Епидемиологот Даниловски за ДВ: Со бустер доза ќе се избегнат жртвите од Омикрон | Северна Македонија | DW | 29.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Епидемиологот Даниловски за ДВ: Со бустер доза ќе се избегнат жртвите од Омикрон

За една недела, повеќе од третина од починатите се вакцинирани. Епидемиологот вели дека Омикрон го заобиколува имунитетот стекнат од вакцините.

„Никогаш ниедна вакцина не штитела стопроцентно од смртен исход! Особено не кон варијанта на вирусот што го заобиколува во голема мера имунитетот стекнат од вакцините, како што е Омикрон“, вели епидемилогот, професор Драган Даниловски за ДВ, откако деновиве во здравствените билтени се почесто се забележуваат починати лица коишто имале примено по две вакцини за заштита од Ковид-19. Епидемиологот смета дека ако опфатот со трета (бустер) доза е поголем, би се избегнале непотребни жртви. 

Изминативе денови се почесто на дневниот билтен на Министерството за здравство можеа да се забележат податоци за починати лица, коишто биле вакцинирани со две дози, што ја зголеми вознемиреноста кај граѓаните. Па така, од 21 до 26 јануари - 36 лица коишто биле вакцинирани, или повеќе од една третина, се најдоа меѓу стотината граѓани коишто ја изгубија битката со Ковид-19. На 22 јануари од 21 починато лице од Ковид-19 - десетмина 10 биле целосно вакцинирани. Во четвртокот (27.01.2022) од вкупно 27 починати од ковид, кај 24 се регистрирани коморбидитети, а шестмина се целосно вакцинирани. Во петокот пак, од 22 починати лица, седум лица се целосно вакцинирани, а кај 19 се регистрирани коморбидитети.

Nord-Mazedonien l Prof. Dragan Danilovski, Epidemiologe

Драган Даниловски смета дека вакцините што се достапни во моментов се дизајнирани специфично за оригиналната „вуханска“ варијанта на вирусот

Заштитата трае само неколку месеци

Даниловски укажува дека заштитата од вакцините трае само неколку месеци, така што кај сите што се вакцинирале од почетокот на вакцинацијата во Северна Македонија, па сѐ до пред 3-6 месеци, заштитата од заразување практично е исчезната, а од хоспитализација и смрт е значајно редуцирана. Неповолен момент, според него,  е и фактот што огромен број граѓани беа вакцинирани со кинеските вакцини Синофарм и Синовак, кои речиси не обезбедуваат никаква заштита од Омикрон. 

„Истото важи и за имунитетот (хуморалниот – нивото на антитела) стекнат по прележување на ковид. И тој со време се намалува, иако со позабавено темпо, отколку вакциналниот“, дециден е епидемиологот. 

Тој смета дека вакцините што се достапни во моментов се дизајнирани специфично за оригиналната „вуханска“ варијанта на вирусот. „Секоја наредна појавена варијанта сѐ повеќе го заобиколуваше стекнатиот имунитет по примарниот циклус на вакцинцијата со две дози. Актуелнава варијанта Омикрон го заобиколува тој имунитет во најголема мера. Практично, вакцините речиси веќе не штитат од заразување со Омикрон. Покрај тоа, Омикрон се покажа и дека е многу попренослив. Како последица, имаме молскавично брз пораст на бројот на заразени“, објаснува Даниловски.

Symbolbild Omikron Corona-Variante B.1.1.529

Бустер дозата го подига нивото на заштита од заразување од Омикрон на околу 50 проценти

Супер-имунитет

Иако се покажа дека Омикрон предизвикува, во просек, поблага клиничка слика (за околу 50 проценти) и пониска смртност, сепак, на огромен број заразени, бројот на починати не е за занемарување. Мала пропорција починати од голем број заразени, сепак, претставува голем апсолутен број. 

Даниловски вели дека поминаа две години од почетокот на пандемијата и година дена од почетокот на вакцинацијата во Северна Македонија. Сите кои беа целосно вакцинирани од почетокот до пред 3-6 месеци, практично, во голема мера или сосема, ги имаат изгубено неутрализирачките антитела. Сите кои прележаа ковид, исто така, постепено ја изгубија и ја губат заштитата. 

„Имунитетот после две дози и прележаност (т.н. хибриден имунитет) е најсилен и најдолго трае. Го нарекоа супер-имунитет (но само со Фајзер и Модерна). Во тој случај, нивото на антителата се проценило дека просечно е 1.000 пати повисоко од нивото по две недели од втората доза на вакцина. Веројатно е дека важи и обратното. Но, и таа заштита се намалува со тек на времето“, додава професорот. 

Каде е решението?

Тој смета дека решението е во „бустер“ доза на вакцина после одредено време за сите погоре спомнати категории. „Таа го подига нивото на заштита од заразување од Омикрон на околу 50 проценти, од хоспитализација на околу 90 проценти и од смртен исход преку 90 проценти. За жал, кај нас опфатот со трета (бустер) доза е симболичен“, објаснува Даниловски за ДВ.

Последицата од таквата ситуација е што во контингентот умрени недозволиво високо учество имаат вакцинирани со две дози. Епидемиологот смета дека ако опфатот со трета (бустер) доза е поголем, би се избегнале непотребни жртви. 

„Инаку, штета е што не се соопштува официјално со кои вакцини биле вакцинирани починатите, ниту колку време поминало од втората доза.  Постојат индиции дека во оптек се и лажни потврди за вакцинација. Немам информации дали е откриено колкумина се такви случаи во контингентот умрени“, вели Даниловски. 

Спорна методологија

Министерот за здравство, Беким Сали, смета дека бројот на починати од ковид се чини висок затоа што според методологијата на бележење, секој кој починал, а бил позитивен на Ковид-19, се регистрира како починат со коронавирус. „Но, тоа не значи дека смртта била последица од ковид“, вели министерот.

„Можеби сме земја со висока смртност од пандемијата, но не значи дека ние не сме го згрижиле пациентот. Во регионот имаат друга методологија, па не треба да ве залажува бројката што е кај нас 8.000, а кај нив 2-3.000“, вели Сали.