За ЕУ е подобра регионална соработка отколку расцепкан Балкан | Економија | DW | 11.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

За ЕУ е подобра регионална соработка отколку расцепкан Балкан

Стопанската соработка на Балканот во голема мера и натаму ја ограничуваат замрзнатите судири и политичките несогласувања, оценува Владимир Глигоров, експерт од Виенскиот економски институт.

Paris Westbalkan Konferenz Delegationen am Konferenztisch (picture-alliance/dpa/E. Laurent)

Конференцијата за Западен Балкан во 2016 година се одржа во Париз

ДВ: На самитот во Трст, кој е дел од т.н. Берлински процес, ќе се разговара за поголема соработка меѓу владите и стопанствениците од балканските држави и заеднички настап на трети пазари. Не мал дел од стопанствениците оценуваат дека Балканот веќе 25 години ја нема разбрано пораката на ЕУ за регионална соработка. Каква е Вашата дијагноза за соработката во моментов?

Владимир Глигоров: Стратегијата на ЕУ, па и на голем дел на меѓународната заедница беше дека стопанската соработка ќе ја поттикне политичката нормализација, што се покажа како забавен процес. Практично ниеден од замрзнатите проблеми не е дефинитивно решен, и тоа ја ограничува регионалната соработка, како политичката, така и стопанската. Што е посебно важно - регионот не зборува со еден глас кога станува збор за европските интеграции. Така што, би можело да се каже дека стопанската соработка во голема мера и натаму ја ограничуваат замрзнатите судири и политичките несогласувања. Тука е уште и проблемот на затвореноста на стопанствата во регионот, во смисла на релативно мал удел на извозот во вкупното производство. Тоа се менува во последните десетина години, така што расте интересот како за зголемена соработка со ЕУ, така и за регионалната трговија и инвестиции. Конечно, бидејки станува збор за мали пазари, поголеми претпријатија не се присутни, па нема некоја голема соработка со цел да се настапи на трети пазари. За тоа би требало да се појават странски мултинационални компании, какви што во регионот главно нема.

Германија ги поддржува плановите на еврокомесарот Јоханес Хан за создавање заеднички економски простор во регионот. Има ли шанси идејата за заеднички пазар на балканските држави, ако се има во вид дека не сите земји се еднакво воодушевени од нејзе, и каде ги гледате најголемите проблеми за нејзина реализација?

Па ЦЕФТА беше создадена со таа цел. Така што, се работи за продлабочување на ЦЕФТА со либерализација на пазарот на трудот и на услугите. Исто така, примената на Спогодбите за стабилизација и придружување би требало да води кон хармонизација на регулативата со ЕУ и така и во ЦЕФТА. Не сум сигурен дека сите разбираат дека заедничкиот пазар на Балканот може да се создаде само во контекст на хармонизација на пазарите и регулативата со ЕУ. Ова е посебно важно за финансиските пазари, кои се опфатени со договорите со ЕУ. Регионалниот пазар може да се интегрира само во контекст на придружување со ЕУ. Ако на тоа се гледа така, тогаш регионалниот зеднички пазар би требало да го забрза процесот на хармонизација со ЕУ.

Vladimir Gligorov Ökonomen am wiiw (wiiw/J. Aust)

Владимир Глигоров

Силен промотор на идејата за т.н. царинска унија на Западен Балкан е српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој смета дека поголема економска интеграција ќе значи и поголем чекор на регионот кон ЕУ. Би се согласиле ли со тоа?

Треба да се разбере дека сите земји ќе ги преземат надворешните царини на ЕУ кога ќе станат членки на ЕУ. Оттука, постојат две можности. Прво, сите земји кандидати да ги преземат царините на ЕУ, значи да влезат во царинска унија со ЕУ, бидејки тоа е и така цел на евентуалното зачленување во ЕУ. Втора можност е да ги хармонизираат своите царински режими со трети земји – царините со ЕУ и така се главно елиминирани, освен Косово, каде што процесот е сѐ уште во рана фаза. Ова е проблем делумно и заради тоа што не се сите земји членки на Светската трговска организација. Тоа би значело дека земјите членки на царинската унија не би можеле да имаат спогодба за слободна трговија освен ако таква спогодба има царинската унија. Клучен проблем би била спогодбата за слободна трговија која ја има Србија со Русија и со Евроазиската унија во целост. Би требало или Србија да се откаже од таа спогодба или сите други членки на Балканската царинска унија би требало да имаат спогодба за слободна трговија со Русија и со Евроазиската унија. Ни едното ни другото не е реално. Така што, ако се сака забрзување на процесот на регионална интеграција преку создавање царинска унија, реално е тоа да биде царинска унија со ЕУ. Тоа би подразбирало Србија да се откаже од договорот за слободна трговија со Русија, но тоа и така ќе се случи со зачленувањето во ЕУ. Инаку, царинска унија на земји членки на ЦЕФТА не е реална.

За да се разговара за економски прашања, предуслов е политичка стабилност. Подготвен ли е Западниот Балкан политички за да може да направи чекор натаму?

Потребно е да се решат замрзнатите територијални и други проблеми. Тоа се однесува на Косово и на Република Српска. Така што, сѐ зависи од тоа дали е Србија подготвена за нормализација. Можеби би било реално да се најде мултилатерално решение - да се постигне регионална спогодба да не се менуваат границите и да се дојде до мултилатерално решение на сите замрзнати проблеми. ЕУ би можела да има голема улога во тоа со забрзување на процесот на интеграција. И со определени средства кои ќе се вложат во регионот, што е дел од Берлинскиот процес. Значи, некој вид Вестфалиско решение за балканските територијални проблеми и проблеми на идентитетите.

На Западен Балкан има експерти и стопанственици кои сметаат дека како регион е полесно да се чекори кон ЕУ, но и такви кои стравуваат дека регионалните унии од каков и да е вид може да значат затворање на земјите во регионални рамки, што ќе го отежне отворањето на вратите на Унијата. Како Вие гледате на ова прашање?

Клучна идеја би требало да е дека регионалната соработка ќе биде од поголем стопански и политички интерес за ЕУ отколку што е расцепканиот Балкан. Тоа би требало да ја потикне регионалната соработка во процесот на интеграција во ЕУ. Тоа би значело дека европските компании би имале зголемен интерес за овој регион, а би зајакнала и безбедноста и политичката стабилност на ЕУ. Тоа не значи дека земји како Црна Гора или Македонија, доколку се одмрзне процесот на преговори со ЕУ, би требало да ги чекаат другите земји. Иако сметам дека политичката нормализација на Балканот би ги забрзала и процесите во Србија пред сѐ. Според мое мислење, клучно е стопанската мултилатерализација да тече паралелно или дури да биде потикната од мултилатералната политичка нормализација, во која ЕУ треба да има активна улога.

Владимир Глигоров е економски експерт и политиколог на Виенскиот институт за меѓународни економски студии. и доцент на Универзитетот Виена. Тој е експерт за земјите од Балканот, особено Македонија, Србија и Црна Гора.

Реклама