Двојно државјанство: Старо вино во нови чаши? | Европа | DW | 14.03.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Двојно државјанство: Старо вино во нови чаши?

Кавга во германската владина коалиција: партиите ЦДУ и ЦСУ поднесоа предлог-закон за двојно државјанство, а три покраини во кои на власт се СПД и Зелените сакаат негова корекција. Фронтовите се чини се заострени.

Генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија Андреас Шоер во разговор за Дојче веле возбудено образложува:

„Во коалицискиот договор стои дека државјанството ќе биде поврзано со посетувањето училиште и регулираниот престој. Затоа овој испад заслужува тешка осуда“.

„Испадот“ што го лути Шоер е иницијативата на три германски покраини-Рајнланд Пфалц, Шлезвиг Холштајн и Баден Виртемберг што ја покренаа денеска во Бундесратот и со која сакаат да го променат предлог-законот за двојно државјанство, поднесен од Унијата (Христијанско демократската и Христијанско-социјалната унија).

Нилс Шмит од покраината Баден Виртемберг е заменик-шеф на пратеничката група на Социјалдемократската партија и еден од водечките луѓе во иницијативата. Во разговор за Дојче веле ја изнесува главната критика: предлог-законот на Унијата, според него, не придонесува кон интеграцијата и е спротивен на духот на коалицискиот договор.

Andreas Scheuer CSU

Андреас Шоер

„Сакаме сериозна примена на она што стои во коалицискиот договор - да не се создаваат нови бирократски пречки за Германците родени овде“.

Што стои во коалицискиот договор?

Потсетување - во ноември лани големата коалиција постигна договор. Двојното државјанство беше една од спорните теми пред неговото склучување. На крајот, се дојде до компромис: „Доселениците треба да станат германски државјани. Оној кој е роден во Германија и тука пораснал, не треба да го загуби својот германски пасош и не подлежи на никаква одредба за задолжително изјаснување за едно државјанство“.

Одредбата за задолжително изјаснување за едно државјанство практично значи ова: децата родени во Германија од родители од трети земја, на пример Турција, до својата 23-та година треба да се определат или за германското или за државјанството на своите родители. Ова правило не важи за луѓето чии корени се од земјите-членки на ЕУ. Тие смеат да имаат два пасоша.

Политичарите спорат околу формулациите

Сега е спорно толкувањето на зборот „одраснува“. Генералниот секретар на ЦСУ Андреас Шоер во разговорот за Дојче веле ги истакнува идните трошоци кои ќе настанат за општеството, наведувајќи еден пример:

„Да речеме, децата одат на училиште во Источна Анадолија, таму го поминуваат животот, а на 16 или 17 години им паѓа на памет дека имаат германски пасош“. Кога тие ќе се вратат во Германија, не го знаат ниту јазикот, ни се интегрирани. На крајот, вели Шоер, општеството треба да плати за нивната интеграција.

И претставниците на иницијативата во Бундесратот се повикуваат на економски аргументи. Нилс Шмит во двојното државјанство гледа пријателски сигнал кон интеграцијата. Тој укажува посебно на предностите за германската економија: „Со оглед на се‘ позаострениот недостиг стручна работна сила, мораме да најдеме правила кои се понаклонети кон интеграцијата“.

Ramschartikel deutscher Pass

Д-р Инес Михаловски

Дебатата за двојното државјанство е непотребна?

Експертот за прашања на интеграцијата д-р Инес Михаловски од Центарот за наука од Берлин смета дека на дебатата за двојното државјанство и‘ се придава преголемо значење. Таа вели: „Фактот дали некој располага со одреден пасош, не е решавачки за идентитетот на неговата личност. Дури и ако генерално се забрани двојно државјанство, не може на одредена личност да и‘ се забрани да се чувствува поврзана со одредена земја“.

Како практичен предлог таа го посочува предлогот на Советот на германските фондации за миграција и интеграција за „генерациски рез“. Тоа би значело дека одредена личност не може да ја одбере веќе земјата на своите предци, туку еднаш мора да повлече граница, да „пресече“. Со тоа, смета Михалковски, „да се биде начисто - јас сега живеам во друга земја, исто како моите родители и нивните родители. Значи, де факто јас сега припаѓам тука и веќе не се гледам себе си како државјанин на друга земја“.