Заборавените албански деца во Сирија | Свет | DW | 24.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Заборавените албански деца во Сирија

Повеќе од 50 деца од Албанија беа однесени насилно од нивните родители, кои и` се приклучија на Исламска држава во војната во Сирија. Борбата на семејствата за нивно враќање во Албанија и натаму трае.

Од 2014 година Миде Думани носи само црно. Во јануари истата година, нејзиниот сопруг, радикален исламист, тајно заминал во Сирија и ги зел со себе нивните две малолетни деца. Тие се вклучиле во војната на страната на Исламска држава. Мажот, наводно, починал за време на борбите, оставајќи ги децата сираци. Ева и Ендри Думани се само две од 52 албански деца кои се заробени во сириските кампови, каде се наоѓаат жените и децата на поранешните странски борци на терористичката Исламска држава.

„Дали постои поголема загриженост за мајка која не знае што јадат нејзините деца, пијат... каде спијат, престојуваат…“, вели Миде Думани, мајката на Ева и Ендри.

Бабата на децата, мајка на таткото, Менти Думани, подоцна заминала во Сирија и ветила дека ќе се грижи за нејзините внуци. Таа, исто така, починала месецов. „Тие се исплашени: 'Мамо, кога ќе не земе владата од тука?' Прашуваа постојано во последните 9 месеци“, раскажува Миде Думани.

	Nord Syrien Kinder im Camp Al-Hol Camp (picture-alliance/dpa/M. Alleruzzo)

Кампот Ал-Хол во североисточна Сирија, каде курдските вооружени сили ги држат заробени семејствата на странските борци на ИД

Ева Думани се јавува на своето семејство секогаш кога ќе најде телефон во кампот. Последен пат таа  во телефонскиот разговор од кампот Ал-Хoл во Сирија,  со роднините во Албанија имаше голема молба за нив :

„Вујче Џетан, не ни се јавувај  на телефоните на други луѓе, бидејќи тие се вознемируваат. Почекајте јас да се јавам. Ќе останеме тука додека владата не дојде и не нѐ земе. Не се мешајте во други работи. Само почекајте да се вклучи албанската влада. На овој начин, не се вознемирувате ни вие, ниту ние.“

Повеќе:

-Зошто Ламија К. си ги одведе децата во „Исламската држава“?

-Како Косово постапува со повратниците од Исламска држава

-Што со припадниците на Исламска држава вратени во Германија?

Напорите на семејството на Миде беа огромни. Но, безуспешно. Никој не го слуша нивниот повик за помош.

„Ние бевме во постојан контакт со сите институции. Само празни ветувања. Ние комунициравме приватно на сите можни начини. Кампот не прифаќа преговори со семејството, само со владини институции “, објаснува Агим Ндреѓони, вујкото на Ева и Ендри.

ДВ побара официјална изјава од кабинетот на албанскиот премиер и од министерството за внатрешни работи во Тирана. Не доби никаков одговор досега.

Семејствата, кои се наоѓаат во слична ситуација како Миде  одржаа протест, барајќи од владата да ги врати нивните деца дома.

„Донесете ги моите деца тука, во нивното семејство. Не само моите деца, туку и сите албански деца. Тие се ангели. Тие се невини “, апелираше Миде Думани.

Собирот во Тирана се одвиваше мирно, но полицијата на крајот го забрани протестот, поради мерките поврзани со пандемијата на коронавирусот. За Миде Думани и други како неа, борбата за нивните деца продолжува.

Поврзана содржина

Реклама