Ден на медицинските сестри: Ангели и во време на пандемија | Северна Македонија | DW | 12.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ден на медицинските сестри: Ангели и во време на пандемија

Зад нив остануваат неброени денови и ноќи поминати во грижа за пациентите. Тие се првиот контакт, првата помош, првата утеха и првата подадена рака

„Не сме ангели, туку сме втората најубава работа по ангелите“, е слоганот на „За нас“ - Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, кое од 5-ти мај (светски ден на акушерките) до денеска ја одбележува Неделата на сестринството, а денеска и Меѓународниот ден на медицинските сестри. Токму 200- годишнината од раѓањето на основачката на сестринството, Флоренс Најтингел (12.5.1820), овие медицински работници ја дочекуваат во исклучително тешки и вонредни услови, предизвикани од пандемијата на Ковид-19. За себе знаат да речат - нашата професија, е начин на живот. Се чини дека тоа досега не беше соодветно нотирано и валоризирано. Новиот вирус можеби најсилно досега ја изнесе на виделина нивната огромна улога и пожртвуваност. Како и досега, зад нив остануваат неброени денови и ноќи поминати во грижа за пациентите. Тие се првиот контакт, првата помош, првата утеха и првата подадена рака.

Mazedonien Für uns - Verein mazedonischer Krankenschwestern und medizinisches Personal, Skopje, (DW/D. Stojmanovski )

„Не сме ангели, туку сме втората најубава работа по ангелите“, е слоганот на „За нас“ - Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри

Година на сестрите

„Оваа недела ни се случува во време на пандемија кога практично се докажува и нашата ‘рбетна важност од прв контакт, низ лекување и третман до рехабилитација. Медицинските сестри се промотори на здравјето“, вели во разговор за Дојче веле, м-р Гордана Бешлиовска, претседателка на Задружението „За нас“

По препорака на СЗО и Меѓународниот совет на сестри, целата 2020 година - е година на сестрите и акушерките.

„Критично важно е да му покажеме на светот кои се медицинските сестри и што прават. Ова е пораката на СЗО до владите, од кои очекуваат да инвестираат во сестрите како витален ресурс во здравствениот систем. Мотото е „ Глас што води - со подобро негување до подобро здравје". Препораките до сите владеачки структури се јасни: поддршка за медицинските сестри и акушерки, давајки им поголема моќ за донесување на одлуки и учество во водење на политиките, со цел да дојде до подобра здравствена заштита на населението“, вели Бешлиовска.

Досега не се вклучени во носењето одлуки, ниту ги има во доволен број. Напротив, стануваат дефицитарен кадар.  

„Медицинските сестри работат за здравствените институции во сите нивоа на здравствениот систем, но недостигот е секаде. Потребните норми по стандарди не се исполнети ни по број на сестри, ни по број на кревети, ни по креветна зафатнина, ниту по број на лекари. Оттука е генералниот недостиг на ниво на државата. Според стандардите, на 1.000.000 жители треба да има 7.500 до 8.000 медицински сестри. Неофицијално, во земјава има 7.500 медицински сестри, што значи дека недостигот е 50%. Ако не се подобрат условите за работа, ако продолжи трендот на заминување, проблемот ќе биде уште поголем, ќе се соочиме со голем дефицит од нашиот кадар“, посочува Бешлиовска.

Mazedonien Für uns - Verein mazedonischer Krankenschwestern und medizinisches Personal, Skopje, (DW/D. Stojmanovski )

Гордана Бешлиовска, претседателка на Задружението „За нас“

Кога аплаузите ќе стивнат

Точност, професионалност, човечност, пожртвуваност, хуманост... Поради сето ова, особено во изминативе месеци, добија многу честитки и громогласни аплаузи. За жал, во текот на работата и дел од нив се инфицираа со коронавирусот. Денеска добиваат честитки за празникот, но пред се, желби се за брзо опоравување.

Но, не се живее само од аплаузи. Унијата на здруженија, предводена од од Здружението „За нас“, во честитката до сестрите става посебен акцент на нивната важност во здравствениот систем. Притоа апелира и на важноста на инвестицијата што ја бараат, и што континуирано ќе ја бараат од здравствените власти.

Гледај видео 02:35

Патронажна служба - што беше тоа?

„Почнуваме од основното, а тоа е донесување на закон за нашата професија. Државата сѐ уште не ја признава улогата на здравствената и акушерската нега која придонесува за здравјето на луѓето. Немаме влијание врз обликувањето на здравствената и образовната политика, кои не се регулирани со закон, и на тој начин заостануваме зад европскиот развој што негативно се рефлектира и во целокупното здравство. Здружението ‘За нас' бара да се измени колективниот договор за да има и фер плати со покачување на коефициентите на сестрите, признавање на образованието, бенефициран стаж, поместување на старосната граница за пензионирање, да се овозможи сестрински сектор во Министерството за здравство, и да се вклучат претставници на Здружението во креирање на здравствената политика“, набројува Бешлиовска, и го повикува Фондот за здравствено осигурување да пристапи кон евидентирање и финансирање на сестринските и акушерските услуги.

Време за прослава на светскиот Ден на сестринството - нема. Годинава, поради мерките за заштита не се во можност да го одбележат Денот како во претходните години. Но, во сопствена продукција реализираа кратка емисија посветена на сестринството, која ќе ја емитуваат денеска со почеток од 12 часот на веб-страницата zanas.mk, на нивната страница на Фејсбук и на нивниот YouTube канал. Им благодарат на сите нивни соработници, членови, уметници, музичари, медиуми, и претставници на невладиниот сектор кои се вклучија во одбележувањето на Неделата на сестринството со нивни креативни дела и видео честитки.

Поврзана содржина

Реклама