1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Делта-сојот се заканува да стане доминантен

ДТЗ
7 јули 2021

Делта сојот се заканува да стане доминантен. Седумте нови случаи во С. Македонија го вклучија алармот – опасноста од новата мутација дојде многу порано отколку што се очекуваше.

https://p.dw.com/p/3w8fH
Nordmazedonien Massenimpfung
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Делта сојот се заканува да стане доминантен во наредните неколку месеци. Седумте нови случаи коишто се појавија во Северна Македонија го вклучија алармот – дека опасноста од новата мутација дојде многу порано отколку што се очекуваше. Краток период по укинувањето на рестрикциите воведени поради Ковид-19, лекарите предупредуваат дека дел од мерките ќе биде неопходно пак да се вратат на сила. Сѐ погласни се барањата за воведување на ПЦР-тест за граѓаните коишто доаѓаат од земјите каде што е присутен Делта-сојот, пред сѐ Грција, како најчеста дестинација за годишните одмори, локално затворање на Велешкиот регион на една недела, откако се појавија случаи со новата мутација на вирусот, но и забрзана имунизација на населението со цел да се избегнат тешките последици од вирусот. Бројот на новозаболеми во земјата повторно е двоцифрен, што навестува дека битката со коронавирусот сѐ уште не е добиена и дека допрва престои долго лето и неизвесна есен за сузбивање на пандемијата.

Што треба да се знае за сојот Делта?

Вирусот еволуира

Вчера беа потврдени 6 случаи позитивни на Делта варијантата на SARS-CoV-2 (4 во Јавното здравство и 2 во Клиниката Жан Митрев). „Има големи шанси Делта да стане доминантен сој во светот, Европа, па и Македонија во наредниве неколку месеци. А тешки месеци ќе бидат, посебно за невакцинираните и непрележаните“, вели докторот Горан Кунгуловски, кој објавувајќи ја веста на социјалните мрежи за новозаболените од Делта сојот, укажува дека вакцините сѐ уште ја добиваат битката и со новите соеви. На голем дел од нив им се намалува ефикасноста, но истата е доволна за да се неутрализира и сузбива пандемијата. „Вакцинацијата е најсилната алака во борбата“, вели тој.

-повеќе на темата: Вакцини и мерки - алфа и омега против Делта!

Голем број на студии досега укажуваат дека овој сој на SARS-CoV-2 се пренесува побрзо од Алфа сојот, а претходно Алфа сојот се пренесуваше барем 50% побрзо од D614G сојот, кој пак се пренесуваше за 20-30% побрзо од изворниот Вухански сој.

Кунгуловски вели дека вирусот еволуира со тоа што се дели во својот домаќин. За да престане да еволуира и да прераснува во нови форми, треба да престане да се дели. А, за да престане да се дели треба да престане да скока од еден домаќин (човек) на друг. За да престане, треба да се стесни ланецот на трансмисија. Тоа се прави со вакцинирање и следење на рестриктивни мерки.

„Откако ќе се вакцинира голем дел од населението, а и многу порано, ќе треба да се спрема стратегија за вакцинирање со бустер-доза. Луѓето да се вакцинираат, одговорните прво да набават доволно високо ефективни вакцини и второ да спремаат стратегија за вакцинација со бустер-дози“, е ставот на Кунгуловски.

Chinas Impfstoff Sinopharm
Луѓето да се вакцинираат, да се набават доволно високо ефективни вакцини и да се направи стратегија за вакцинација со бустер-дози, е ставот на д-р Горан КунгуловскиФотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Еднонеделна изолација

Дел од лекарите деновиве укажуваа дека е потребно да се воведе еднонеделна изолација на сите оние што се враќаат од државите во кои веќе е потврден овој сој на вирусот. Д-р Ненад Лазаров во изјава за МКД.мк вели дека дека треба да се забранат свадбите во затворен простор, бидејќи само еден заразен со Делта-сојот на свадба може да ги зарази сите што не се вакцинирани.

-повеќе на темата: Три нови случаи на индиски сој во С. Македонија, се испитуваат уште четири сомнителни случаи

Новиот сој во затворено буквално се пренесува со ракување и за помалку од минута контакт со заразено лице. Лазаров апелира сите, дури и оние што се вакцинирани, да бидат внимателни, бидејќи Делта-сојот е за 60 до 70 отсто со поголема инфективност за разлика од британскиот сој, а не пак со онаа првата варијанта каде што за да се заштитиме беше доволна заштитна маска и растојание од 2 метра. Триесет до 60 секунди се доволни за заразен со Делта сој ви го пренесе вирусот буквално на разминување во затворен простор. Од него во затворено штити само респираторна маска, но не и обичната, укажуваат лекарите.

Мерките чукаат на врата?

ВМРО-ДПМНЕ денеска бара Венко Филипче и Комисијата за заразни болести веднаш да донесат мерки за спречување на ширење на новиот Делта сој на ковид вирусот. „Не смееме да дозволиме повторување на ситуацијата со вториот и третиот бран, каде што имавме по илјадници заразени граѓани на ден и по десетици починати. За да се спречи повторен голем бран на Ковид-19 потребно е преземање на итни мерки“, велат од партијата. Нивниот став е дека што поскоро треба да спроведат мерки за да може уште на почеток да се изолира и блокира вирусот сѐ со цел да не дојде повторно до нов голем бран и голем број на новозаразени, а со тоа и до повторно оптоварување на здравствениот систем.

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Тие бараат Комисијата за заразни болести веднаш да донесе мерка за тестирање со брзи тестови на границите за влез во земјата, на сите луѓе кои доаѓаат од ризичните подрачја и да се донесе мерка за нивна задолжителна домашна изолација.

Вакцината најдобра заштита

Вакцината останува најдобра заштита против коронавирусот, поради што се апелира за забрзана вакцинацијата и системски план за поттикнување за вакцинирање на граѓаните. Министерството за здравство најави дека со теренска вакцинација ќе овозможи пристап до вакцините и во најоддалечените места во земјата, пунктовите за неколку дена се отвораат за вакцинација без закажување термин, а се спроведува и кампања со која се обидуваат да се поттикнат граѓаните да се имунизираат во што поголем број пред налетот на новиот бран на вирусот.

Анализите од вчерашните случаи покажаа дека ниту еден од седум Ковид позитивни пациенти кај кои е изолиран Делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за Ковид- 19.

„Вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на Делта сојот во земјава, а со тоа де се спречи и евентуален нов силен бран на вирусот. Делта сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи на истата. Сепак, Делта сојот има висока трансибилност, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат“, апелираат од МЗ.

-повеќе на темата: Филипче: Нема потреба од рестриктивни мерки, ја следиме ситуацијата со Делта-сојот

Сите официјални информации од меѓународните здравствени институции, домашни анализи на експерти и стручњаци во областа на вирусологијата и епидемиологијата, укажуваат на тоа дека единствен начин да се спречи ширењето на Делта сојот или другите соеви на SarsCov2 е вакцинацијат, децидни се од Министерството за здравство. Надлежните тврдат дека сите вакцини со кои располага земјата се безбедни и ефикасни и се единствениот начин за заштита од Ковид-19.

Реална закана

Делта-варијантата на коронавирусот е сè поприсутна во светот и претставува сериозна закана за сите земји, особено за оние каде вакцинацијата не е сè уште спроведена. Докторот Злате Мехмедовиќ на дебатна емисија на „Телевизија 24″ констатираше дека преносливоста на новиот Делта-сој е поголема за 60% во затворени простории и за 40% на отворено.„ Се смета дека бројот на заразени се дуплираат секој ден во рок од една недела и имате експоненцијално растење на кривата, бројките на хоспитализирани се дуплирани, како и бројките на смртни случаи. Ова се информациите што ги добиваме од Индија“, вели тој.

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Делта-варијантата на коронавирусот е сè поприсутна во светот и претставува сериозна закана за сите земји, особено за оние каде вакцинацијата не е сè уште спроведенаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Потврда за ваквата информација доаѓа и од регионот каде во Грција има пораст на бројот на нови случаи со коронавирус, откако со недели бројката се намалуваше. Здравствените власти вчера пријавиле 1.797 нови случаи, што е двојно повеќе од претходниот ден - 801. Според здравствените власти, повеќето нови случаи се пријавени кај млади луѓе, кои имаат многу помала веројатност сериозно да се разболат. Грчките власти ги укинаа повеќето ограничувачки мерки по падот на бројот на заболени.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера најави поорганизиран пристап во однос на Делта сојот, за што ќе разговара со министрите од регионот за да заземат заеднички став, во однос на евентуалните планови за воведување рестриктивни мерки на границите за патниците.