Долгите сенки на Варшавското востание | Свет | DW | 01.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Долгите сенки на Варшавското востание

Пред 75 години во Варшава изби востание против германските окупатори. Секој 1. август Полјаците се присетуваат на жртвите на бунтот. На годинешната комеморација присуствува и шефот на германската дипломатија, Хајко Мас.

Германските политичари ретко доаѓаа на комеморациите со кои секоја година во главниот град на Полска се одбележува Варшавското востание. Пред 25 години на комеморација пристуствуваше тогашниот претседател Роман Херцог, кој пред Споменикот на жртвите на востанието замоли за прошка.

Дури десет години подоцна, во 2004. година, еден германски канцелар ја посети Варшава на тој ден. Герхард Шредер во таа прилика изјави: „Срамејќи се, се поклонуваме пред жртвите на злосторствата на нацистичките единици“. Шредер во тој контекст зборуваше за „срамот на Германија.“

Мрачно поглавие во германско-полската историја

Ниеден друг настан не е толку вткаен во идентитетот на главниот град на Полска како Варшавското востание од 1. август 1944. година, кога советската армија веќе се приближувала кон градот. Причина се големиот број жртви. Германците брутално го задушиле востанието. Убиени биле преку 170.000 луѓе, во прв ред цивили, дел од нив во масовни егзекуции, а скоро една третина уште на самиот почеток. Стотина илјади луѓе се депортирани на присилна работа, претежно во концентрациони логори. Варшавското востание до денес фрла сенка врз  германско-полските односи.

Дотолку попозитивно влијае овогодинешното учество на германскиот министер за надворешни работи на комеморациите. Во време на засилени барања, првенствено од страна на полската владејачка партија Правда и право, за исплаќање  германски репарации  за Втората светска војна, полскиот министер за надворешни работи го повика својот германски колега Хајко Мас на 75-годишнината од одбележувањето на Варшавското востание. Уништувањето на Варшава игра посебна улога во барањата на полските национал-конзервативци за исплаќање репарации. Бившиот градоначалник и подоцна претседател, Лех Качински во 2004. година ја пресмета материјалната штета нанесена на градот на околу 45 милијарди долари.

Терор против полскиот отпор

На уништувањето на градот  му претходеле пет години брутално угнетување од страна на германскиот окупатор. Тоа било време на депортации, масовни егзекуции и прогон. Откако во пролетта 1943. година бил крваво задушен бунтот на еврејското население во Варшавското гето, теророт во градот уште повеќе пораснал.

Polen Warschauer Aufstand in August 1944 (picture-alliance/Heritage-Images)

Полските војници за време на востанието во август 1944. година

Кога на 1. август 1944. година избило Варшавското востание, во градот живееле речиси еден милион луѓе - 40.000 биле доброволци предводени од полската влада во егзил со седиште во Лондон. Наспроти нив прво се нашле 16.000 војници на Вермахтот, како и припадници на СС-единиците кои многу брзо добиле засилување.

Во тој момент Вермахтот се повлекувал од Исток, советската Црвена армија наближувала. „Германците планираа од Варшава да направат утврдување. Градот така во целост би бил уништен и тоа ни беше јасно“, изјави неодамна Лешек Зуковски, претседател на најголемата полска организација на ветерани при отворањето на изложбата за Варшавското востание во Берлин. „Сакавме тоа да го спречиме и сами да го ослободиме градот“, раскажува Зуковски, кој во тоа време имал 15 години и припаѓал на движењето на отпорот.

Меѓутоа, на Германците востанието им било добредојдено. „Ова што го направија Полјаците е вистински благослов“, истакнал тогаш командантот на СС, Хајнрих Химлер, човек кој во најголема мерка бил одговорен за суровото постапување и злосторствата во Полска. „Мој фиреру, за пет-шест недели ќе ја завршиме работата. Варшава и комплетната интелигенција на овој народ од 16-17 милиони луѓе ќе бидат збришани“, му напишал Химлер на диктаторот Адолф Хитлер во доцното лето 1944. година. Веќе во првите денови од Варшавското востание нацистите ликвидирале околу 50.000 цивили.

Roman Herzog bittet in Polen um Vergebung (picture-alliance / dpa)

Во 1944. година тогашниот германски претседател Роман Херцог положи венец на Споменикот на Варшавското востание

Осамените борби на востаниците

Востаниците се надевале на помош од надвор. Но, оружјето, муницијата и животните продукти кои западните сојузници ги фрлале со падобрани, често ја промашувале целта. А Црвената армија запрела на брегот на Висла и не интервенирала. Сталин немал интерес да ѝ помогне на полската војска на чие чело била антикомунистичката влада во егзил. По 63 дена, бунтовниците морале да капитулираат. На крајот Варшава, врз основа на лична наредба на Хитлер, во најголем дел била уништена: 90 проценти од сите историски градби, меѓу кои и Кралскиот дворец, биле дигнати во воздух, како и сите мостови и индустриски згради. Во есента 1944. година во урнатините во центарот на градот преживеале само неколку илјади луѓе.

(Долго) молчење

Она што се случило во 1944. година во Варшава, комунистичкиот режим со години го премолчувал. Дури во 1989. година започна јавно да се дискутира за тоа. Во прв план и натаму беше херојството на востанието, но во меѓувреме се доведува во прашање и големиот број мртви.

Денес стотици спомен-табли потсетуваат на борбата од 1944. година. Во ѕидовите на катедралата Свети Јован во стариот дел од градот, таму каде бил еден од одбранбените пунктови на востаниците, вѕидана е тенковска гасеница. Нацистите пратиле во црквата возило натоварено со експлозив, управувајќи го далечински. Таму при комеморациите се одржува света миса.

Уште едно посебно место на сеќавање е Музејот на Варшавското востание, отворен во 2004. година. Таму одржа говор германскиот министер за надворешни работи. Точно во 17 часот во Варшава се огласуваат сирените. Луѓето застануваат, автомобилите исто така. Главниот град на Полска со минута молчење се сеќава на историјата.

 

DW.COM

Реклама