1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За (пре)пораката од нашите предци

Синоличка Трпкова
6 јули 2018

Никој на сила и без ваша волја не може да ве турне во ЕУ, за да им „слугувате” на правото, правдата и законите. Ако прво сами не расчистиме со криминалот дома, (што засега беше невозможно), тој ќе расчисти со сите нас!

https://p.dw.com/p/30vfO
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

Таму каде што царува сирoмаштијата, најчесто царува и криминалот. Зашто сиромаштијата доаѓа од необразованост, запустеност и негрижа за она што го имаш, зашто системот не функционира. Во една сиромашна и малечка земја како нашата, во едно тешко време на распад, криминалот исто така им овозможи  на „очиклените” мангупи не само да се збогатат, туку и да стекнат (институционална) моќ, за да си продолжат непречено и легално со кражбите. На тој начин добивме власт, што ја искористи длабоката општествена криза во своја корист, манипулирајќи со огромен број луѓе преку корумпираниот државен апарат. Во име на грижата за сопствената земја, континуирано го осиромашуваше народот, и материјално и духовно. И додека народот мислеше дека има држава, всушност стана марионета на власта, односно мафијата.

Верба во месии

Секој почеток во осамостојувањето на една земја е тежок. Но иако тешки, почетоците се секогаш полни надеж. Нам во првите десет години ни се случи приватизација, а потоа и војна. Откако војната заврши, уште поочајни, повторно бевме на некаков почеток, со некаква нова надеж. Во меѓувреме единствената храна што ја добивме беа реториките на сомнително издигнатите политички фигури. Најчесто националистички и популистички, како емотивен и халуцинативен стимуланс за фрлање прашина в' очи, во замена за  испразнети стомаци и глави. Кога и тоа мина и институциите останаа нефункционални, ни остана само уште да веруваме во месии. Така збрлавени и донесени во една надреално-испостена состојба, конечно се појавија спасителите. И навистина – тие успеаја на магионичарски начин за само десет години да не' вратат буквално и преносно - на корени! На неумрени ни дигнаа споменици, нѐ наполнија со патриотска пропаганда, пустошејќи се околу себе, како џепарош што лесно ја краде публиката на магионичарски настап.

Збогатените мангупи во срцето на Балканот отсекогаш посакувале мрак и бегале како ѓавол од темјан од членства во меѓународни организации. Провинцијалните „бизниси” засновани на итроштини, снаодливост, криминал и корупција, аминувани од секоја власт, одлично се вгнездуваа со години. Последениот бастион за одбрана на тие царства се воспалените патриоти, спремни да гинат за татковината и името, заслепени од тридецениско „перење мозок”, како и малкуте романтичари и фанатици. Оние што требаа први да бидат исправени пред лицето на правдата, ороводците на криминалот, сѐуште непречено си го шират „бизнисот”. Десет години (некои и многу повеќе) ја користеа моќта во власта за да си создадат простор, кој ќе го окупираат кога нема да бидат на власт. За нив ЕУ е непријател, зашто таму нивните зделки нема да можат да минат. Не знам како таквите бизнисмени и богаташи би опстанале во една таква заедница и врз основа на што? Каде ќе ги пласираат своите прескапи и неквалитетни услуги и производи!? Но, влезот во ЕУ ќе значи и сериозно разнишување на останатите невидливи, матни бизниси и тендери, оние коишто како црнила под нокти се закоравија во секоја пора од општеството. Додека се плаче и се колне за името, разработените „зделки” си врват непречено, далеку од нашите очи и уши. Но наскоро, кога нема жив, здрав и способен човек да остане овде, тивко и без глас ќе се престориме во место со „транзит одредница”. Небаре бензиска пумпа на патот меѓу Србија и Грција, без графа за националност, зашто ќе нема ни кој повеќе да полни бензин на минувачите.

Wirtschaft und Finanzen
Фотографија: picture alliance / Klaus Ohlenschläger

Подобриот живот не доаѓа сам од себе

Кога припрости и збогатени криминалци водат раскрчмена држава, народот е заглавен во мрачен тунел, без компас. Разбирлива е очајничката грижа за името и идентитетот, зашто ништо друго не останало. Но овие две апстрактни работи никогаш не можат да се задржат, опредметат и зацврстат, освен со подобар живот и помалку сиромаштија. Каква иронија – грст луѓе затворени во темнина, без желба да видат светло?! А подобриот живот не доаѓа сам од себе, а секако не преку корупција, со мафија или месии! Не доаѓа ни со кукање, плачење, страдање и колнење. Верувам дека можноста да се разбере овој прост факт е навистина тешка доколку сте во тунел, со изгубен контакт со реалноста, заглавени во сопствените стравови или фантазии.

Претходни колумни од авторката: 

За Бруно... од нашето маало

Свекрвата како метафора за нашиот јавен простор

За нашиот државен пубертет

Имавме три децении време сами да расчистиме со мафијата. Имавме избори, имавме и други начини, но одевме по линијата на помал отпор. Не се изборивме за здрав систем на вредности зашто полесно ни беше да се предадеме на „маалските мангупи”. На крајот, мафијашите, власта и народот си најдоа „разумен” компромис! Корупцијата и клиентелизмот станаа нивни заеднички именители и секој што на било каков начин се обиде да се спротивстави, беше ефикасно отстрануван. Никој од новокомпонираниве патриоти повеќе од деценија не собра храброст да отвори уста и да каже НЕ на најтешкиот криминал во нашата историја! Можеби биле зафатени со нивните ситни зделки, и сркале по малку од медот, или биле директно или индиректно подмачкувани како шрафови во машината на големите „бизниси”. Затоа оваа држава не може сама од себе и со сопствени сили да се оправи. Тоа е исто како да барате од крадец - сам да си суди за делото! Нам, за жал, изгледа ни треба помош и контрола од независни тела за воведување ред и поредок и почитување на законите. А тоа ќе значи крај за сите матни и сомнителни бизниси и крај за незаконските богатења.

Нашите предци сигурно не ни помислиле дека ги даваат животите за ова што го имаме денес. Тие сигурно не се бореле за мафија да не' манипулира и управува. И не се бореле за деценискиот молк на своите потомци за најголемиот криминал во нашата историја! И не ни сонувале дека ќе склучиме „разумен” компромис со криминалот!?

Никој на сила и без ваша волја не може да ве турне во ЕУ, за да им „слугувате” на правото, правдата и законите. Ако прво сами не расчистиме со криминалот овде дома, (што засега беше невозможно), тој бездруго ќе расчисти со сите нас! Можеме да се чукаме во патриотските гради колку сакаме, aма добро знаеме каква (пре)порака би ни дале нашите предци за нашата иднината, за иднината на оваа наша и нивна татковина. И таа препорака од нив секако ќе биде безусловна и најверојатно - последна!