Денови на хаос во Лондон | Свет | DW | 10.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Денови на хаос во Лондон

Сѐ додека Конзервативната партија во Велика Британија не разјасни кој таму е одговорен за Брегзит, Брисел е принуден да чека. Борбата за власт во Лондон натамошно ја турка земјата кон бездна, смета Барбара Везел.

Прво, министерот за Брегзит Дејвид Дејвис поднесе оставка, а потоа и министерот за надворешни работи и водечки апологет на Брегзит, Борис Џонсон. Тие го разбиваат обидот на Тереза Мај да го убеди нејзиниот кабинет да се одлучи за помек излез од ЕУ. Координирано заминувањето на двајца од најтврдокорните идеолози на Брегзит ја турка владата на Тереза Мај во хаос и ја уништува надежта на ЕУ дека суштинските разговори за договорот за развод и идните односи меѓу Велика Британија и Унијата можат да започнат во наредните недели.

Брегзит создава хаос

Уште во минатиот петок Тереза Меј со една офанзивна акција се обиде да го принуди својот раскаран кабинет да постигне согласност. Но, тоа сега се покажа како ужасно погрешно. Британските конзервативци се длабоко поделени околу тоа колку сакаат да имаат врски со ЕУ по Брегзит.

Тврдокорните, од една страна, не се подготвени на компромиси, а умерените пратеници во Долниот дом на британскиот парламент, од друга страна, сметаат дека сонот на другата страна за тврд Брексит е лудило. Не постои мост над оваа бездна. Премиерката се држи на власт, но не е сигурно дали ќе преживее евентуално гласање на доверба во парламентот. Сѐ што ја штити е сознанието дека никој во моментот не би можел подобро да ја извршува нејзината затруена функција од неа самата.

Повеќе:

-Одлагање на Брегзит?

-Борис Џонсон си поднесе оставка

-Нов министер за Брегзит - Раб наместо Дејвис

На тврдокорните Брегзитовци, од друга страна, им недостасува поддршка во парламентот. Џејкоб Рис-Мог, кој постојано се споменува како замена за Меј, не може да обезбеди мнозинство. Ситуацијата изгледа заплеткана и безизлезна. Владее хаос, а збрканите сцени во Долниот дом на парламентот не придонесуваат за градење доверба.

Брегзит предизвикува раскол како во Велика Британија, така и во Конзервативната партија и ја труе политичката дебата. Веќе со месеци ЕУ ја моли британската влада да преговара не со себеси, туку со Брисел. Сега се чини ќе биде уште полошо, наместо подобро. 

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Барбара Везел, авторка на коментарот

Предлозите на Меј би биле само почеток

Тереза Меј и покрај сѐ тврди дека нејзините предлози за помек Брегзит претставуваат пробив. Меѓутоа, тие им служат само на британските интереси. Затоа, тие најмногу можат да бидат почетна позиција за натамошни преговори.

Оваа шарена мешавина од малку царинска унија и малку заеднички пазар според британски мерак во ваква форма не може да наиде на согласност во ЕУ. Потребни се натамошни отстапки и подетални преговори, за да се оформи решение кое ќе може да го „свари“ и европската страна. Дури и ако Меј ја преживее актуелната борба со сопствените хардлајнери, таа би можела подоцна да наиде на проблемот - дека Брисел нема без приговор да ѝ даде што сака.

Месечарење кон бездна

За ЕУ континуираниот метеж во британската блада е излишно и несакано одвраќање на вниманието. Имено, таа во моментов има поважни работи отколку да се занимава со постојаните расправии на различните Брегзит-фракции во Велика Британија. Заканувачкиот самит на НАТО со Трамп, неговата не помалку опасна средба со Путин, спорот околку бегалската политика, подемот на популистите во Полска, Италија и Австрија, всушност би морале да го преокупираат целото внимание и политичка сила на големите земји членки на ЕУ.

Наместо тоа, разговорите за Брегзит кои се вртат во круг, им апсорбираат сила и време. Се чини дека тврдокорните противници на ЕУ во Велика Британија не ја восприемаат актуелната состојба во светот или со безмилосно себепреценување веруваат дека можат самите да се справат со овие предизвици.  

Но, сѐ додека владата во Лондон еднаш засекогаш не разјасни кој го има главниот збор за Брегзит, и кој во Брисел настапува со мнозинство зад себе, бесмислено е да се продолжуваат преговорите. Дипломатите од ЕУ се осудени на чекање, додека не заврши борбата за политичка моќ во Велика Британија. А ако се баксуз, би можело веќе и договорените делови на договорот за развод да станат бесмислени.

Но ако сега навистина на власт дојде еден од вистинските идеолози на Брегзит, Европа може да се откаже од секаква надеж за изводливо решение. Тие имено, се стремат кон тоа да ја напуштат ЕУ без каков било договор. Во Велика Британија во моментов изгледа како делови од владејачката партија како месечари да се стремат кон бездна и никој во Европа не може да ги спречи да паднат во неа.

DW.COM

Реклама