Деликатна мисија во Техеран | Свет | DW | 10.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Деликатна мисија во Техеран

Додека САД во Персискиот Залив „ѕвечкаат со оружје“ , Хајко Мас сака да го спаси атомскиот договор со Иран и да го смири Техеран. Поглед на актуелната ситуација, главните актери и цели. Пет прашања, пет одговори.

Зошто сега?

Опасноста од војна во Заливот е причина за зголемена нервоза кај сите страни. Ова се дел од настаните кои се случија минатиот месец: владата на претседателот Трамп во рамките на нивната „Кампања на максимален притисок“ дополнително ги заостри санкциите против Иран. Вашингтон најави дека Иран планира напади врз американски цели во регионот и е одговорен за нападите на многу нафтени танкери пред брегот на Обединетите арапски емирати. САД го засили и военото присуство во регионот, а продолжува со повлекување на дипломатскиот персонал од Ирак.

Иран во меѓувреме го загуби своето „стратешко трпение“: по 7 јули Техеран веќе нема да се придржува до обврските од атомскиот договор, доколку Европејците не најдат ефективен начин на Иран и покрај американските економски санкции да им даде мотив за да не го напуштата договорот. Вкупната слика се надополнува и со нападот на иранските сојузници, јеменитските бунтовници Хуту на една важна стратешка платформа за нафта во Саудиска Арабија.

Кои се целите на германскиот министер за надворешни работи?

Во договор со Англија и Франција, Мас со сака да ги задржи иранските соговорници да се придржуваат на договорот таканаречен „Заеднички сеопфатен план за акција." Мас сака “да се заложи за смиреност, претпазливост и де-ескалација“, појасни неговиот портпарол минатиот четврток. Мас пред се сака да се обиде да го одврати Иран од најавениот ултиматум до Европејците на 7 јули. Мас особено ќе се заложи да им се даде повеќе време за да стане функционален платежниот канал ИНСТЕКС чија цел е заобиколување на американските санкции а кој на почетокот од годинава го основаа Англија, Франција и Германија. Сепак и ако ИНСТЕКС не функционира, Мас не може да ги принуди германските компании да се ангажираат во Иран. Тие пак стравуваат дека во таков случај би биле погодени од некаква форма на американските санкции.

Повеќе:

-Конфликт со Иран: Пентагон размислува за испраќање трупи во Заливот

-Трамп создава проблеми со Иран, за потоа да ги решава

-Гласно ѕвечкање со оружје во Персискиот залив

Маас на оваа тема разговараше и со американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео за време на неговата посета на Берлин пред една недела. Но, САД веќе беа иритирани од подготвителната посета на политичкиот директот на министерството за надворешни, Јенс Плотнер на Техеран и ги критикуваа европските напори за спас на атомскиот договор од 2015 кој беше постигнат по долги и компликувани преговори.

Првата посета на еден германски министер за надворешни работи по две и пол години најверојатно ќе го вознемири Вашингтон.

Што очекува Мас во Техеран?

И покрај сета важност на симболиката и добрите намери на посетата, Иран бара практични начини за да се извлече од американските санкции. „Максималниот притисок“ од САД, според Иран води кон економска војна и веќе предизвика тешка економска штета: извозот на нафта е многу опаднат, а ваквиот тренд ќе продолжи; иранската валута до сега загуби две третини од вредноста; инфлацијата е галопирачка. Теоретски храна и лекови се изземени од санкциите, но исклучувањето на земјата од светскиот финансиски систем доведе до недостаток и хуманитарна криза.

Сето ова пред се ги зајакна позициите тврдокорните сили внатре во режимот – оние кои уште во 2015 предупредија дека не треба да му се верува на Западот. Притисокот во Техеран е екстремно голем, па изгледите дека Мас ќе се врати со конкретен резултат се екстремно ниски. И покрај ова Иран се уште се придржува до атомскиот договор што неодамна го потврдија и од Меѓународната агенција за атомска енергија, ИАЕА. Теми надвор од атомската програма како ракетната програма или улогата на Иран во регионот, портпаролот на иранското министерство за надворешни работи ги отфли како “нерелевантни“.

Кој е ставот на САД?

Во последно време од американскиот претседател Доналд Трамп пристигаат помирувачки тонови. Тој експлицитно изјави дека не сака промена на режимот во Иран, ниту пак војна и е отворен за разговори. Трамп исто така ги намали и поставените цели во однос на санкциите: сега зборува само за тоа дека сака да се спречи изработка на иранска атомска бомба. Со тоа Трамп настапува спротивно на ставот на неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон. Тој со години пропагира промена на режимот во Техеран и отворено се радуваше на ескапација на ситуацијата во Заливот. На 5ти мај Болтон дури и ја „замагли“ црвената линија за можен воен напад: секој напад врз интересите на САД или на неговите сојузници ќе се соочи со немилосрдна моќ. Без да се дефинира оваа воена порака, кои се интересите на САД, кои се нивните сојузници и нивните интереси.

Мајк Помпео кој е тврдокорен во однос на Иран, во неговата неодамнешна понуда за Техеран веќе не ги спомна минатогодишните дванаесет услови – кои не се прифатливи за една суверена држава. Но, коментарот на Помпео дека Иран мора да се однесува како “една нормална држава“, сугерира дека тој се прилагодува кон реториката на Претседателот, но со различна содржина на пораката. Набљудувачите се вознемирени дека меѓу Џон Болтон и војна со Иран, се чини стои само Доналд Трамп.

Што ќе се случува понатаму?

Откако се активираа носачите на борбени авиони, сега дипломатијата зема замав. По Мас во Техеран се очекува да пристигне јапонскиот шеф на државата Шинцо Абе – во посредничка мисија веднаш беше поздравена од Доналд Трамп. Ирак и Оман исто така сакаат да посредуваат – и двете земји имаат добри врски и со Вашингтон и со Техеран. Прва цел мора да бидат директни разговори меѓу Иран и САД. Но без олеснување на санкциите Техеран нема да седне на маса со Вашингтон. На долг рок регионот може да се смири, само ако дојде до разговори за заедничка безбедносна програма во која ќе бидат застапени интересите на сите инволвирани страни – особено на ривалските регионални сили Иран и Саудиска Арабија. Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Шариф на почетокот на јуни веќе изрази подготвеност за разговори со Саудиска Арабија.

 

DW.COM

Реклама