Десничарскиот популизам сѐ поатрактивен за жените | Свет | DW | 31.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Десничарскиот популизам сѐ поатрактивен за жените

Десничарските популисти се главно мажи? Во никој случај. Како што покажува една студија, сѐ повеќе жени се вртат кон десничарски партии. Тие дури покажуваат и повисок степен на ксенофобија и критичност кон исламот.

Кемниц на крајот на летото 2018. година. Разбеснета толпа на улиците повикува на заземање поостар курс кон мигрантите. Посебно мажите, со гласни повици, привлекуваат внимание. Но, меѓу демонстрантите сѐ повеќе се мешаат и жени.

Кај јавноста, како прототип на Пегида и десничарската партија АфД, се зацврсти слика на фрустриран белец. Дека оваа слика не е точна, не само во Германија, туку и ширум Европа, покажува студија на Фондацијата „Фридрих Еберт, блиска до СПД. Покрај Германија, фокусот на студијата е на Франција, Грција, Полска, Шведска и Унгарија. Во сите овие земји, авторите следеле кој точно гласа за десничарските популистички партии и зошто. Клучен заклучок е дека и сѐ повеќе жени гласаат за десничарски партии.

Што ги прави популистичките партии атрактивни за жените?

Откритието е изненадувачко, посебно што деснопопулистичките партии се познати по пропагирањето ретроградна слика за жената. Без оглед на тоа, во источна Германија 17 проценти жени се определиле се Алтернатива за Германија (АфД). Во западна Германија тој број е многу помал, изнесува околу 8 проценти. Во Полска речиси 40 проценти жени, дури и повеќе од мажите, се изјасниле за десничарско-конзервативната партија Право и правда (ПиС). Зошто се овие партии привлечни за жените?

Polen Warschau Beata Szydlo Kandidatin Ministerpräsidentin (picture-alliance/dpa/L. Szymanski)

Поранешната полска премиерка Беата Шидло е во врвот на ПиС

„Во многу држави десничарските популисти се обидуваат да соберат поени кај жените со социјални мерки и закони“, вели Елиза Гуче, уредник на студијата под наслов „Триумф на жените“. „До тоа доаѓа со зголемување на детскиот додаток, воведување специјални парични додатоци за тукушто родените деца, и слично.“ Во Полска на пример, ПиС ја почна програмата „Семејство 500 плус“. Таа на семејствата за второ дете им гарантира месечен додаток од 500 злоти (околу 120 евра) до наполнувањето 18 години од животот.

Во Германија АфД промовира „култура на добредојде за децата“ - спротивставувајќи се на културата на добредојде за бегалците. Посебно во Германија се покажа - гласачите на АфД, од страв од иднината и стравувајќи за пензиите, заокружуваат популистичи кандидат. Значи, во нивното одлучување пресудни се социјалните теми.

Повеќе на темата: 

Кој е лекот против десниот радикализам?

Очекувано фијаско во Кемниц

Жените како модерен лик на партиите

Студијата се занимава не само со бирачите, туку и улогата на жените во раководствата на партиите. Паѓа в очи дека жените едвај имаат некаква улога во десничарските популистички партии во Европа. Во пратеничките групи е очигледен доминантниот број мажи. Од 92 пратеници на АфД во Бундестагот, само 10 се жени. Меѓутоа, во самиот врв на АфД се присутни жени, на пример Алис Вајдел.

AfD - Bundesparteitag (picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand)

Алис Вајдел е во врвот на АфД во Германија

Марин Ле Пен е на чело на францускиот Национален фронт, додека бившата премиерка на Полска, Беата Шидло е во врвот на ПиС. „На жените им се дава да бидат модерен лик на партиите, за да станат атрактивни за женското бирачко тело“, објаснува Гуче во интервју за Дојче веле. „Меѓутоа, станува збор за шаблон, не се оди во длабочина, зашто овие партии не се прогресивни кога е во прашање еднаквоста на правата меѓу мажите и жените во партиските структури.“ 

Ксенофобична ориентација

Сликата, според која десничарите и популистите во најголем дел се избрани од машкиот табор, студијата ја ревидира, зашто ја потврдува женската склоност кон ксенофобија и критика на исламот. „Тоа најмногу ме изненади“, вели Гуче. Причина, меѓу останатото, е положбата на жените во општеството. Жените во патријархалното општество мораа силно да се борат против отпорите. Тие се значително помалку платени од мажите и почесто погодени од сиромаштија во староста. „Верувам дека жените сфаќаат оти се на дното на социјалната скала и така се засилено во конкуренција со бегалците и мигрантите“, заклучува уредникот на студијата. Ова е уште уште една причина зошто жените се вртат кон партии кои ветуваат намалување на миграцијата. 

DW.COM

Реклама