Заев без план „Б“ поддржува компромис со Бугарија | Северна Македонија | DW | 16.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев без план „Б“ поддржува компромис со Бугарија

Заев оптимист дека ќе се најде решение со Бугарија, а оптимистички пораки испрати и бугарскиот премиер Борис Борисов кој на разговорите со Меркел ја поддржа земјата на патот кон ЕУ. За Радев нема компромис со историјата.

„Да не постоеше Гоце Делчев, ќе требаше да го измислиме за да биде мост на пријателството меѓу двете земји“ порача премиерот Зоран Заев, додека во Северна Македонија и во Бугарија се очекува исходот од дводневните разговори во Скопје на заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања, која се одржа по пауза од речиси една година. Деталите од состанокот на историчарите се најавени за попладнево.

Премиерот е оптимист дека македонско-бугарската Мешовита комисија за историски прашања ќе успее да најде решенија и оцени дека вчерашниот состанок поминал позитивно. Заев вели дека сме мал регион и меѓусебно сме историски поврзани, поради што е неопходно да бидеме паметни за заедничката историја од минатото да нè прави поголеми пријатели, а не да нè разделува.

Премиерот порача дека целиот македонски народ е позитивен кон бугарскиот народ и обратно, па верува дека бугарскиот премиер Бојко Борисов сака да продолжи да помага на процесите на интеграцијата на Западен Балкан.

Запрашан дали државата има план Б ако во декември не почнат преговорите за членство со ЕУ, Заев вели: „Во моето скромно политичко искуство како претседател на Владата не разработувавме никогаш план Б, бидејќи тогаш би значело дека се откажуваме од планот А. Не сакам да разговарам за план Б, мора да успееме“.

Борисов со поддршка на евроинтеграциите

Оптимистички пораки во меѓувреме пристигнаа и од Бугарија. „Со канцеларката на Германија, Ангела Меркел, ги поддржуваме земјите од Западен Балкан на пат кон ЕУ. Бугарија ќе продолжи да работи активно во оваа насока за време на нашето заедничко претседателство со Република Северна Македонија на Берлинскиот процес“, напиша на својот фејсбук-профил бугарскиот премиер Бојко Борисов кој се наоѓа во Брисел, на Самитот на ЕУ.

Слична порака Борисов му пренесе и на министерот за надворешни работи Бујар Османи минатата недела на средбата во Софија, кога рече дека должност е за сегашните и за идните генерации да се осигура дека во никој случај Република Северна Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан нема да бидат запрени на патот кон ЕУ.

Bulgarien Boiko Borissov, Premierminister & Rumen Radev, Präsident

Румен Радев и Бојко Борисов на различни позиции за историскиот спор на Бугарија

Посетата на Османи е претходница на средбата на премиерите Заев и Борисов, која што треба да се случи пред 10 ноември, а за која македонскиот премиер вчера изјави дека „не ја крие желбата, сака да ја посети Бугарија“.

Заев денеска изрази оптимизам дека несогласувањата со Бугарија ќе бидат решени и дека до крајот на годината ќе се одржи меѓувладината конференција со ЕУ.

Политичко решение, но без компромиси со историјата и јазикот

Се огласи и бугарскиот претседател Румен Радев, според кого, треба да се најде политичко решение, но не може да се прават компромиси со историјата и јазикот или со барања за национални малцинства.

„Членовите на бугарско-македонската комисија се професионалци, тие ќе ја бараат и бранат, како и досега, историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака до нив е дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитување на нашиот идентитет и јазик“, рече Радев.

Тоа, според него, првенствено е одговорност на земјата – кандидат за членство во ЕУ, пренесува БГНЕС. „Секогаш има простор за компромиси, но тие не можат да се прават со историја, идентитет и јазик, или со барање за националните малцинства“, нагласи Радев.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама