Заев си оди доколку го загуби Скопје, СДСМ останува на власт | Северна Македонија | DW | 25.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев си оди доколку го загуби Скопје, СДСМ останува на власт

Премиерот Зоран Заев вечерва ја повтори најавата дека ќе си замине од владиното кормило доколку неговата партија загуби во вториот круг од локалните избори во Скопје.

Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen

Прес-конференција на премиерот Зоран Заев по првиот круг на локалните избори.

Пораз на Петре Шилегов во вториот круг од локалните избори во Скопје, ќе значи и заминување на Зоран Заев од владата. Премиерот вечерва во интервју за Сител ја повтори најавата дека поразот ќе значи и крај за неговото раководење на владата, но не и крај на владеењето на СДСМ. Заев вели дека владата ќе добие нов премиер од редовите на СДСМ по локалните избори.

„Не можете да бидете лидер и да водите напред, ако се случи да имате спротивставени локални власти. Седејќи дома граѓаните помагаат да се врати режимот“, порача Заев. 

Тој признава дека неговата порака е насочена кон мобилизација на граѓаните пред вториот круг затоа што не може да прифати да има „општини кои го шират национализмот, конзерватизмот и ги делат граѓаните на етничка основа“. 
„Скопје е влада во влада“, вели тој. 

Во првиот круг на локалните избори победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска, пред актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ, Петре Шилегов. Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ги освоија и поголемиот дел од општините во главниот град, а во вториот круг меѓу двете најголеми партии останува битка за Центар и Карпош. 

СДСМ ќе владее со стабилно мнозинство 

Заев не кажа кој планира да го замени на владиното кормило но вели дека тоа секако би бил кадар на СДСМ кој, заедно со коалициските партнери, зајакнат со зголемено мнозинство во Собранието, би го продолжил мандатот на неговата партија. 

Премиерот е против предвремени избори и објаснува дека следните 2,5 години треба да се искористат за развој на економијата. 

„Имаме неповторлива шанса овие 2,5 години да ги искористиме за економијата. Немаме отворени прашања со соседите, а верувам по завршувањето на изборите во Бугарија на 14 ноември, до првата седница на Генералниот совет на ЕУ на 14 декември, ќе ја добиеме првата меѓувладина конференција за почеток на пристапните преговори со ЕУ“.

DW.COM