1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Пратениците во ред за вакцина

ДТЗ
23 април 2021

Македонските пратеници се вакцинираа денеска, а по Велигден на ред ќе дојдат и владините претставници. Повеќе вакцини за масовна имунизација се очекуваат во мај.

https://p.dw.com/p/3sUW6
Nord-Mazedonien Corona Impgung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонските пратеници денеска се вакцинираа во ВИП Арената А1 во Скопје со вакцината на „Спутник V“. Вакцинацијата се спроведува како дел од имунизацијата на критичната инфраструктура во земјата. Претседателот на Собранието Талат Џафери се надева дека по ревакцинацијата на пратениците ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието и оти од втората половина на мај ќе се врати нормалниот начин на работа на законодавниот дом, со почитување на процедурите и протоколите.

„Со нашиот пример сакавме да покажеме дека вакцинацијата е можност да се заштитат животите на граѓаните и што побрзо да се надмине пандемијата и да се вратиме во нормала“, порача Биљал Касами од Движење Беса.

Pavle Trajanov
Пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле вели дека пратениците се дискриминираниФотографија: DW

Но, дел од пратениците се незадоволни. Им било најавено дека ќе се вакцинираат со „Фајзер“, а добиле од руските вакцини. Пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов вели дека пратениците се дискриминирани. Додека граѓаните имале избор да одлучат со која вакцина ќе се вакцинираат, ним не им била дадена таква можност. Неговата забелешка е во тоа што првично им било најавено дека ќе се вакцинираат со „Фајзер“, но денеска им била аплицирана руската вакцина „Спутник V“.

„Пратениците се целосно дискриминирани, затоа што немаме право на избор. Граѓаните се во предност затоа што имаат право да изберат вакцина. Гледам дека тука има и ‘Фајзер’, веројатно во следните денови ќе има и ‘Астра Зенека’, но ние пратениците сме насочени да се вакцинираме со ‘Спутник’. Можевме да одложиме и да почекаме, но сепак, се вакциниравме во интерес на тоа парламентот да профункционира“, вели Трајанов.

Владините претставници по Велигден

Владините претставници ќе се вакцинираат по празникот Велигден, кога ќе пристигнат и првите поголеми количини вакцини, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. 

„Владините претставници се пријавени на интернет-страницата vakcinacija.mk, така што, кога ќе пристигнат првите поголеми количини, пред сѐ на кинеските вакцини, за кои е најавено дека ќе стигнат околу 28 април и ќе бидат дистрибуирани ширум државата, во вторник веднаш после Велигден да започне вакцинацијата со тие вакцини, мислам дека ќе бидат на ред и други институции што спаѓаат во критичната инфраструктура“, изјави Филипче.

Nord-Mazedonien Corona Impgung in Skopje
Македонските пратеници денеска се вакцинираа со вакцината на „Спутник“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

По Велигден, започнува вакцинацијата со „Синофарм“, а секој понеделник во мај се очекува да пристигнуваат вакцини од „Фајзер“. Министерот за здравство очекува да пристигнат нови 26 илјади дози на Фајзер во текот на мај, а на 28 април се очекуваат 200.000 дози од кинеската вакцина „Синофарм“. Досега во земјава се вакцинирани околу 45 илјади граѓани, а околу 193 илјади други чекаат да бидат повикани.

Според Филипче, паѓаат бројките на новозаболени и на хоспитализирани лица, а се намалува и бројот на прегледи во амбулантите во Ковид-центрите. За рестриктивните мерки, коишто се на сила, ќе се разговара идната недела.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема