Г20: Може ли Германија да ја менаџира кризата? | Економија | DW | 01.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Г20: Може ли Германија да ја менаџира кризата?

Национализмот и изолирањето во светот напредуваат. Германија за време на своето претседателство со Г20 сака да предизвика свртување во обратен правец. Дали ќе успее?

Желбата за слобода и подобар свет е желба и на Г20, а тоа е и општото очекување од Г20“, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во поздравното обраќање до своите колеги по функција и шефовите на централните банки на најважните индустриски нации и земји во забрзан развој во Берлин.

Возвишена претензија во време кога насекаде низ светот владее криза. Притоа, како што е познато, токму големите актери меѓу Г20 се оние кои сѐ помалку соработуваат, а сѐ повеќе работат едни против други и имаат незанемарлив удел во светските кризи. Покрај Г7, значи Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада и САД, во Групата 20 спаѓаат и Русија, најголемите земји во засилен економски развој: Кина, Индија, Бразил, Мексико и Јужна Африка,  како и Аргентина, Австралија, Индонезија, Саудиска Арабија, Јужна Кореја, Турција и ЕУ.

Како да се запре протекционизмот?

Во многу од овие земји постои тренд контра глобализацијата, враќање кон националните држави. Идниот американски претседател Доналд Трамп поддржува протекционистички мерки и во својата економска и трговска политика јасна предност дава на интересите на САД. Исто така и изјаснувањето во Британија, Брегзитот и случувањата во Турција одат во правец на изолирање.

Германската влада за време на своето претседавање со Г20 сака да постави контрапункт против овој тренд. „Креирање поврзан свет“, гласи мотото за идната година. „Не можеме да го вратиме тркалото на глобализацијата наназад, ниту го сакаме тоа“, изјави германскиот министер. Глобализацијата значително го подобри животот на милиони луѓе. „Но, мораме што подобро да ја обликуваме глобализацијата“, рече Волфганг Шојбле.

Logo der deutschen G20 Präsidentschaft (Bundesregierung)

Логото на германското претседавање со Г20 2017

Умереност наместо претерувања

Многумина луѓе се жалат на растечкиот јаз меѓу сиромашните и богатите, меѓу елитите и остатокот од светот. „Од таа причина, мора да си го поставиме прашањето на каков начин да постигнеме кохезија во општеството, како да постигнеме умереност наместо претерување“, вели Шојбле. Но, токму тука тој ја гледа силата на Г20. „Организацијата на своите членки токму во кризни времиња им нуди можност за меѓусебна отворена размена на мислења и заедничко наоѓање излезни решенија.“

Слично аргументира и германската канцеларка. Историјата покажува дека повлекувањето и концентрацијата врз сопствената земја никогаш никому не користеле, напротив секогаш предизвикувале штети, потенцира Ангела Меркел. Германија во Г20 гледа одговорност за справување со најитните предизвици на глобализацијата. „Треба да извлечеме поука од ретроактивните движења, што значи, мораме отворено да ги детектираме и дебатираме проблемите.“  

China G20 Gipfel in Hangzhou (Reuters/D. Sagolj)

Г20 нуди можност за размена на мислења - Ангела Меркел и Владимир Путин

Африка како тежиште

Германското претседателство со Г20 содржински треба да се потпира на три столба, опфатени во мотото „обезбедување стабилност, подобрување на перспективноста, преземање одговорност“. Стабилноста во прва линија се однесува на националните економии на земјите членки. Треба да продолжи соработката поврзана со меѓународните финансиски и даночни прашања, вработувањето, како и трговијата и инвестициите. Во перспективноста спаѓаат дигитализацијата на светската економија, но и Агендата 2030 за траен одржлив развој и Парискиот договор за климата.

Германија освен тоа сака да ја засили и улогата на Г20 на полето на одговорноста. Првостепена агенда во овој поглед е трајниот економски напредок во Африка. „Приватните инвестиции се клучот за одржлив раст и справување со невработеноста во Африка“, вели Волфганг Шојбле. Животните услови на тамошните луѓе мора да бидат трајно подобрени со конкретни мерки и постигнати стабилни рамковни услови за инвестиции. Дел од тоа е и изградбата на инфраструктура. Во јуни во Берлин ќе биде организирана конференција на тема „Партнерство со Африка“.

Зборовите да се преточат во дела

На почетокот на јули шефовите на држави или на влади од Г20 во Хамбург ќе имаат дводневен самит. Германската канцеларка веројатно во таа прилика првпат ќе го пречека новиот претседател на САД, Доналд Трамп. За Ангела Меркел, тоа доаѓа како порачано, на неколку месеци пред изборите за Бундестагот во септември, таа во Хамбург може да се претстави во улога на светска политичарка која презема голема одговорност.

На самитот Г20 предвидено е потпишување завршен документ во кој би се нашле сите заклучоци подготвени претходно во различни работни групи во првото полугодие од 2017 година. Германскиот министер за финансии Шојбле подвлекува - Г20 нема да бидат оценувани врз основа на документите, зашто ни најдобрите декларации не значат ништо ако не следи нивно консекветно реализирање. „Треба да се погрижиме она што ќе му го ветиме на светот, истовремено и да се оствари“, истакнува Шојбле. Само на таков начин може да се пресретне растечката скепса кај луѓето во светот.

 

DW.COM

Реклама