Две обвиненија од СЈО, двојно повеќе од власта | Македонија | DW | 16.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Две обвиненија од СЈО, двојно повеќе од власта

Со грубо извртување на фактите, владејачката ВМРО-ДПМНЕ се обиде првите две обвиненија од СЈО да ги смести на верски терен. Од друга страна, во јавноста е зголемена надежта за достапност до правдата.

Расте оптимизмот во јавноста дека правдата во Македонија може да стане достижна, откако Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) вчера ги поднесе првите две обвиненија. Иако не се однесуваат на најтешките кривични дела за кои јавноста слушна бројни индиции од „бомбите“, сепак, првите „две ластовички“ од СЈО благо ја навестија правната пролет, односно крајот на политиката на неказнивост и на привилегирани пред законот, за што сведочат имињата на високи политички и полициски функционери кои може да се препознаат во обвинителните акти.

Во првите обвинителни предлози три месеци пред избори, дел од аналитичарите гледаат значаен импулс за превенирање на девијантните изборни практики. Таков став дели и политичкиот аналитичар, Сашо Клековски, кој смета дека тие се во насока на јакнење на фер и демократски политички натпревар.

Saso Klekovski

Сашо Клековски

„Неколку пати претходно коментирав дека СЈО треба да се фокусира на само еден предмет, најдобро поврзан со наводни изборни нерегуларности, наместо да работи на сите преземени случаи. Тоа поради фактот дека клучна цел на СЈО е да демонстрира дека не постои неказнивост на главните политичари, а тоа може да се постигне и со еден случај. И дека тоа е најдобро да биде предмет поврзан со избори, за да се обесхрабрат какви било незаконски дејства за изборите и со тоа да зајакне довербата во изборниот процес. За потсетување, по осудата на Красниќи за изборно насилство, на изборите што следеа не се случи насилство. Истовремено ваквите предмети се поедноставни, отколку на пример за корупција, за кои се потребни повеќе докази, вештачења и потешко се докажуваат. Изборот на двата први предмети се чини се во насока на јакнење на фер и демократски политички натпревар, со обвинение за насилство насочено против политички ривал, и на зголемување на контролата врз УБК, еден од приоритетите од извештајот на Прибе,“ оценува Клековски.

Парламентот на потег

Според податоците од шестмесечниот извештај за работата на СЈО, ова е само почеток. Во новите простории на СЈО досега биле пренесени 30 кубни метри доказен материјал, а во неговата статистика се нотирани четири истраги против 40 лица, два обвинителни предлози против 21 лице, сослушани 264 сведоци, 60 осомничени лица, поднесени 27 барања за заштита на законитоста и шест барања за меѓународна правна помош.

„Вчерашната прес-конфереција на СЈО е враќање на големата врата на надежта за можноста за достигнување на правдата во Македонија“, вели аналитичарот Рамадан Рамадани.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva

Катица Јанева апелира да се донесат од нејзе поднесените измени на Законот за заштита на сведоци

„Симболичното во неа е што СЈО се обрати од сега новото, 'нивно' седиште, а изненадувањето - од фактот дека се очекуваше СЈО да даде само извештај за сработеното. Двете предлог обвиненија според објавеното изгледаат мали, но личат на готови. Скратената постапка и небарањето на мерка притвор оддаваат јасна намера на СЈО да добие на брзина и време, кое не е поврзано со изборите, туку со роковите предвидени во законот со кој е формирано СЈО“, вели Рамадани, оценувајќи го како значајно навестеното покренување на големите случаи - за масакрот кај Смилковско Езеро и за убиството на Мартин Нешковски.

Но, за ефикасна работа на овие случаи, свој придонес треба да даде и парламентот. „Апелирам Собранието да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоци кои ги поднесов јас како Специјален јавен обвинител, за да влезе ова јавно обвинителство во сржта на предметите за Мартин Нешковски, Монструм и Сопот“, рече вчера специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Иницијативата за измена за законот таа ја поденесе до Собранието на 1-ви април годинава, со укажување за нејзината итност. Но, на 7- ми април Собранието донесе одлука за самораспуштање поради закажаните избори на 5 јуни, па иницијативата остана во пратеничките фиоки. Откако изборите по вторпат се одложија и пратениците повторно се вратија во собраниските клупи, Јанева неколку пати апелираше да се донесат измените, но досега без резултат.

На следната страница: Игра со верските чувства

DW.COM

Реклама