1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев нема намера да чека до декември

БГ
2 ноември 2021

По бројните информации во медиумите дека премиерот Зоран Заев планира да ја одолговлекува најавената оставка до крајот на годинава, од неговиот кабинет демантираат.

https://p.dw.com/p/42UfT
Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen
Зоран Заев на прес-конференција со своите сопартијци од СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Зоран Заев нема намера да одолговлекува со поднесувањето оставка од државната и партиската функција, велат од неговиот кабинет по бројните информации во медиумите дека е постигнат некаков договор тој да остане на функцијата до декември годинава. 

„Не е точно дека планот на премиерот е да ја одолговлекува оставката до декември. Оставката е јасен чин на преземање одговорност“, одговараат од неговиот кабинет на барање на ДВ. 

На Заев, сепак, ќе му треба извесно време за да ги подготви и владата и партијата за неговото заминување. Дали и кога точно ќе ја поднесе оставката до претседателот на Собранието, Талат Џафери засега не е познато.
Од владата не ги коментираат информациите дека во декември постои можност за пробив во спорот со Бугарија и можно отворање на преговарачкиот пат со ЕУ. Самиот Заев спомена таква можност при најавувањето на оставката на изборната ноќ во неделата, на 31 октомври. 
„Лани добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и верувам дека имаме шанси да отпочнеме преговори за неколку месеци“, рече Заев во неделата. 

Извори на ДВ велат дека шансите за пробив во преговорите со Софија се, сепак, многу мали и не веруваат дека тоа би било причина за Заев да остане уште некој месец на функцијата.  

Кординација во Владата и партијата  

Причината што одлуката на премиерот и лидер на СДСМ се уште не е официјализирана тие извори ја гледаат во потребата најпрво да се испеглаат односите со коалициските партнери во владата, а потоа и да започнат промени во партијата. Засега проблем е инсистирањето на ДУИ Заев да остане на функцијата по секоја цена, но и неусогласеноста околу тоа кој би можел да го наследи на премиерската функција, за што има различни гледишта, па и отпор за одредени имиња, и кај помалите партнери. 

Дека Заев дефинитивно заминува деновиве потврди и лидерот на Либерално демократската партија (ЛДП), Горан Милевски во гостување на „Утрински Брифинг“. 

„Оставката е дефинитивна, нема сомнеж и нема што тука да се дебатира. Ние тоа го знаевме, бидејќи тоа ни беше најавено од него уште по првиот круг“, рече Милевски.

Засега нема никакви најави за тоа кој би можел да го замени Заев на владината или на партиската функција. Единствено германскиот весник ФАЦ ја лиферуваше можноста на чело на владата, како технички премиер, да застане актуелниот вицепремиер за европски интеграции Никола Димитров.