1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Грција ќе се откаже од еврото?

7 мај 2011

Грчката влада синоќа демантираше дека има план за излез од еврозоната и за враќање кон националната валута - драхмата, откако претходно оваа можност ја објави електронското издание на германското списание „Шпигел“.

https://p.dw.com/p/11BAb
Евромонета од Грција
Евромонета од ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Претставник на кабинетот на грчкиот премиер Јоргос Папандреу категорично ја демантираше информацијата објавена од „Шпигел“. Електронското издание на „Шпигел“, повикувајќи се на свои извори, објави претходно дека грчката влада предупредила оти може да излезе од еврозоната и да се врати на драхмата.

Сепак се одржал состанок во Луксембург

Претседателот на Еврогрупата Жан Клод Јункер во меѓувреме ја демантираше информацијата, исто така објавена во „Шпигел“, дека министрите за финансии од еврозоната синоќа требало да ја разгледаат кризата во Грција и можноста за реструктуирање на грчкиот долг. Јункер во меѓувреме потврди дека синоќа навистина бил одржан состанок на министрите за финансии од одделни земји од ЕУ, но темата за Грција не била на дневен ред. Министрите за финансии на Германија, Франција, Италија и Шпанија ја исклучија можноста Грција да ја напушти еврозоната. На ненајавениот состанок одржан во Луксембург учестувале и грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину како и еврокомесарот за економија Оли Рен и претседателот на Европската централна банка, Жан Клод Трише.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле
Германскиот министер за финансии Волфганг ШојблеФотографија: AP

Берзите реагираа молскавично на овие информации: курсот на еврото синоќа падна на 1,43 долари, откако во четвртокот изнесуваше 1,48 долари.

Истапувањето од еврозоната-опасен потфат

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле сака Грција по секоја цена да ја одврати од напуштање на еврозоната, пишува „Шпигел“. Во интерен документ на Министерството за финансии во Берлин Шојбле предупредува на последиците: „Ќе дојде до значително обезвреднување на новата валута во однос на еврото“. Според проценките, тоа би изнесувало до 50 проценти, што би довело до драстичен пораст на долгот на Грција и реструктуирањето би било практично невозможно.

Griechische Drachme (Sonderformat 590 x 250 Px)
Грчката драхма

Освен тоа, истапувањето на една држава од монетарната европска унија „силно би ја подрило довербата во функционирањето на еврозоната“. Инвеститорите мора да сметаат во таков случај дека и други држави ќе се откажат од еврото. Европската централна банка пак би требало да отпише делови од нејзините побарувања, што ќе значи загуби пред се’ за Германија. Експертите сметаат, меѓу нив и Фебус Атанасиу, правник од ЕЦБ, дека истапувањето од еврозоната е многу комплексно прашање, поврзано и со истовремено истапување од ЕУ, што според Лисабонскиот договор во меѓувреме теоретски е можно.

Но, преминот кон нова сопствена валута за една земја претставува огромни логистички и финансико-политички стапици. Мора да биде извршенно ограничување на движењето на капиталот, дури и на патувањата, за да се избегне хаос на пазарите и меѓу граѓаните. Една држава би морала да биде целосно очајна за да се одважи на ваков чекор, сметаат експертите, што сепак не е исклучено.

Автор: ЖА/СН/дпа/афп/ртре

Редактор: Симе Недевски