Дијалог СПЦ-МПЦ или како да се заобиколи Цариград? | Северна Македонија | DW | 12.01.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дијалог СПЦ-МПЦ или како да се заобиколи Цариград?

Планот на СПЦ за обновување на преговорите е обид случајот со МПЦ-ОА да се оттргне од Вселенската патријаршија, каде е во процедура на решавање, велат аналитичари.

Искрена намера за продолжување на одамна прекинатите преговори меѓу СПЦ и МПЦ-ОА или нешто сосема друго? Ова е прашањето што го наметна српскиот патријарх Порфириј, со пораката во интервју за белградска „Политика“, дека патот Скопје-Белград е единствениот по кој треба да се оди за да се решиспорот помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА.

„Состојбата на раскол, не е природна и одржлива и затоа од сѐ срце сакаме да се најде решение со братски, стрплив дијалог. Уверен сум дека единствениот правилен пат по кој треба да се оди за да се добие трајно решение на овој проблем, е патот од Скопје до Белград, или од Белград до Скопје, како и да е“, изјави српскиот патријарх.

Тој оцени дека „никој друг отстрана не може да има поголемо разбирање за проблемот од нас самите, кои со векови на овие балкански простори заедно се вградуваме во Црквата Христова, без никакви меѓусебни недоразбирања“. Упатеноста прашањата да се решаваат меѓу Белград и Скопје, според него „е дефинирана и со томосот со кој цариградскиот патријарх во 1922 година потврдил дека епархиите во денешна Северна Македонија ѝ припаѓаат на Српската патријаршија“.

Патријархот Порфириј порача дека српските владици не само што не се откажуваат, туку со целосна одговорност за верниот народ во Северна Македонија сакаат да го вратат единството кое било нарушено.

Serbien Der Patriarch Porfirije Perić

Српскиот патријарх Порфириј порачува дека патот Скопје-Белград бил единствениот по кој треба да се оди за да се реши спорот помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА

Сигнали со две цели

Повик за возобновување на дијалогот со МПЦ-ОА, пред неколку дена упати и епископот бачки Иринеј, кој е духовен отец и еден од најблиските сoработници на патријархот Порфириј. Како да се толкуваат овие две последователни пораки во кус период?

„Зачестеноста на пораките од највисокиот српски црковен круг не е толку мотивирана со некоја промена на нивниот однос преку ноќ и некаква подготвеност проблемот навистина да се реши, туку целите се други“, вели новинарот Бранко Ѓоргевски, верски аналитичар и одличен познавач на односите меѓу СПЦ и МПЦ-ОА.

„Од една страна, планот е со обновување на преговорите случајот со МПЦ-ОА да се оттргне од рацете на Вселенската патријаршија, каде што сега се наоѓа и е во процедура на решавање. Македонскиот случај е веќе во напредна фаза, а последните гестови со високиот третман на неодамнешната посета на македонскиот претседател Стево Пендаровски, како и на хорот и монасите од неколку македонски манастири во Атина и во седиштето на Вселенската патријаршија, укажуваат дека може да се очекува позитивно решение. Тие се и доказ дека заканувачките пораки кои во изминативе месеци беа испратени од црковен Белград (епископот бачки Иринеј во едно интервју дури најави и можност да му се суди на вселенскиот патријарх за 'неканонски постапки'), и пораките од Москва не го плашат и премислуваат вселенскиот патријарх Вартоломеј. Со покана за дијалог до МПЦ-ОА се сака да се издејствува откажување на МПЦ-ОА од судска, второстепена, апелациска процедура, што ние сме ја иницирале пред Вселенската патријаршија откако за 54 години не се најде решение“, објаснува Ѓоргевски.

Проѕирна намера

Во однос на враќањето на дијалогот, српскиот патријарх најави дека веќе биле направени конкретни чекори. Светиот архиерејски синод на СПЦ на последната седница, „имајќи ги предвид различните можности што ги даваат светите канони и принципите на црковната икономија, одлучил повторно да ги повика епископите кои се одвоија од Пеќката патријаршија заедно со братски, стрплив дијалог да се најде благословено решение“. Тој изрази и задоволство што ПОА придонесувала „за согледување на начелата и можностите на црковната икономија за решавање на проблемот со расколите во овие епархии“.

