ги тера да завршат со бегство – надвор од земјата или во алкохол, дрога, комар, ризикувајќи трагично да ги изгубат животите, уште млади. Само оние што минале низ стисокот на паланката и едвај успеале да се спасат, знаат колку е тешко да се сочуваат себеси низ таа голгота. Дел од нив останале живи и меѓу нас, но „рехабилитирани”, зашто доброволно решиле да си ги поткастрат крилјата и да си врзат окови на нозете.

Претходни колумни од авторката: 

За (пре)пораката од нашите предци

За Бруно... од нашето маало

Свекрвата како метафора за нашиот јавен простор

Слуги на злото

Човек не може да води безгрешен живот. Но животот е премногу краток за меѓусебно да си го згорчуваме. Колку пати сме размислиле добро пред да осудиме некого? Колку пати сме останале рамнодушни, но и осветољубиви, со свртен грб пред проблемите на оние покрај нас, слепи и глуви за нивните страдања, иако сме можеле да помогнеме или - барем да не одмогнеме. Се отрезнуваме изгледа само за миг, по некоја трагедија, нечија несреќа или загуба. Но набрзо повторно продолжуваме со осудите, обвинувањата и покажувањето со прст. Изгледа тоа ни е најлесниот начин за комуникација. Без трунка способност да разбереме, сочувствуваме, покажеме емпатија и да помогне некому  - стануваме слуги на злото!

Човек не се раѓа со зло. Ама злото се учи брзо и без мака. Се стопува со оние што „бдеат” над oние длабоко и искрено посветени на сопствениот живот. Приказната за Салиери и Моцарт е универзална приказна за осветата на (под)просечните на сите простори и времиња - за тоа како оној што „не умее” се справува со оној што „умее”. Несфатлива е предаденоста на луѓето во уништување на туѓите животи, наместо во обмислување на сопствениот. Колку време човек губи само во правење непоправливи штети на други!? Често од себичност и невнимание, но и од завист, освета или алчност. Останува прашање, дали во ова наше „дно на бунарот” ќе можеме да научиме да го почитуваме, негуваме и чуваме тоа што вреди, како наше заедничко достигнување. Или ќе го удираме со чекан по глава, секој оној што ќе се обиде да излезе од него.

За никого ништо со сигурност не знаеме дури е жив. Зад нечија насмевка можеби се кријат солзи, зад милоста-горчина, зад топлината-студ,  зад лутината-љубов. Само смртта ги разоткрива овие мистерии и не' остава неми пред разголениот пекол на покојните. Како да го вратиме времето назад и да допреме до нив, за да ги спасиме? Зашто не гледам друг начин да се ослободиме од „паланчанецот” во нас и од дното во кое чмаеме. Бројот на луѓето на нечиј погреб ништо не му значи на покојникот, ниту пак кажува за неговиот живот. Бадијала последно оддавање почит, ако сме ги оставиле пријателите и оние околу нас на цедило додека биле живи,  без да го забележиме товарот на нивните плеќи и во нивната душа. Тешка е борбата со лицемерието и злото закопано во нас. Но ако е тоа цената што треба да се плати за да го чуеме „ѕунот на божјата мелодија” кога не е предоцна –  вреди да се бориме!

 

DW.COM