ДИК ќе пресече за началникот на СВР Скопје | Северна Македонија | DW | 13.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ДИК ќе пресече за началникот на СВР Скопје

Го има во една од „бомбите“, но го нема меѓу обвинетите за изборни нерегуларности. СЈО не успеало да обезбеди и други докази за лицето кое сега е предложено да биде началник на СВР Скопје

Државната изборна комисија (ДИК) треба да се произнесе дали Ристе Ставревски може да ја извршува функцијата началник на СВР Скопје. За разлика од другите 11 предлози на техничкиот министер Наќе Чуле, единствено овој кандидат не ја доби поддршката на дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, која не ја потпиша одлуката за назначување на Ставревски. Поради тоа министерот Чулев најави дека денеска ќе побара мислење од ДИК. Тоа право произлегува од членот 48, став 1, од Законот за Владата. 

„Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство".

Според став 2, одлуката на Државната изборна комисија е конечна. Но во случај на сомневање произлезено од можно незаконско постапување од страна на министерот и/или неговиот дополнителен заменик, може да се поднесе тужба до надлежниот суд. Во случај да се спорат административни процедури и одлуки, по истите може да се поднесе тужба до надлежниот Управен суд, предвидува став 3 од членот 48.

Го има во „бомбите", го нема во судница

Зошто за Петровска е спорен Ставревски? Неговиот глас се слушна во една од „бомбите" за изборни нерегуларности, каде тој разговара со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Но, Чулев потенцира дека против тоа лице не се води никаква постапка.

„Ставрески не е осудуван, ниту против него има постапка или каква било истрага. Напротив, тој е лице кое поседува сертификат ‘државна тајна’ за информации од доверлив карактер, издаден во периодот кога Спасовски беше министер за внатрешни работи. Не гледам никаква пречка да биде началник на СВР Скопје и поради можноста различно да се толкуваат законските прописи, планирам да се обратам до ДИК која ќе треба да одлучи и да се изјасни за натамошно нормално функционирање на позицијата на лицето за кое станува збор“, изјави Чулев за МИА.

Поранешни обвинители од СЈО велат дека (покрај снимката и смс-пораките) во текот на истрагата не успеале да обезбедат други докази за неговата инволвираност во изборни нерегуларности. Но, потсетуваат дека во судскиот процес за „Титаник“ неговото име било спомнато од сведокот на СЈО, екс-началничката на одделот за лични карти во МВР, Јадранка Гулевска. Ставревски влезе во  судница,  но само како сведок на одбраната на Груевски во случајот на СЈО „Тенк“, во кој Груевски беше правосилно осуден на затворска казна.

Nord-Mazedonien Nake Culev, Innenminister (DW/P. Stojanovski )

Mинистерот Чулев најави дека денеска ќе побара мислење од ДИК

И додека Чулев тврди дека проблематизирањето на изборот на Ристе Ставревски за началник на СВР Скопје е од политички причини и го изразува стравот на критичарите од професионално вршење на активностите, од владејачка СДСМ го обвинија дека преку кадри на Груевски се обидува да го реинсталира МВРО - ВМРО.

„Јавноста го памети Ристе Ставревски од политичките бомби како со Гордана Јанкуловска разговара за изборни измами во предизборен период, како тогашен нејзин советник во кабинетот. На рочиштата за овој процес („Титаник“ - н.з.) меѓу доказите биле и смс - преписки на Ставревски и Јанкуловска од кои се гледа како се подготвувале списоци за предизборни партиски вработувања, но и притисоци кон политички неистомисленици“, рече на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска Ванчева, потенцирајќи дека „човек кој бил десна рака на Јанкуловска, а потоа го бранел криминалот на Груевски, не може да раководи со СВР Скопје".

Спорна телеграма

Од СДСМ немаат забелешка само за предлогот за Ставревски. Тие го обвинија Чулев дека го нарушува и функционирањето на полицијата и ја загрозува безбедноста на граѓаните. 

„Чулев издал телеграма со која ги укинува наредбите за извршување задачи на полицајците во други организациони единици. Со тоа Чулев создава недостиг на полицајци за обезбедување и директно ја загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има законска обврска да ги обезбедува, како и амбасадите на неколку држави, резиденцијата на амбасадорот на ЕУ и други. Со таквото неодговорно и незаконско работење, Чулев ја доведува во опасност и безбедноста на границата, на највисоките државни претставници, како и на амбасадите во нашата држава, односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата", обвинија од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека Спасовски и Заев се плашат од законските смени во МВР.

„Затоа Спасовски и Заев си ја назначија Славјанка Петровска за заменик во МВР чија единствена задача ќе биде да ги штити криминогените ликови и да ја спречи професионализацијата на МВР (...) Нивното време завршува. Доаѓа времето на професионализација и на вистинска борба со криминалот. По 12-ти април почнува вистинската реформа во МВР, а секој ќе одговара за незаконското постапување", одговорија од опозициската партија.

DW.COM

Реклама