Државни хакери | Свет | DW | 30.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Државни хакери

Новата Агенција за информатичка безбедност има поразлична задача од останатите државни институции. Таа има задача да ја подобри безбедноста на интернетот во Германија, а пример е американската ДАРПА.

Пролетта 2015. година хакери, со помош на фалсификувани имејли, успеаја да влезат во компјутерскиот систем на Бундестаг. Станува збор за 20 гигабајти украдени податоци. Трагите водат до група хакери со наводно добри врски со руската држава. Вкупната дигитална структура на Бундестагот мораше да биде заменета, оттогаш се работи засилено на нејзина безбедност.

Оваа година следеше сличен, но помал напад. Германската влада сега основа институција од која очекува ни помалку ни повеќе, туку „обезбедување лидерство во технолошки иновации“. Установата се вика Агенција за информатичка безбедност. Таа би требало почнувајќи од 2019. година небирократски и брзо да го унапредува секој технолошји развој поврзан со внатрешната и надворешната безбедност на земјата. Пример е американската институција при Министерството за одбрана - ДАРПА, во чие 60-годишно постоење се покренати многу иновации, на пример, пронаоѓањето на интернет е нејзина заслуга.

Историјата на американската установа започнува во 1957. година, во време во кое Советскиот Сојуз во орбитата го лансираше првиот сателит Спутник. Американците почнаа да ја губат трката во освојување на вселената, па тогашниот претседател Ајзенхауер, четири месеци по веста за лансирањето на советскиот сателит, ја основаше установата под име АРПА. Таа координираше и финансираше проекти во време на Студената војна, најчесто со воен карактер. Во последно време беа распишувани конкурси за хакери, со цел да се подобри безбедносната мрежа, или за млади научници чие тежиште е работа на дронови. Годишниот буџет на американската агенција изнесува три милијарди долари.

USA Virginia - Cybersicherheitsbüro der USA (picture-alliance/dpa/AP/C. Owen)

САД вложуваат многу пари во сајбер-одбраната

200 милиони евра за четири години

Германската верзија на институцијата ќе биде поскромна, почетниот буџет изнесува 15 милиони евра. Тој многу брзо би пораснал на 40 до 50 милиони евра. До 2022. година, Агенцијата ќе може да потроши 200 милиони евра. Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер заеднички ја претставија новата Агенција. Оваа година во неа ќе бидат вработени 14 лица, а вкупниот број ќе биде околу 100 вработени.

Американската агенција вложуваше и во нови идеи, така покрај интернет настана и навигацискиот систем ЏПС, но и говорните асистенти во паметните телефони. Надлежните германски министри за одбрана и за внатрешни работи се надеваат дека ќе следат слични иновации и „меид ин Џермани“. Тоа би значело намалување на зависноста на Германија од равојот на технологијата во други земји. Освен тоа, Агенцијата има задача да изгради европска мрежа за размена, но и според примерот од САД, да распишува конкурси и да поттикнува свежи идеи.  

Повеќе: 

Сите шпионираат: Нова дигитална несигурност

Руски хакери ја пробиле германската владина мрежа

Неуспесите како нормална придружна појава

Новата Агенција во Германија, според зборовите на министерот Зехофер, би требало да се соочи со „асиметричното загрозување во интернет, кое сѐ повеќе се заострува“. Тој мисли на високо специјализирани хакери на кои на располагање им стојат големи ресурси. Тие ги загрозуваат и големите енергетски и индустриски системи. Урсула фон дер Лајен смета дека дел од проектите ќе останат без резултат, но некои ќе донесат успех. Зехофер инсистира на покажување храброст во преземањето ризици, а притоа да не дојде веднаш до финансиски контроли и прашања што се направило со парите.

Навистина, во Германија веќе постојат бројни инстанци за поддршка на иновациите во оваа област, но двајцата министри се согласни околу неопходноста од основањето на Агенцијата. Одбранбената трупа ЗИТИС дневно се соочува со четири до пет илјади сајбер-напади и речиси ги исцрпи своите можности. Агенцијата ќе вложува пари во порана фаза, во фундаментални истражувања.

Deutschland Seehofer und von der Leyen - Agentur für Cybersicherheit (picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka)

Министерката за одбрана Урслула фон дер Лајен и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер

Опозицијата стравува од милитаризација на интернетот

„Поголема дигитална безбедност на сите добро би им дошла“, вели Анке Домшајт-Берг, задолжена за прашањата од областа на безбедноста во пратеничката група на Левицата во Бундестаг. Таа не е сигурна дали Агенцијата, во надлежност на две министерства, е на вистинско место. Би било фатално државата да организира хакерски контранапади, во жаргонот на хакерите наречени  „hackback", наместо да се концентрира на одбрана, смета таа.

Повеќе: 

Како тајната служба регрутира млади хакери?

Германските закони засега не дозволуваат такви напади, но и министерот Зехофер пред неколку недели најави нацтрт-закон за нивно овозможување. И министерката за одбрана пледира за таква можност за германската војска.

Политичарот од Зелените, Константин фон Ноц по тој повод истакнува: „Урсула фон дер Лајен и Хорст Зехофер и натаму ја унапредуваат милитаризацијата на дигиталниот простор“. Според него, секоја трка со Русија, Кина и Северна Кореја во дигиталното вооружување, за Германија како правна држава, би била загубена.

Опозицијата ја смета за конзервативна владината политика- додека Министерството за надворешни работи се залага за меѓународна забрана на хемиско оружје, новооснованата Агенција ги торпедира тие настојувања. Владата сепак има големи очекувања од основањето на Агенцијата. Според Зехофер, Германија во областа на информатичката безбедност на меѓународен план би морала да заземе ако не водечка, тогаш една од врвните позиции.

Истовремено владата основаше и Агенција за развој на клучни иновации, исто така под надлежност на две министерства - за економија и за истражување. Оваа Агенција до 2022. година ќе располага со буџет од 150 милиони евра.  

 

DW.COM

Реклама