1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Здружението „Иван Михајлов“ под лупа

ДТЗ
18 април 2022

Поранешната министерка, Рената Дескоска, вели дека се потребни измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање и критериуми кои имиња би биле забранети за употреба

https://p.dw.com/p/4A4ic
Nord-Mazedonien Skopje Justizministerium
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Викенд случувањата во Битола, каде висока бугарска делегација присуствуваше на отворањето на клуб при Културниот центар „Иван Михајлов“, и понатаму ја брануваат јавноста. Провокативните изјави на гостите од Бугарија наидоа на бројни критики во земјата, но остри реакции следеа и околу името на културниот центар „Иван Михајлов“- кој дозволил здружението да го користи името „Иван Михајлов“, за кој претседателот Стево Пендаровски оцени дека е „докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим, а некој се обидува да го претстави како мост на зближување меѓу двете држави“.

„Јавноста со право реагира. Се постави и прашањето околу тоа кој државен орган дозволил да се регистрира здружение под тоа име. Надлежен за регистрирање на здруженијата е Централен регистар“, вели поранешната министерка за правда, Рената Дескоска..

Таа во јавна објава на социјалните мрежи објаснува дека доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината - согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.

„Во 2019 година кога е регистрирано ова здружение, побарано е одобрение од Министерството за правда. Министерството тогаш не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов. Министерството за правда го известило и подносителот на барањето дека не може да даде согласност за употреба на името Иван Михајлов“, укажува Дескоска, која што го сподели негативниот одговор на Министерството за правда во однос на барањето.

Известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека немате согласност од надлежниот орган, децидна е таа. 

Законски измени

За случајот реагираше и историчарот Тодор Чепреганов. Тој во Студио 10 на ТВ24 порача дека државата не смее да се однесува како село без кучиња и треба да одговори кој дозволил да се регистрира бугарскиот културен клуб со име на контроверзна личност за македонската историја. Тој запраша зошто клубот е отворен токму во Битола и дали пробугарската струја е најсилна во Битола.

„Не можете да бегате од историските факти, тоа што било се случило, Бугарија била не само фашистичка, туку и нациофашистичка држава. Зошто Петков и неговата политичка свита вчера не отидоа да се извинат и да се поклонат на споменикот на 3.000 Евреи кои што беа депортирани од Битола, а дојдоа да се поклонат на отворање на културен клуб кој носи име Иван Михајлов“, вели тој.

Според Дескоска, токму овој случај покажува дека треба веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање на истите, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или не одобрување на употреба неговото име.

Во Министерството за правда веќе е започнат процесот за подготовка на предлог измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации. Со цел овозможување директно и суштинско учество на граѓанските организации во сите фази од процесите за подготовка на предлог-измените, а согласно начелата на транспарентност и отвореност, Министерството за правда ги повикува граѓанските организации да достават свои предлози за измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации. Рокот за доставување на предлозите е 26 април 2022 година.

Писмото од Битола

Здружението „Иван Михајлов“ доби одек во јавноста кога на 1 март 2021 година испрати писмо до бугарскиот државен врв, со апели од како што се наведува, „нивни сонародници во Македонија кои се соочувале со зачестени појави на нарушување на нивните права, поради фактот што се идентификуваат како Бугари“.

-повеќе на темата: Писмото од Битола ја крена Бугарија на нозе

Бугарскиот претседател Румен Радев потоа одржа средба со шефовите на безбедносните служби, барајќи да преземат „навремени мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани во странство кога тие се нападнати само поради нивната национална самосвест“.