1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестен марш против „Јавна соба“ во Скопје

ДТЗ /ДВ
3 февруари 2021

Разбуди се ОЈО, додека жените не се слободни сите сме заробени - порачаа учесниците на протестот, упатувајќи апел до Обвинителството да не спие

https://p.dw.com/p/3oq6m
Nordmazedonien Proteste gegen sexuelle Gewalt gegen Frauen in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Јас сум Марта Гусар, адвокатка, но и жртва на „Јавна соба". Мојот службен број беше споделен во оваа група, како што напишале ’за дискретни средбички’. Откако се случи тоа да мојот број се најде во оваа друга, во првите два часа не можев да се соземам дека тоа мене ми се случува, а може да му се случи секому. Пријавив веднаш со сликање на екранот од пораките кои ги добивам, како и испраќање на фотографии и броевите кои ми пишуваа. Пријавив за сексуално вознемирување“, го сподели своето негативно искуство на социјалните мречи адвокатката Марта Гусар со присутните на денешниот протестен марш кој беше организиран во Скопје, а на кој беше побарана правда за жртвите и санкции за „демначите“.

Nordmazedonien Proteste gegen sexuelle Gewalt gegen Frauen in Skopje
На протестот беше побарана правда за жртвите и санкции за „демначите“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Учесниците на протестот, организиран како поддршка за жртвите на „Јавна соба“, кој започна пред МВР, а продолжи пред Основното јавно обвинителство во Скопје, носеа транспаренти со пораки : „Држава што угнетува е држава што силува", „Јавна соба е кривично дело", „Ти не си виновна", „Полицајците треба да не штитат“. Разбуди се ОЈО, додека жените не се слободни сите сме заробени - порачаа учесниците на протестот, упатувајќи апел до Обвинителството да не спие, туку да си ја врши работата. 

„Јавна соба“ не е забава, туку кривично дело

Протестот почна пред зградата на Министерството за внатрешни работи и заврши пред зградата на Основното јавно овинителство во Скопје. Адвокатката Марта Гусар којашто е вклучена во борба на жртвите на родово базирано насилство, пред учесниците на маршот рече дека и самата била жртва на „Јавна соба". „Како адвокат си ги знам своите права како да се заштитам, но не секој може да се заштити и да постапи на ист начин како јас. Со оглед дека за 2 часа се најдоа сторителите, се најде кој го споделил бројот во таа група, апелирам до сите институции да имаат еднаков третман и за неуките странки и лаици, така и со оние кои ги знаат своите прави“, истакна таа на протестот кој го организираше Платформата за родова еднаквост.

-повеќе на темата: Институциите се соучесници во „Јавна соба“

Според Гусар, една од работите коишто мора да се знаат е дека „Јавна соба" не е забава, туку е класично кривично дело и треба да се третира како такво.

Nordmazedonien Proteste gegen sexuelle Gewalt gegen Frauen in Skopje
„Јавна соба“ е доказ дека насилството врз жените има институционална форма, , сметаат учесниците на протестотФотографија: Petr Stojanovski/DW

„За да им ја направиме забавата поголема во „Јавна соба", апелирам сите жртви да пријават сексуално вознемирување. Да ги меморираат телефонските броеви со самиот телефонски број и со имиња и презимиња. Секое пријавување не е пријатно чувство ниту состојба, па да видиме дали ќе им биде се уште забава", порача адвокатката.

Доста е молк 

Дагана Дрндаревска од Коалиција Маргини. смета дека „Јавна соба“ е доказ дека насилството врз жените има институционална форма и тоа се спроведува од страна на институциите со молк. „Насилството врз жените не е личен проблем на секоја жена, туку ваша обврска. Не ни требаат ветувања и уверувања. Ни требаат санцкионирани сторители и правда и поддршка за жртвите. Бараме да си ги исполните обврските за кои земате плата секој месец, бараме да постапувате согласно правото, а не според лични убедувања поттикнати од непотизам и корупција“, рече таа. Учесниците на маршот побараа санкции за секој полициски службеник кој нема да постапи согласно Закон, ќе ја обвини жртвата или тој самиот ќе стори насилство врз жена.

-повеќе на темата: Телеграм ја затвори „Јавна соба“, полицијата уапси дел од членовите

Пред МВР се обрати и 28-годишната Ана од Кавадарци, девојката која се осмели јавно да проговори за злоупотребите во групата „Јавна соба“ на Телеграм. Таа рече дека она што и се случило нејзе, не е единствен случај, туку глас и на сите претходни девојки и жени кои го имале истото искуство. Таа минатата недела имаше средба со министерот за правда Бојан Маричиќ, кој притоа најави дека се изготвени законските измени со кои се воведува и ново дело „демнење“ за кое е превидена парична и казна затвор до три години, со цел да се спречат вакви злоупотреби во иднина. 

Nordmazedonien Proteste gegen sexuelle Gewalt gegen Frauen in Skopje
„Не ни требаат ветувања и уверувања. Ни требаат санцкионирани сторители и правда и поддршка за жртвите“, порачаа на протестотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во интервју за Дојче веле се согласи дека има потреба од измени и дополнување на Кривичниот законик во однос на овој случај, односно потребно е законодавството да го следи современиот развој, но и развивање на соработката со надлежните странски органи. „Со употребата на технологијата, интернет комуникацијата, со глобализацијата, се јавуваат и нов вид на кривични дела кои претходно не сме биле ниту во можност да ги предвидиме. Затоа ги подржувам предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување“, изјави Јовески.

-повеќе на темата: До три години затвор за демначите на социјалните мрежи 

Пред една година за прв пат беше обелоденет во јавноста случајот за групата „Јавна соба“, за кој од јавното беше соопштено дека за тој случај се уште се води предистражна постапка. Сопственикот и администраторот на групата тогаш беа идентификувани од страна на МВР. Случајот се актуелизираше повторно деновиве, кога беше обелоденето дека на социјалната мрежа над 5.600 членови во групата споделуваат експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. МВР ја затвори групата, но веднаш се појавија неколку нови. 

МВР со нови детали

Од МВР велат дека ги поддржуваат барањата на граѓаните во однос на „Јавна соба“. Веќе се приведени четири лица, извршени се претреси, одземени се телефоните кои се вештачат и коишто ќе бидат предадени на Јавното обвинителство. 

Nordmazedonien Proteste gegen sexuelle Gewalt gegen Frauen in Skopje
Од МВР велат дека ги поддржуваат барањата на граѓаните во однос на „Јавна соба“Фотографија: Petr Stojanovski/DW


„Воедно, идентификуваме и детектираме дополнителни лица коишто биле дел од ‘Јавна соба’. Сакам да уверам дека неселективно постапуваме кон сите што се детектираат и идентификуваат и ќе биде спроведена постапка со цел да се обезбедат докази и да се достават до Јавното обвинителство“, вели министерот Оливер Спасовски.