Загадениот воздух е најголема опасност за здравјето на Европејците | Панорама | DW | 29.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Загадениот воздух е најголема опасност за здравјето на Европејците

Загадувањето на воздухот во Европа е и натаму големо, покажува извештајот „Квалитет на воздухот во Европа 2018“ на Европската агенција за животна средина.

Европската агенција за животна средина (ЕАА), со седиште во Копенхаген, во извештајот за квалитетот на воздухот наведува дека загадувањето на воздухот е главна причина за предвремената смрт во 41 европски земји. Заклучокот се изведува врз основа на податоците од над 2500 мерни станици во цела Европа во 2016 година. И покрај напредокот, граничните вредности поставени од Европската унија и Светската здравствена организација се пречекоруваат на многу места.

Повеќе: Балканот е светски првак во загаденост

Научниците заклучуваат дека во 2015 година 442.000 смртни случаи биле поврзани со загадувањето на воздухот. Од нив, 391.000 се регистрирани во 28-те членки на ЕУ. Како главни причини за загадувањето се наведуваат ситната прашина, азот диоксидот и озонот. Тие предизвикуваат проблеми со дишењето или истите ги влошуваат, а причина се и за заболувања на крвотокот, или за рак, со што доведуваат до предвремена смрт, соопшти ЕЕА.

Сообраќајот е главен виновник

Загадувањето на воздухот се должи пред сѐ на сообраќајот, произведувањето енергија, земјоделството, индустријата и приватните домаќинства. „Емисиите на штетни гасови од сообраќајот се често полоши од емисиите од други извори“, објаснува директорот на ЕЕА, Ханс Бранинкс. Штетните гасови од сообраќајот се испуштаат близу до почвата и со тоа се во најнепосредна близина на луѓето. „Затоа е важно Европа да прави уште посилни напори за намалување на емисиите на гасови од сообраќајот, од произвдоството на енергија и од земјоделството и овие сфери да ги направи почисти и поодржливи.“

Повеќе: Загадениот воздух убива седум милиони луѓе годишно

Загадувањето на воздухот има и големи економски последици, затоа што значи зголемени трошоци за медицинска нега, како и помала економска продуктивност поради поголем број боледувања. Освен тоа, загадениот воздух влијае и врз еко-системите, со тоа што им штети на почвата, шумите, езерата и реките и ги намалува приносите од земјоделството. ЕЕА наведува дека поострите прописи во делот на загадувањето на воздухот и подобрените стандарди во делот на емисиите на издувни гасови од автомобилите, од индустријата и од производството на енергија, од 1990 година до денес ги имаат преполовено бројот на предвремени смртни случаи.

DW.COM

Реклама