Грчката држава и црква се разведуваат | Свет | DW | 23.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Грчката држава и црква се разведуваат

Грчката влада сака да ги отпушти свештениците од државна служба со цел да се одвои од црквата. Но, тој чекор може да предизвика „света војна“. Имотот на ГПЦ се проценува на околу 700 милијарди евра.

Во текот на бруталната финансиска криза, премиерот Алексис Ципрас не се осудуваше да ги антагонизира односите со црквата, бидејќи милиони Грци погодени од кризата се свртеа кон најмоќната институција во земјата за поддршка и духовно водство.
Но сега, ослободен од стегите на меѓународните кредитори и бруталните заеми, Ципрас сака развод. Исто така, сака и удел во големото богатство на црквата. Но, во истовреме, не сака разводот да биде мачен.
Во обид да изнајде мирно решение, тој изработи лукав план во 15 точки кој го отвора патот за безболна разделба во една од најтеократските земји во Европа.
Според тој план, околу 9.000 свештеници треба да бидат отпуштени од државна служба. Во иднина, нивната плата, јавни бенефиции и пензиското осигурување ќе треба да им го плаќа Грчката православна црква.

Сѐ е во парите

Црквата, исто така, ќе треба да го попушти стегите врз националната религија, дозволувајќи ѝ на државата да се прогласи за „верски неутрална“. Во замена, државата ќе ги повлече сите барања за земјиште и имоти кои Црквата долго време ги смета за свои, а притоа, ќе се формира огромен проект за развој на земјиштето кој ќе го надгледуваат обете страни и ќе го делат профитот 50-50.

Griechenland Streit zwischen Kirche und Regierung (DW/A. Carassava)

Владиците на ГПЦ остро се спротивставија на планот на Ципрас


Звучи лукративно? Доволни беа 45 минути за архиепископот Јеронимос да ја прифати идејата и да се ракува со Ципрас по нивната средба на почетокот на месецов. Но, тајниот договор предизвика огромни реакции, а владиците и свештениците го прогласија за предавство.
Оттогаш состојбата се заканува да излезе од контрола, а разводот се претвора во жесток судир.
На итната седница на највисокото тело на ГПЦ, 72 од 82 водечки владици застанаа на страната на свештениците и одбија тие да бидат отстранети од државниот буџет.

Тврд став на владата

Владата веднаш возврати. „Да разјасниме. Владата има право да регулира сѐ што има врска со државниот буџет. Ако Црквата не го прифати нашиот предлог, владата самата ќе го стори тоа“, изјави владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос.
Критичарите велат дека на овој владата сака да ја принуди Црквата да го прифати нејзиниот план. Но, битката со најмоќната државна институција може скапо да го чини Ципрас, кој самиот е атеист.
„Секогаш и секојпат кога државата ѝ се спротивставила на Црквата со некој нова реформа или мерка, загубила“, вели аналитичарот Никос Диму за ДВ.

Griechenland Streit zwischen Kirche und Regierung (Greek Prime Minister's Office/Andrea Bonetti)

Државата ниту еднаш не излегла како победник во судирите со црквата, велат аналитичари


Разделбата нуди огромни можности за Црквата, а и многу Грци се чини ја поддржуваат мерката. Државата ќе стане секуларна во својата основа. Државните органи ќе смеат да ги контролираат сметките на ГПЦ чиј имот се проценува на околу 700 милијарди евра. А со бркањето на свештенството од државниот буџет, се отвораат 9.000 работни места во земјата која има меѓу највисоките стапки на невработеност во Европа.

Политички кампањи на сметка на Црквата?

Уште од изборите во 2015 година, Ципрас ветува разделба меѓу Црквата и државата. Но досега беше внимателен затоа што ГПЦ играше важна улога за време на големата финансиска криза.
Соочен со избори следната година и постојан пад на рејтингот, критичарите и свештенството го обвинуваат Ципрас дека сака да добие политички поени преку судирот со ГПЦ.
„Ова далеку го надминува политичкото волшепство“, вели владината Серафим од Пиреја. „Ова се фашистички обиди кои стадото ќе ги одбие доколку владата продолжи со нив“.
Сите претходни обиди да се одвојат двете институции завршуваа со отпор од нацијата да ѝ го сврти грбот на Црквата чија улога се смета клучна во одбраната на христијанската вера и грчкиот јазик за време на отоманското владеење.
Советниците наводно го советувале Ципрас да се повлече од судирот со Црквата, особено поради последните анкети кои покажуваат дека речиси 70 отсто од Грците се убедени оти тој ќе ги загуби следните избори од конзервативната опозиција- која пак традиционално го поддржува свештенството.

DW.COM

Реклама