Дали е Балканот лесен плен за џихадистите? | Свет | DW | 16.06.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Дали е Балканот лесен плен за џихадистите?

На Балканот живеат милиони муслимани. Дали тоа го прави регионот посебно интересен за „Исламската држава“, како што деновиве пишува светскиот печат?

„Последните 100 години од балканската историја не се ништо друго туку хронологија на угнетување на муслиманите. Во заговорот учествуваат сите, од комунисти, преку крстоносци до Евреи и затоа е најлогично сите да се убијат“. Ова е дел од пораката на „Исламската држава“ (ИС) испратена преку видео на почетокот на месецов. На снимката се појавуваат повеќе млади и постари забрадени мажи кои на босански и на албански јазик ги советуваат своите „браќа“ на Балканот да напаѓаат и да убиваат во својата околина.

Сараевскиот експерт за тероризам Владо Азиновиќ ги критикува во прв ред медиумите во регионот кои од пропагандната снимка направиле спектакл. „Целосни маргиналци, кои не претставуваат никого и никогаш не биле пред камера, сега одеднаш се чувствуваат важни и се закануваат иако тие закани немаат никакво вистинско упориште. Со тоа им служиме на нивната цел, бидејќи тие оваа видео-содржина токму и ја направиле за да ги привлечат медиумите“, вели Азиновиќ за ДВ. Тој додава дека ИС на разни јазици секоја недела испраќа над 200 илјади заканувачки пораки само преку Твитер, и дека е „претерано да се мисли дека ИС посебно го таргетира Балканот“.

Сепак, германските медиуми минатата недела јавија, повикувајќи се на безбедносни извори во Германија, дека радикалниот Ислам плете своја мрежа на Балканот и дека таму се врши обука на идните џихадисти. За сериозноста на состојбата говори и расправата на надлежната комисија на Бундестагот.

Propagandavideo IS Balkan

Пропагандното видео на ИС за Балканот

Сериозни закани

Доцентот на белградскиот Факултет за политички науки Филип Ејдус смета дека во моментов не може да се зборува за келии на ИС на Балканот, но дека заканите треба да се сфатат сериозно. „Се плашам дека е само прашање на време кога таа организација ќе започне со напади во Европа. Балканот, поради својата ендемска нестабилност, во таа смисла би бил лесна мета. Политичките елити во србија треба да сфатат дека без одлучен сојуз со западните демократии, не можат сами да одговорат на овој растечки глобален предизвик“, вели Ејдус.

Иако регионалните експерти имаат различни проценки за заканата од ИС на Балканот, полека станува јасно дека во регионот џихадистите имаат релативно голем број регрути. Проценките се дека само на Косово повеќе од 250 луѓе и се придружиле на ИС, што според бројот на населението е рекорд надвор од арапските земји. Не заостанува многу ниту БиХ.
„Тоа се луѓе на кои не им се нуди никаква алтернатива која би ги охрабрила да бараат иднина во матичната средина. Многу често се од економската маргина, без образование и работни навики“, вели Азиновиќ.

Сиромаштијата и недостатокот на перспектива се еден од предусловите, но не и единствената причина.
„Заминуваат на далечни боишта во земји за кои порано и не знаеле дека постојат, во војна која не ја разбираат и за интересите кои не ги сфаќаат. А сето всушност поради вербата дека исполнуваат некаква Божја задача. Воглавно тоа се луѓе кои инаку завршуваат во организираниот криминал, а во случајов одат во ИС“, вели Азиновиќ.

Влијание од Арапскиот полуостров

Propagandavideo IS Balkan

Повеќето од луѓето на снимката веќе се мртви, велат експерти

Слична е состојбата и на Косово, објаснува приштинскиот социолог на религијата Исмаил Хасани. „Има имами кои доаѓаат од разни религиски школи од истокот и се обидуваат да проповедаат ислам кој е спротивен на идеите на традиционалниот ислам на Балканот. Сметам дека ниту една од тие радикални варијанти нема да мине на Балканот“. Хасани смета дека се пренагласува приказната за наводното влијание на ИС на Балканот. Според него, периодот на војни на Балканот е завршен, но упорно опстојува стереотипот дека во тој дел од светот „соседите едвај чекаат да почнат да се убиваат едни со други“.

Затоа, дел од соговорниците сметаат дека извештаите за ИС треба да се стават во вистински контекст. На пример, вели Азиновиќ, треба да се каже дека споменатото видео е снимено уште минатата година, и дека добар дел од оние забрадени луѓе кои повикуваат на убивање на „неверниците“, во меѓувреме се мртви.

Реклама