Доживотен затвор за убиецот на Политковскаја | Свет | DW | 09.06.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Доживотен затвор за убиецот на Политковскаја

Речиси осум години по убиството на Ана Политковскаја, новинарката која беше критично настроена кон Кремљ, одговорните за злоделото се осудени на долги затворски казни. По нарачателите сѐ уште се трага.

Организаторот на убиството Лом-Али Гаитукајев и извршителот Рустам Махмудов добија доживотни казни затвор. Судот во Москва денеска (9.06) соопшти дека три други лица вмешани во убиството на новинарката Политковскаја добиваат казни во траење од 12,14 и 20 години во казнен логор.

Обвинителството за тројцата последни обвинети бараше малку повисоки казни. Одбраната пак, за сите петмина бараше ослободителна пресуда, поради недостиг на докази. Таа најави дека ќе ја обжали пресудата.

Новинарката Ана Политковскаја беше убиена на 7 октомври 2006 година. Злосторството предизвика вџашеност во светот. Кој го нарачал убиството сѐ уште не е откриено. Семејството на Политковскаја, како и нејзините колеги од весникот „Новаја Газета“, кој е критички настроен кон Кремљ, и натаму трагаат по нарачателите. Според наводи на борци за човекови права, трагите до нарачателите можеби водат дури и до владините кругови во Русија.

Porträt Anna Politkowskaja 2005

Ана Политковскаја беше жесток критичар на Кремљ

Политковскаја важеше за бестрашна и ангажирана новинарка и беше противник на рускиот претседател Путин. Таа беше убиена пред својот дом со повеќе истрели. Инаку, новинарката беше позната по своите извештаи од Чеченија и текстовите во кои пишуваше за тешки прекршувања на човековите права.

За дел од обвинетите ова е втор судски процес. При првата судска постапка не можеше да им се докаже вината за делото. Пресудите се само „мал чекор“ за враќање на правдата, соопшти организацијата за човекови права Амнести Интернешнл. Сепак, и овој процес остава многу отворени прашања, изјави раководителот на Амнести во Русија, Сергеј Никитин. Дури откако ќе бидат фатени нарачателите, злосторството ќе биде целосно разјаснето, рече тој.