„Лично, јас сум убеден дека тие кои ја прекинаа комуникацијата во 1967 година, не го направија тоа сами по свој разум. Но сега имаме можност и целосна слобода по свој разум да направиме сѐ, за сите да можеме да пристапуваме до заедничката чаша“, изјави српскиот патријарх Порфириј.

Istanbul Patriarch Bartholomäus I.

Дали се тргнува во директна пресметка чија главна цел е да се детронизира вселенскиот патријарх Вартоломеј?

По ваквите пораки некои македонски владици во првичните реакции истакнаа дека нема потреба од преговори со СПЦ, бидејќи томосот за автокефалност на МПЦ-ОА може да ѝ додели единственоЦариградската патријаршија, од каде и сите цркви примиле автокефалност.

„Од првичните реакции се гледа дека МПЦ нема да влезе во стапица на продолжувањето на преговорите со СПЦ. Дијалог со вакво сценарио е веќе исцрпен, и нема потреба ниту основа да се продолжува. За случајот сега треба да се произнесе Вселенската патријаршија, чии претставници на една средба во Белград на српските црковни претставници им поставиле прашање ‘како мирно спијат, кога држат толку многу верници надвор од христијанството’“, вели Ѓоргевски.

Според него, втората цел на српскиот црковен врв е насочена најмногу кон Вселенската патријаршија, која сега треба да „размисли“ дали да носи некаква одлука за македонското црковно прашање во ситуација кога ‘има покана за дијалог’ од црковен Белград, односно тоа да се искористи како аргумент против вселенскиот патријарх дека неовластено се вмешува во спорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ.

„Јас сум уверен дека ваквата стратегија на црковен Белград, која сигурно е аминувана и од Москва, нема да предизвика премислување на Вселенската патријаршија. Не може покани за дијалог преку интервјуа, да бидат причина за прекинување на судската постапка која ја води Вселенската патријаршија. Доколку навистина се сакал дијалог, тогаш СПЦ ќе ја прифатеше поканата што Вселенската патријаршија, во рамките на судската процедура која ја води, ја упати до Скопје и до Белград за организирање на тројна средба за нашето црковно прашање. Таа покана црковен Белград никогаш јавно не ја прифати од причини што не сака во случајот да се вмешува трета страна, туку СПЦ да го има главниот збор. А тоа значи ново бесконечно одолжување и нудење само на црковна автономија како конечно и максимално решение, што за македонската страна е неприфатливо“, потенцира Ѓоргевски.

Упади и спреги

Во моментов, според нашиот соговорник, состојбите во православието се усложнуваат и јасно е дека конфронтациите ќе бидат сѐ поголеми и подлабоки.

„Руската православна црква направи упад во јурисдикцијата на Александриската патријаршија (која е надлежна за Африка и која ја поддржува Вселенската патријаршија) со тоа што таму формира свој Егзархат, односно, своја црковна управа. Таков паралелен Егзархат Руската црква сега најавува дека ќе формира и во Турција, каде што е надлежна токму Вселенската патријаршија. Значи, се тргнува во директна пресметка, во која црковна Москва смета и на поддршка на Српската црква, а чија главна цел е да се детронизира вселенскиот патријарх Вартоломеј, односно, да му се одземе правото да издава томоси за автокефални цркви. Тоа ќе значи и преместување на центарот на православието во Москва, на што Вселенската патријаршија се спротивставува со сите средства, откако по бојкотот на Сеправославниот собор на Крит во 2016 година од Руската и некои други цркви, стана јасно дека тоа и се подготвува“, објаснува Ѓоргевски.

Пред неколку дена протоерејот на Московската патријаршија, Николај Балашов, за српски медиум изјави дека постои можност патријархот Вартоломеј без согласност на Белград да ја признае автокефалноста на „Скопската црква“. Тој потенцира дека Руската православна црква го поддржува единството на СПЦ и дека е против создавање на нова црква во Црна Гора, но дека „постои можност под притисок на американските политичари, Васеленскиот патријарх Вартоломеј да ги поддржи расколниците во Црна Гора“. Балашов, кој е заменик претседател на Одделот за меѓународни односи на Московската патријаршија, изјави дека Руската и Српската православна црква имаат традиционално блиски односи и меѓусебно се поддржуваат.