Грција остана без гориво
29 јули 2010Илјадници странски туристи се блокирани поради штрајкот на возачите на цистерни во Грција, јавуваат агенциите, повикувајќи се на извештаи на српски и бугарски медиуми. Се проценува дека околу сто илјади српски туристи се заглавени во северна Грција во регионот на Халкидики, откако речиси 90 проценти од бензинските пумпи во земјата останаа без гориво.
Грчката полиција денеска со солзавец ги растури демонстрациите на околу 500 сопственици на цистерни и товарни возила во Атина, чиј штрајк продолжи и трет ден по ред. Возачите протестираат против либерализацијата на пазарот за превоз. До судирот дошло кога возачите се обиделе да влезат во зградата и да разговараат со министерот за транспорт Димитрис Репас.
Поради кризата грчката влада со употреба на кризната мерка - објавување на граѓанска мобилизација им нареди на сопствениците на товарни камиони и цистерни да го прекинат штрајкот и да се вратат на работа. На оние возачи, кои нема да ја испочитуваат наредбата, им се заканува апсење и казна од пет години затвор, како и опасност да останат без работни дозволи.
Македонското и српското министерство за надворешни работи денеска на своите граѓани им препорачаа, поради кризата во Грција, да ги наполнат резервоарите со бензин пред излез од Македонија.
Српските туристи за домашните медиуми се жалат дека бензин во Грција може да се набави единствено на црниот пазар и чини пет евра за еден литар.
автор: БГ/ТТ/дпа/миа
редактор: Борис Георгиевски