Донирање органи - прашање на живот или смрт | Панорама | DW | 07.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Донирање органи - прашање на живот или смрт

Бројот донирани органи во Германија е на рекордно ниско ниво. Но, германските пациенти профитираат од прекугранична размена на органи, на пример од Хрватска.

Беше сончев ден есента во 2010. година. Ден кој Јасмин Реџепагиќ никогаш нема да го заборави. Тоа беше ден кога го загуби таткото: „Излив на крв во мозокот. Сето се случи толку брзо. Татко ми нѐ напушти рано, прерано, со 65 години, шокот за нашето семејство беше огромен.“

Додека семејството на Јасмин тагувало во Клиничко-болничкиот центар Милосрдни сестри во Загреб, каде лекарската екипа се грижела за неговиот татко во последните часови од животот, им пришол еден анестезиолог и во име на тимот прашал дали се решиле за донација. Имено, таткото на Јасмин бил на листа на потенцијални донатори. На прашањето дали можат да размислат неколку часа, со полно разбирање добиле потврден одговор. Семејството малку подоцна дало согласност.

„Нашите родители отсекогаш имаа јасен став - подобро е некому да спасат живот отколку органите да пропаднат. Сите во семејството сме потенцијални донатори, често разговаравме на темата, заклучок беше - органите треба да се донираат.“

Хрватска меѓу најуспешните земји

Семејството на Јасмин не е осамен случај. Додека во Германија со години драматично опаѓа бројот на потенцијални дарители, во Хрватска истовремено расте спремноста на донирање органи. Од тоа профитираат и пациентите во Германија, вели д-р Никола Жграблиќ, претседател на Хрватската донаторска мрежа, ХДМ:

„Во 2017. година Хрватска имала 132 дарители, што е повеќе од 30 на еден милион жители, односно двојно од просекот на Евротрансплант. А биле трансплантирани 147 бубрези, 113 црни дробови и 33 срца.“

Според бројот на дарувачи, Хрватска денес е меѓу најуспешните земји во светот и на самиот врв на Евротрансплант, непрофитна организација за донирање и доделување органи за трансплантација во осум европски држави.

Еден од темелите на хрватскиот успех е законската опција за претпоставена согласност, што значи, според важечкиот закон, секој граѓанин кај кој се докаже мозочна смрт, автоматски е и донатор на органи, освен ако на тоа не се спротиставил за време на животот. Во Германија пак се практикува законска опција на т.н. информирачка согласност, секој граѓанин постар од 16 години мора самиот да потпише „пристапница“ и да стане потенцијален донатор.

Screenshot HDM Organspendenetzwerk Kroatien (hdm.hr)

Хрватската донаторска мрежа, ХДМ

Шпански модел

Без оглед што здравствените осигурувања редовно испраќаат инфо-материјали и исказници кои донаторите на органи треба „само да ги потпишат“, Германија е на самото дно на листата според бројот на вистински подарени органи - во 2017. година се регистрирани само 9,3 донации на еден милион жители.

Водечка земја во светот одамна е Шпанија. Лани таму се регистрирани дури 46,9 донации на органи на еден милион жители, објаснува д-р Жграблиќ:

„Хрватска речиси во целост го преслика шпанскиот модел на донирање органи, кој се покажа како најуспешен. Темел на моделот е што трансплантациските координатори, клучни луѓе во процесот на донирање органи, се по правило анестезиолози кои работат во самата болница и на тој начин се непосредно вклучени во целиот процес на дарување.“

Тоа значи дека лекарите можат на самото место да ги „препознаат“ потенцијалните дарители, да школуваат медицински персонал и на адекватен начин да се грижат за роднините на починатото лице, уважувајќи ги етичките и религиски аспекти.

„Донацијата органи е хуман и достоинствен чин, но зад него за жал стои смрт, и тоа на некој многу близок. Донациите не се механички, нечовечки процес, туку длабоко морално прашање. Затоа во тие моменти е потребна поддршка и човечност од лекарскиот тим. Во таа прилика тоа многу ни помогна, никогаш нема да го заборавам“, се сеќава Јасмин Реџепагиќ. Истиот анестезиолог кој го прашал семејството дали се согласува на донирање органи од таткото на Јасмин, се јавил следното утро уште еднаш да им се заблагодари и да пренесе дека „сега сѐ е готово“, раскажува Јасмин:

„Гестот нѐ изненади и нѐ трогна. По шокот и тагата поради прераната загуба на таткото, кај нас остана чувство дека од нешто страшно и трауматично, сепак во еден дел настана нешто многу добро, дека заминатиот живот помогна да не се угаси некој друг.“

Nikola Zgrablic kroatischer Arzt (privat)

д-р Никола Жграблиќ,

Поддршка на донаторски организации

Хрватскиот донаторски систем долго време живееше од ангажманот на лекари и спремноста на потенцијалните донатори да им помогнат на други пациенти, од ентузијазам на луѓе како Никола Жграблиќ и неговите колеги во други донаторски иницијативи. Во последните години им помага и владата во Загреб, и финансиски, но и со законска регулатива.

Хрватска, благодарение на успешноста на својот модел, е една од земјите од кои профитираат пациенти во други држави, на пример во Германија. Во 2017. година во германските клиники стигнале околу 200 срца, црни дробови или бубрези и тоа по пат на европска размена преку Евротрансплант. Органите биле „увезени“ од Белгија, Холандија, Унгарија, Австрија, Словенија и Хрватска.

Според податоците од Германската фондација за трансплантација на органи, ДСО, во земјата моментно околу 10.000 пациенти се на листа за чекање за пресадување орган. Делумно станува збор за тешко заболувања кај кои на пациентите итно им е потребен дониран орган. Секој ден во Германија во просек умираат тројца луѓе само поради тоа што не добиле навремено соодветен орган за трансплантација.

 

DW.COM

Реклама