1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пентагон размислува за испраќање трупи во Заливот

ЕМФ / дв
23 мај 2019

Поради тензиите со Иран, во Персискиот залив веќе има воени бродови и Патриот-ракети. Сега се размислува за испраќање до 10.000 американски војници.

https://p.dw.com/p/3IwNh
Symbolbild US-Truppen im Irak und Syrien
Американски војници на вежба во Ирак (архива)Фотографија: imago/StockTrek Images

Американското министерство за одбрана размислува за испраќање дополнителен број војници во Персискиот залив поради заострената состојба во регионот. Се зборува за пет до десет илјади војници, тврдат двајца владини службеници кои сакаат да останат анонимни. Армијата, како што се тврди, веќе доставила соодветно барање. Меѓутоа, сѐ уште е нејасно дали Пентагон позитивно ќе одговори на тоа. Министерството за одбрана добива постојано слични барања. Од Пентагон засега нема изјава на оваа тема.

Според владините службеници, доколку би биле испратени трупи, нивната мисија би имала чисто дефанзивен карактер. Меѓутоа, во таков случај, би требало да се размислува и за испраќање дополнителни системи за противвоздушна одбрана, воени бродови и слично.

Германија сака да посредува

Односите помеѓу САД и Иран значително се влошија во текот на изминатите недели. Загриженоста од можна војна се зголемува. Германската влада, според извештај во весникот „Зиддојче цајтунг“, прави напори да посредува. Политичкиот директор во Министерството за надворешни работи, Јенс Плетнер, денеска ќе го посети Техеран, тврди весникот. Тој, меѓу другото, би требало да се сретне со заменикот министер за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, кој беше еден од преговарачите за меѓународниот Договор за атомска програма, склучен во 2015 година.

Повеќе:

Трамп создава проблеми со Иран, за потоа да ги решава

Ирак меѓу фронтовите во иранскиот конфликт

Гласно ѕвечкање со оружје во Персискиот залив

Состојбата во Персискиот залив и регионот е „исклучително сериозна“, цитира „Зиддојче цајтунг“ анонимни извори од Министерството за надворешни работи во Берлин. Постои „реална опасност од ескалација, меѓу другото и поради недоразбирање или инцидент“. Во таква ситуација „дијалогот е од големо значење“, се вели во Берлин.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена му се закани на Иран со уништување. Наведувајќи како причина „неписредна закана“, Пентагон во регионот на Блискиот Исток распореди два носачи на авиони, систем за противракетна одбрана од типот Патриот и сквадрони. Американските војници во Ирак и Сирија се ставени во состојба на „висока подготвеност“, а персоналот кој не е неопходен е повлечен од американската амбасада во Ирак. Освен тоа, Американците воведоа нови санкции против Техеран. Иран, од своја страна, го зголеми производството на ураниум.