ЕУ и владеење на правото - доцно будење | Свет | DW | 30.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ и владеење на правото - доцно будење

ЕК поднесе прв извештај за владеење на правото во 27 земји-членки. Оценка е дадена првенствено за слобода на медиумите и независност на судството. Посебна загриженост предизвикуваат состојбите во Полска и во Унгарија.

Објаснувањето кое го даде еврокомесарката Вера Јурова (на насловната фотографија) околу критериумите според кои е оценувано владеење на правото во сите 27 земји-членки на ЕУ, звучеше речиси дефанзивно. Намерата е правовремено именување на проблемите, станува збор за превентивен механизам. Извештајот е објективен, сите држави се оценувани според исти мерила, постојат негативни, но и позитивни согледувања, изјави таа.

Стремеж кон транспарентност

Комисијата очигледно сака да избегне привид на политичка пристрасност. Во сите земји-членки соработниците на ЕК разговарале со јавни служби, парламенти, претставници на цивилното општество, професионални организации, заради градење оценка. 

Во овој прв извештај за владеење на правото во фокусот се четири области: слобода на медиумите, сузбивање на корупцијата, општествен плурализам и функционирање на судството. „Израсната сум во авторитарна држава, каде рамноправноста пред законот беше само илузија, а правото го изрекуваше политички избрано правосудство", изјави меѓу другото Јурова, по потекло од поранешна комунистичка Чехословачка.

Станува збор за ограничување на моќта на владите, поделба на власта, рамноправност пред судовите и други основни принципи на кои почива вредносниот систем на ЕУ. „Отсуството на правна држава има конкретни последици", истакна еврокомесарката.

Полска

„Правосудните реформи во Полска од 2015 година наваму се главна причина за контроверзите во земјата, како и во ЕУ, и претставуваат повод за сериозна загриженост", критикува Комисијата. Влијанието на егзекутивата, односно политиката, постојано расте и ја слабее независноста на судството. Поведени се две постапки за повреда на Европските договори од страна на ЕУ и поднесени повеќе тужби пред Европскиот суд. 

Polen Protest

Од почетокот на реформите во правосудството во Полска има протести

Структурни слабости се констатирани и кај антикорупциските служби, а постои сомнеж и во независноста на медиумите. Недостига транспарентност околу сопственичките односи во медиумите. Заслабен е и системот на демократски баланс, на пример опозицијата и засегнатите професионални здруженија не се вклучени во процесот на носење закони.

Унгарија

Листата на критични точки кај Унгаријае опширна: одамна причина за загриженост е независноста на судството, на пример при именувањето на врховни судии. Во борбата против корупција недостигаат независни контролори, а тесните врски меѓу политиката и државните фирми го поттикнува митото.

Обвинувањата за корупција не се проследуваат, а контролата од страна на цивилното општество еродира, зашто сѐ повеќе се ограничува слободата на медиумите. Климата за невладините организации станува сѐ понепријателска, а заслабнува слободата на информирање. Кај печатот постои сомнеж во независноста на надзорните служби, недостига транспарентност кај медиумската концентрација и сопственоста. Владата освен тоа врши влијание врз медиумите преку систематско доделување реклами, независните медиуми систематски се оневозможуваат во работата и се заплашуваат.

Ungarn | Unabhängige Medien unter Druck

Унгарската влада во кампања против за неа неомилениот независен медиум Индекс

Комисијата констатира недостатоци и во законодавните постапки, како слабеење на независните институции и притисок врз цивилното општество. Сѐ на сѐ, извештајот ги потврдува проценките на еврокомесарката Вера Јурова, која во интервју унгарската демократија ја нарече „болна". Тоа пак ѝ донесе барање од унгарскиот премиер Виктор Орбан да си поднесе оставка и еден вид забрана за контактирање.

Бугарија, Малта и другите...

Во Бугарија е критикувана бавната примена на неопходните судски реформи, а и покрај извесните подобрувања, во борбата против корупцијата остануваат „големи предизвици", довербата на јавноста е мала. Во Бугарија со месеци се одржуваат масовни протести насочени во прв ред против владата, која се критикува од демонстрантите поради корупција. Комисијата констатирала проблеми и кај слободата на медиумите и натамошни ограничувања на работата на невладините организации.

Bulgarien I Proteste in Sofia

Демонстрантите во Бугарија ја обвинуваат владата за корупција

За Малтанапротив се наведени длабоко навлезени структури на корупција и се бара забрзување на започнатите реформски процеси. Истото важи и за независноста на судството, каде Малта бележи големи дефицити. По убиството на новинарката Дафне Гаруана Галиција, постои загриженост и за безбедноста на новинарите, кои се ставени и под притисоци и заплашувања. И тука листата на критични точки е прилично долга.

Недостатоци постојат и во Германија, на пример кај независноста на јавните обвинителства и бавното дигитализирање на судството. Се критикува бавноста на судските постапки во Италија, како и во Грција.

Подобрување на состојбата преку дијалог?

„Тие само лаат, а не касаат", вака Гринпис го критикува извештајот од Брисел, укажувајќи на непостоење цврсти санкции. И европратениците од редовите на Зелените извештајот го нарекоа разочарувачки, недостигаат делови за основни права и заштита на малцинствата, истакнува Сергеј Лагодински. Еврокомесарите напротив признаваат дека нивно главно средство е „дијалог" и тие на располагање ги имаат само веќе познатите инструменти од работната кошница на ЕУ, кои меѓутоа со години се покажуваат како неефикасни.

Овде тежина добива денеска донесената одлука, според која Германија како претседавач со ЕУ доби налог со Европарламентот да преговара околу финансиски казни за трајни повреди во областа на правната држава. Во такви случаи во иднина може да се кратат ЕУ-средствата или дури воопшто да не се доделуваат.

Мнозинство од членките на ЕУ се изјаснија со „да", напиша на Твитер портпаролот на претседателството Себастијан Фишер, иако дебатата била „поларизирачка". Полска и Унгарија жестоко се борат против воведување вакви механизми и се закануваат со блокирање на целата постапка за донесување на буџетот на ЕУ и корона-фондот за обнова. Раководителот на преговорите во ЕП, Петри Сарваама од Финска очекува „многу, многу тешки и тврди преговори."

Поврзана содржина