Жолтото комбе го доведе Мијалков на суд | Северна Македонија | DW | 05.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Жолтото комбе го доведе Мијалков на суд

Четири поранешни функционери во УБК се товарат дека го оштетиле буџетот при набавки на опрема за МВР преку фирма посредник. Меѓу нив е и набавката на специјалното комбе за таен видео и аудио надзор.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef (DW/P. Stojanov)

Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Гордана Јанкуловска, поранешна министерка за внатрешни работи

Злоупотреба на службената положба и овластување при набавка и на електронска и комуникациска опрема за УБК и набавки за нејзино одржување, со која е прибавена имотна корист, односно предизвикана штета за буџетот од 35.488.0249 денари. Под ова обвинение од СЈО во предметот „Трезор“, денеска во Кривичниот суд треба да започне судењето во кое првообвинет е Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Второобвинет е Горан Грујевски, поранешен началник на Петтата Управа во УБК, кој сѐ уште е во екстрадициски притвор во Грција, третообвинет е Небојша Стајковиќ поранешен помошник-министер во одделот за информатика и телекомуникации во МВР, и Тони Јакимовски, поранешен началник на одделот за координација и поддршка во УБК.

Тие се товарат дека од јули 2010 до крајот на 2012 година преку набавка на електронска и комуникациска опрема за УБК и набавки за нејзино одржување прибавиле имотна корист за фирмата ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, преку која ги извршувале набавките на опремата и услугите од британската компанија „Гама“. Прв директор на „Финзи“ од 19.8.2009 до 3.2.2011 година бил Владислав Стајковиќ, брат на третообвинетиот Небојша Стајковиќ, а последен директор - Коста Крпач, кој во април 2016 година беше пронајден застрелан во неговиот дом.

Како основач на ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ од Скопје е запишано правното лице „Финзи“ ДОО од САД, кое според обвинението воопшто не постои како правно лице во регистерот на правни лица во САД. Од друга страна, британската фирма „Гама“ е позната како производител на шпионскиот софтвер ФинФишер, а нарачатели и купувачи на таква опрема можат да бидат држави и влади, но не приватни компании. Тоа значи дека „Финзи“ и не можела да ја купи опремата како посредник, ако зад неа не стоела гаранција од државата. Едно од прашањата што треба да се одговорат во судската постапка, е зошто била потребна фирма-посредник, кога МВР во еден наврат веќе извршила директна набавка на дел ваква опрема од британската фирма?

Фамозното комбе

Според обвинението, „Финзи“ во повеќе наврати набавената опрема му ја препродавала на МВР, фактурирана по многу повисоки цени од набавните. По првата набавка реализирана преку „Финзи“ во јули 2010, следела нова во декември 2011 година, со образолжение дека УБК има потреба и од дополнителна опрема, за која биле предвидени и трошоци за обука. Во јуни 2012 година бил побарано ново доопремување на основната опрема со барање за „подвижен видео надзор“. Тогаш било набавено и специјално возило (комбе) за кое покрај стандардната опрема, нарачателите од УБК во спецификацијата побарале и дополнителна: тоалет, плус две седишта, специјални заштитни стакла, видео сервер, видео модем, неколку монитори, стабилизатор на слика, контролен приемник, тетра радио, антена-преклопник, специјални батерии, засилувачи на сигнали и звук и цел сет други технички средства кои требало да овозможат и поширок и таргетиран аудио, видео и фото надзор! Комбето било опремено да функционира 24/7, а од него можело да се снима, слуша и фотографира од мали и непосредни дистанци - со паркирање до кафулиња, ресторани, станбени објекти, државни институции, партиски штабови, дипломатски претставништва, судови...

Повеќе:

Опседнатоста на Груевски со „жолтото комбе“ не била случајна?

И „тајните набавки“ на МВР бараат процедура и контролни механизми

Прв што спомна постоење на возило за таен видео и аудио надзор беше поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на прес-конференцијата одржана на 31 јануари 2015 година, кога ја обелодени кривичната пријава за „Пуч“.

„Откако Заев почна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема утврди дека повремено на различни локации, главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушување и снимање телефонски разговори, користејќи мобилна опрема чија локација постојано се менува, а функционира по принцип на клонирање на базни станици. Локацијата на снимањето се менувала во радиус од околу два километра, но, главно, се одвивала низ центарот на Скопје, околу државните институции“, обвини Груевски пред три години.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski (DW/P. Stojanovski)

Никола Груевски беше прв што спомна постоење на возило за таен видео и аудио надзор

Сервис нема, плаќање-да!

Според обвинението, од јули 2014 до крајот на 2015 година имало и нарачки за одржување и сервисирање на опремата, и покрај тоа што во тој период таа веќе била нефункционална, односно и софтверски и хардверски застарена. Но, иако „Финзи“ не ја ни извршило оваа набавка, МВР месечно и авансно плаќало за „услугата“.

А според она што го утврдила истрагата во однос на опремата, дури и во периодот кога била функционална, таа се користела со големи тешкотии поради недостиг на едуциран кадар, и покрај тоа што дел од вработените во УБК биле испратени на обука во Минхен. Во периодот додека функционирала, според она што било побарано во набавките, таргет на следење биле мобилни телефони, компјутери и други комуникациски и електронски алатки.

DW.COM

Реклама