Заглавени меѓу „Јавна соба“ и „Бавната соба“ на институциите | Северна Македонија | DW | 17.02.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заглавени меѓу „Јавна соба“ и „Бавната соба“ на институциите

Платформата за родова еднаквост реагира на бавноста во постапувањето на институциите. Од МВР велат дека завршило вештачењето на одземените телефони и компјутери

„Работите околу случајот ‘Јавна соба' не мрднуваат од место. Ни се фрлаат трошки, се прави привид дека нешто се презема, а всушност нема ништо“, реагираат од Платформата за родова еднаквост - мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост. Незадоволството од таквите состојби е причината поради која денеска одржуваат прес-конференција пред Министерството за внатрешни работи. Бидејќи сѐ уште чекаат надлежните институции да преземат конкретни мерки за санкционирање на сите сторители во случајот „Јавна соба“, решени се да упатат конкретни барања до министерот Оливер Спасовски, со рок за исполнување.

„Очекуваме барем до Осми март да започне постапка против сторителите. Не само пред МВР, за ова ќе одржиме прес-конференција и пред Основното јавно обвинителство. Бараме да има кривичен прогон за случаите во кои жртвите се полнолетни. Бараме прочистување во полицијата, со оглед дека има информации оти и полициски службеници се сторители на насилство. Бараме санкции за полициски службеници кои не постапувале, или несоодветно постапувале по пријави за насилство. Мора да се знае како биле третирани тие што пријавиле, и зошто дел од жртвите се обесхрабруваат и не пријавуваат“, потенцираат од Платформата за родова еднаквост.

Завршено вештачењето во МВР

Под паролата „Јавна соба е кривично дело“ пред две седмици се одржа протестен марш организиран од Платформата за родова еднаквост, на кој исто така беше изразено разочарување од непостапувањето на институциите за случајот во кој безброј жени се жртви на родово базирано насилство. Организаторите побараа институционална заштита на жртвите и итно процесирање на случајот од страна на Обвинителството.

Nordmazedonien Proteste gegen sexuelle Gewalt gegen Frauen in Skopje

Од протестот поради случајот „Јавна соба“ во Скопје пред две недели

Што се смени во меѓувреме? Од Министерството за внатрешни работи велат дека завршило вештачењето на компјутерите и телефоните на лицата приведени за овој случај.  

„Министерството за внатрешни работи го достави материјалoт, дел од него и во текот на денешниот ден, во врска со случајот ‘Jавна соба' до надлежните обвинителства за натамошно постапување. Во врска со случајот ‘Јавна соба' беа приведени четири лица од кои без одземени мобилни телефони и лаптоп компјутери кои беа предмет на вештачење на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Вештачењето е завршено и материјалот е доставен до надлежните обвинителства за натамошно постапување.Групата ‘Јавна соба' беше затворена од страна на платформата ‘Телеграм', а Секторот за компјутерски криминал постапува за детектирање на други лица кои беа членови на оваа група, но и членови на нови помали групи кои се формираа по затворањето ‘Јавна соба'. Исто така, по наредба на јавното обвинителство беше постапено и беа приведени две лица во врска со минатогодишниот случај ‘Јавна соба', и ним им е одредена мерка притвор“, вели портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Јавна свест и законски измени

Особено незадоволство потикнува фактот дека првиот случај беше обелоденет уште минатата година, а сѐ уште се наоѓа во предистражна постапка во Обвинителството. Организациите кои се вмрежени во Платформата за родова еднаквост велат дека доцнењето на инстутуционалните постапки е скандалозно, и само дополнително ги охрабрува сторителите. Особено во случај кога не може да се зборува за една или две жртви туку за стотици, кои бараат да бидат заштитени, а сторителите санкционирани.

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во неодамнешниот разговор за ДВ, ја потенцираше сложеноста на процесите во кој е неопходна меѓународна правна помош, како што е случајот „Јавна соба“, но укажа и на потребата од измени и дополнување на Кривичниот законик.

„Со употребата на технологијата, интернет комуникацијата, со глобализацијата, се јавуваат и нов вид на кривични дела кои претходно не сме биле ниту во можност да ги предвидиме. Затоа ги поддржувам предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување“. Од не помало значење е и јакнењето на јавната свест и големата улога на медиумите. Јавноста треба да биде едуцирана за потребата од заштита на сопствената приватност и приватноста на други лица и штетата која се нанесува на оштетените жртви преку вакви дејствија, објавување  на нивни фотографии во сексуален контекст, особено кога станува збор за малолетни лица. Јавната свест е значајна и за охрабрување на граѓаните навремено да ги пријавуваат ваквите кривични дела, со што се обезбедуваат докази за откривање и казнување на сторителите и за ефикасен кривичен прогон“, порача Републичкиот јавен обвинител.