Добредојдовте во метаверзум - новиот универзум во виртуелниот свет | Свет | DW | 23.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Добредојдовте во метаверзум - новиот универзум во виртуелниот свет

Фејсбук најави дека ќе го промени своето име и ќе отвори 10.000 работни места во ЕУ во следните пет години со цел да помогне во изградбата на т.н. метаверзум. Што е метаверзум?

Повторно имавте напорен ден. Претпладне учествувавте на неколку конференции. Барем за време на паузата успеавте да поразговарате со вашите колеги за концертот на којшто ќе одите вечерва. Се сретнавте со пријателите по работа, кои исто така се возбудени, бидејќи ќе ја видат омилената група. Расположението на концертот го помати тоа што го видовте поранешниот партнер/ка во ново друштво, но сепак за спомен си купивте маичка од омилениот бенд. 

И што е тука поинаку од вообичаено? Само една ситница: сте биле насекаде и сте го искусиле сето тоа, а воопшто не сте ја напуштиле вашата куќа. Добредојдовте во метаверзум, универзумот којшто се создава во виртуелниот свет. 

Исто како и „вистинскиот“ свет, него не го создава само една личност и не е лесно ниту да се дефинира. Накратко, може да се опише како дигитална реалност поврзана во светската мрежа, но и со елементи од социјалните мрежи, „проширената“ реалност и видео игрите. 

Се разбира, инвеститорите тука се особено заинтересирани за пари: тука се плаќа со криптовалути за сите дополнителни услуги - и тоа е веќе познато во денешните игри и апликации. 

„Нема да гледаш, ќе бидеш таму“ 

„Во моментов, сигурен сум дека метаверзумот ќе создаде нов економски простор кој ќе стане уште поголем од денешната економија“, вели Џенсен Ханг, извршен директор на NVIDIA, компанија за графички картички. 

Новиот виртуелен свет ќе биде многу повеќе од графика, така што таа компанија инвестира значителни средства во проект кој еден ден ќе биде многу поголем од само една компанија во областа на информатичката технологија, дури и тоа да е Епл. Други компании исто така се во златна треска на развој: Мајкрософт или Епик гејмс... Многумина размислуваат за нивното место во тој иден универзум. 

Секако, тука е и Фејсбук: „Место само да ја гледате содржината, ќе бидете во средиштето на она што се случува“, напиша Марк Закерберг на блогот. 

Screenshot der Web 3D Simulation Second Life

Визионерите на метаверзумот фантазираат за свет кој ќе ги содржи сите оние светови што се создадени во дигитална форма.

Компјутерскиот развој долго време се стреми кон тоа, а игрите како Second Life, Fortnite, Minecraft или Roblox отидоа најдалеку. Таму учесниците можат да се дружат, да се договаат што заеднички ќе направат, да присуствуваат на настани, но и да плаќаат со „вистински“ пари за виртуелни предмети и услуги. 

Сепак, ова се уште светови кои постојат секој за себе. Визионерите на метаверзумот фантазираат за свет кој ќе ги содржи сите оние светови што се создадени во дигитална форма. И вашиот изглед ќе биде прашање на ваш избор, бидејќи секој може да земе - или да купи свој аватар што ќе го претставува во тој свет. И дигиталните пари ќе бидат прифатени насекаде и од сите. 

Нова реалност поради короната 

Во тоа клучна улога би можело да има и решението на кое се базира системот на криптовалути: непренослив токен (NFT), односно дигитален „потпис“ кој може да постои само еднаш. Во трговијата со вакви „автентични“ дигитални предмети веќе се вртат милиони. Се продаваат фотографии или уметнички дела. Иако, се разбира, можно е да се направат безброј копии, со такви NTF-датотеки, само еден е сопственик. 

Записите за таа сопственост се чуваат преку систем што се користи за пресметка со Ethereum, криптовалута што се зголеми веднаш по Биткоин. 

За виртуелниот универзум се сонуваше долго време, има многу филмови, како Матрикс, каде што тоа сè уште беше научна фантастика. Сè уште е имагинација, иако технологијата напредува во таа насока. 

Всушност, оваа пандемија со коронавирус даде голем поттик за овој развој, бидејќи виртуелниот свет во сегашната форма влезе во нашиот секојдневен живот на голема врата. Работиме од дома, сѐ повеќе купуваме од дома, би можеле да се дружиме, почитувајќи го правилото да не излегуваме од дома. 

Ова ќе продолжи и ќе заземе уште поголеми и посложени димензии. И ќе станува сѐ повредно: во тој виртуелен универзум веќе се купува „земјиште“, дури и познатата аукциска куќа „Сотби“ сака таму да „изгради“ реплика од својата куќа во Лондон со цел да продава дигитална уметност.

До тој степен што и експертите на Блумберг проценуваат дека до 2024 година, овој метаверзум ќе има пазарна вредност од околу 800 милијарди американски долари.

Гледај видео 03:01

#dw_BalkanBooster: Играње видеоигри со часови... и денови

DW.COM