Груевски и Јанакиески ќе одговараат за случајот „ТНТ“ на СЈО | Македонија | DW | 17.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски и Јанакиески ќе одговараат за случајот „ТНТ“ на СЈО

Советот на Кривичниот суд во Скопје го прифатил обвинителниот акт на СЈО за случајот „ТНТ“ во кој, меѓудругите, обвинети се експремиерот Груевски и поранешниот министер за транспорт, Јанакиески.

Случајот „ТНТ“ за кој Специјалното јавно обвинителство отвори истрага во април 2016 година ќе добие судска завршница, откако Советот за оценка на обвинителен акт во Кривичниот суд го прифати обвинителниот акт, објави агенцијата Миа. Седум лица беа осомничени за бесправно уривање на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Меѓу нив, на обвинителната клупа треба да седнат поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, министерот за транспорт во неговата влада, Миле Јанакиески, тогашниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски и уште четири други лица вработени во општината.

Претходно, Апелацискиот суд утврди дека во постапката можат како докази да се користат прислушкуваните разговори објавени во ткн. „бомби“.

Груевски е осомничен како нарачател на уривањето на Космос, а целта била одмазда врз Цаноски поради напуштањето на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Според СЈО, се работи за „криминална спрега на релација централна- локална власт која функционирала многу ефикасно за задоволување на желбите на нарачателот, аболицираниот поранешен премиер на Република Македонија“.

Груевски првпат беше повикан на распит за случајот „ТНТ“ во јуни мината година, и тогаш изјави дека се работи за монтиран случај во кој тој нема никаква вина.

Во еден разговор објавен во ткн. бомби на СДСМ во февруари 2015 година, Груевски му предлага на Јанакиески да се смени Деталниот урбанистички план за да се оствари замислената цел за рушење на објектот на Цаноски. Потоа се предомислува и предлага да се смени и Генералниот урбанистички план. Експремиерот во еден разговор го сугерира и денот погоден за рушење на објектот- ден после изборот на новата влада. Но повторно се предомислува и му сугерира на Јанакиески рушењето да се спроведе на 1. август, кога почнува „фул сезона на годишни одмори“. Во шестиот разговор меѓу нив, го загрижува фактот дека судијка може да даде судски налог за забрана на рушењето, па Груевски му сугерира на Јанакиески да се јави кај „највисокиот“ во судот.

Уривањето на објектот Космос започна на 1 август 2011 година.

DW.COM

Реклама