Грчкиот парламент за компромисот со Македонија: Решението е на дофат | Македонија | DW | 24.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Грчкиот парламент за компромисот со Македонија: Решението е на дофат

Грчкиот парламент денеска треба да гласа за Преспанскиот договор. Премиерот Алексис Ципрас по сѐ изгледа го има неопходното мнозинство.

Беше соочен со многу подмолност, критика од десно и не како последно - излегување од коалицијата на деснопопулистичката партија Независни Грци (АНЕЛ). Па сепак, грчкиот премиер Алексис Ципрас се чини е цврсто решен да го протурка до крај својот досега најважен надворешнополитички проект - компромисот во вечниот спор за името со Македонија кој беше договорен летоска со македонскиот колега Зоран Заев. Малата балканска држава треба да се преименува во Северна Македонија. Парламентот во Скопје веќе даде согласност, а сега се на ред Грците.

Во вторникот беше мината првата пречка, кога зелено светло даде Комисијата за одбрана на грчкиот парламент. Денеска за Преспанскиот договор ќе се гласа на пленарна седница, освен ако конзервативната опозиција не посегне по процедурален трик и не поднесе барање за гласање доверба со што гласањето би било одложено.

Повеќе:Рељиќ: Ципрас го решава спорот со Македонија и од прагматични причини 

Левичарскиот премиер Ципрас и онака нема сопствено мнозинство откако десните популисти од АНЕЛ ја напуштија владата во знак на протест поради приближувањето со соседот. Но, тој е уверен дека компромисот со помош на гласовите од помалите партии и независните пратеници ќе помине. Социјал-либералната партија То Потами сигнализираше дека мнозинството нејзини пратеници ќе гласа за Договорот. Клучна фигура притоа е пратеникот Спирос Данелис. При гласањето за доверба на владата минатата недела, тој изненаудвачки гласаше за Ципрас, по што беше исклучен од партијата. Данелис сака да гласа и за Договорот со Скопје. „Со години се залагам за приближување со соседот и во четврток ќе гласам за Договорот. Оваа одлука е во согласност со мојата совест и моето политичко минато“, изјави Данелис за ДВ. Тој смета дека за Договорот ќе има неопходно мнозинство во парламентот. „Одметнати десни популисти, како и пратеници од мојата поранешна партија То Потами му даваат поддршка на компромисот“, вели социјалдемократот.

Griechenland Vertrauensabstimmung im Parlament in Athen (Reuters/A. Konstantinidis)

Расправата во грчкиот парламент е жестока

Закани за политичари

На Данелис не му е лесно. Тој од страна на самопрогласени патриоти со месеци е навредуван како „предавник“. Неговото семејство на островот Крит е соочено со закани од непознати лица. Сепак, 63-годишникот смета дека го прави вистинското. Она што му е посебно болно е што, како што вели, тој и неговата некогашна партија преземаат многу поголема одговорност отколку што би требало, додека други молчат за прашањето на Македонија или се на курс на конфронтација.

Гледај видео 01:08

Емоционална дебата за Преспанскиот договор

Киријакос Мицотакис, шеф на најголемата конзервативна опозициска партија Неа Демократија (НД), одамна се постави контра компромисот. „НД ќе сори сѐ за да ја спречи ратификацијата на Договорот“, повтори тој на партиски собир во Солун во вторникот. Неговото образложение гласи: „Со овој договор Грција првпат признава македонски јазик и идентитет на соседот, од причини кои му се познати само на господинот Ципрас.“

И некогаш моќниот социјалистички ПАСОК, кој сега одвај живурка под ново име КИНАЛ, го отфрла компромисот. Против приближување со славјанскиот сосед е и Василис Левентис, шеф на „Центристичката унија“, која тешко може политички да се категоризира.

Левоориентираните весници во Грција пишуваат дека прашањето на Македонија не е ништо друго освен навестување на нова прераспределба на силите во политичкото милје во земјата. Според нивните предвидувања, Ципрас и неговата Сириза ќе бидат водечка сила во новосоздадениот централно-левичарски камп, додека конзервативците наводно бараат близина со десните популисти. Такво мислење дели и Данелис: „Оној кој верува во прогресивните сили, не може да ја заобиколи Сириза. Сѐ друго би било далеку од реалноста“, смета социјалдемиократот.

Griechenland Proteste in Athen (Reuters/A. Konstantinidis)

На протестите во Атина во неделата се собраа околу 60.000 луѓе

Нови демонстрации

Во меѓувреме, додека пратениците денеска расправаат и треба да гласаат, противниците на Преспанскиот договор повикуваат на нови протести. За разлика од поранешните демонстрации, политичките партии и православната црква сега се на дистанца од демонстрантите. Како организатори фигурираат „македонски културни здруженија“ од цел свет. Тие на масовни протести повикаа и во неделата. На демонстрациите за „грчкиот карактер на Македонија“, според нивните очекувања, требаше да се појават половина милион луѓе, но според полициски наводи на протестите излегле не повеќе од 60.000 луѓе.

Повеќе: Протести против Преспанскиот договор: Историјата им припаѓа на Грците!

На социјалните медиуми се шпекулира околу причините за малиот број учесници на протестите и за патриотизмот кој наводно слабее. Можеби сѐ се должи на лошото време. Или можеби на фактот што во неделата грчкото тениско чудо Стефанос Циципас играше против третиот на светската ранг-листа Федерер и што дуелот беше пренесуван во живо. Еден корисник на Твитер иронично заклучува: „Светот е превртен на глава. Десничарите одат на демонстрации, левичарите седат дома и гледаат тенис.“

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама