Завршница на судењето на Ратко Младиќ | Свет | DW | 05.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Завршница на судењето на Ратко Младиќ

Во наредните десетина денови обвинителството и одбраната на Ратко Младиќ ќе ги изнесат завршните аргументи.

Судскиот совет на Хашкиот трибунал на 16 август го затвори процесот на презентирање на доказите на одбраната на Ратко Младиќ, а на почетокот на декември (од 5 до 12), закажа седница на која обвинителите и адвокатите на воениот командант на Главниот штаб на армијата на Република Српска ќе ги изнесат завршните аргументи. Терминот на седницата, како и процедуралната форма неодамна беа прецизирани: претставниците на обвинителството од денес и во наредните три денови ќе ги образложуваат доказите и аргументите за точките според кои Младиќ е обвинет за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војувањето. По еднодневна пауза, во петок, 9 декември, адвокатите на обвинетиот ќе почнат да ги изложуваат главните точки на одбраната и нивното излагање ќе продолжи во првите два дена од следната недела. Обвинителите и одбраната потоа, на 15 декември, ќе имаат уште час и половина за да одговорат на прашањата кои ќе си ги постават едни на други. Ова ќе биде претпоследниот чин на ова судење кое ќе заврши со изрекување на пресудата, како што е предвидено, на крајот на следната година.

Двоен геноцид и „Томашиќ“

Обвинетиот Ратко Младиќ е во „притворската единица“ на Обединетите нации веќе пет и пол години. Тој беше уапсен во мај 2011 година, по шеснаесет години во бегство. Тој е обвинет за геноцид во повеќе општини во Босна и Херцеговина извршени во првите години по почетокот на војната во 1992 година, а особено за геноцидот во Сребреница во јули 1995 година. Во процесот на докажувањето на вината на поранешниот командант на главниот штаб на армијата на Република Српска кој започна на 16 мај 2012 година, обвинителите на Хашкиот трибунал испитаа 172 сведоци и презентираа 7.500 докази и документи. Одбраната на Младиќ  изведе 208 сведоци и во судските записи внесе над 2.000 документи.

Aushebung eines Massengrabes in Bosnien und Herzegowina (Reuters)

Откопување на масовната гробница Томашица во БиХ

Во летото минатата година, на обвинителите им беше одобрено да отворат претходна постапка која заврши во февруари 2014 година, со цел да се изведат докази за масовната гробница „Томашица“ во близина на Приједор. Гробницата беше откриена во 2013 година и беа ексхумирани жртви од периодот на војната. Откривањето на гробницата се случи година и пол по отпочнувањето на судењето на Младиќ.

Истражувањата открија дека од гробовите „Томашица" и „Јакарина коса“ се ексхумирани посмртни останки на 712 жртви, главно муслимани. Во експертскиот извештај, специјално подготвен за понатамошна доказна постапка, демографот Ева Табо истакна дека лицата кои се закопани во „Томашица“, како и оние кои биле пренесени во секундарната гробница „Јакарина коса“, во најголем дел биле убиени од зад грб и дека тие се жртви на „насилна смрт во кампањата за етничко чистење на општина Приједор".

Со одобрувањето на дополнително испитување за тужителите, Судскиот совет заклучи дека „Томашиќ“ е еден од доказите за злосторствата извршени во општините Кључ, Котор Варош, Приједор, Сански Мост, Фоча и Власеница кои во 1992 година го достигнале нивото на геноцид.

Младиќ е обвинет за уште два злосторнички потфати: за артилериски и снајперски терор над граѓаните на Сараево за време на војната во Босна и Херцеговина и за земање во заложништво на припадници на мировните единици на ОН.

Забелешките на одбраната на Младиќ

Пред затворањето на доказната постапка на одбраната во август минатата година, адвокатите на Младиќ на Судскиот совет во сите расположливи инстанци на Хашкиот трибунал им поднесоа бројни жалби, барања и приговори. Основното тврдење на адвокатите Бранко Лукиќ и Миодраг Стојановиќ е дека нивниот клиент, Ратко Младиќ, е изложен на нефер судење и пристрасност. За тоа го обвинија Судскиот совет и мнозинството судии и бараа нивна дисквалификација и изземање од процесот.

Mann blickt Fahndungsplakate Radovan Karadzic und General Ratko Mladic in Sarajevo

Хашкиот трибунал долго го очекуваше пристигнувањето на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ

Прво, во јули, сите во Хашкиот трибунал беа обвинети за "системска пристрасност" и побараа промена на претседателот на судскиот совет кој му суди на Младиќ, холандскиот судија Алфонс Ори и членот на Советот Кристоф Флуехо и суспендирање на процесот. Тие истакнаа дека овие судии веќе го прогласиле Младиќ за виновен во претходните процеси и дека не ја почитувале пресумпцијата на невиност на обвинетиот на што се обврзани.

Адвокатите на одбраната истовремено ја ставија под сомнеж и објективноста на тројца од петте членови на Жалбениот совет, бидејќи тие беа судии во други процеси каде што Младиќ е имплицитно осуден. Барањата за изземање беа отфрлени со образложение дека одбраната на Младиќ не обезбедила убедливи аргументи и докази за нивната пристрасност.

По десет дена ќе бидат исцрпени сите правни механизми кои обвинителите и одбраната можат да ги изнесат пред Судскиот совет, а потоа судиите ќе се повлечат и во серија на состаноци и дискусии ќе ја донесат конечната одлука. Најмалку една година ќе биде потребна да се анализира она што беше кажано во доказната постапка на обвинителството и одбраната. Пресудата – како што покажаа неколку други завршени судски процеси во Хашкиот трибунал - зависи во голема мера од тоа колку обвинителството и одбраната биле професионални, темелни и посветени на нивната работа.

DW.COM

Реклама