Груевски е поразен, што правиме со „груевизмот“? | Северна Македонија | DW | 17.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Груевски е поразен, што правиме со „груевизмот“?

Груевски повеќе нема да ја одредува судбината на Македонија, но она што ќе се случува во Македонија може и тоа како да ја одреди судбината на Груевски. Задачата е да се изгради систем во кој груевизмот нема да се повтори

Со наведната глава во неделата на 15 октомври Никола Груевски ја најави својата демисија од политичката сцена во Македонија. Груевски не го изговори зборот „оставка“, но и не мораше. Тој лебдеше над него како сенка и се насетуваше во немуштиот обид да рефлектира одлучност и цврстина. Обидот, тешкиот пораз да го оправда со обвинувања за нерегуларности и притисоци врз гласачите, беше само замачкување очи на сопствените симпатизери и партиски членови пред вториот круг гласање на 29 октомври во кој ќе биде запечатена неговата судбина. Политика- купи ден помини- толку карактеристична за последните години од неговото владеење, но и одамна прочитана.
Но, доколку падот на Груевски е веќе апсолвирана тема, останува големото прашање: што правиме со системот кој го остави зад себе во државата по 10 и кусур годишното владеење? Се работеше за систем кој ја прегази државата, а не за еднократна појава чии последици едноставно би можеле да се санираат со формирање нова влада и победа, па макар и така убедлива, на локални избори. Систем во кој царуваа корупцијата, непотизмот, клиентелизмот, национализмот, контролата врз правосудството, стравот и задушувањето на слободата и на граѓаните и на медиумите. Систем чии стравотии излегоа на површина на 27 април годинава со упадот во Собранието. Систем за чија налудничавост слушавме во „бомбите“ кои ги објавуваше тогашната опозиција,а денешна власт во Македонија. Систем кој ја скара државата и со соседите и со меѓународната заедница. Систем кој го произведе Скопје 2014 и го смести главниот град во долината на кичот претворајќи го во предмет на потсмев пред светската јавност.

Трезвеност наместо еуфорија

„Шутка не ти бега Никола!“, извикуваа симпатизерите на СДСМ во ноќта на големата изборна победа. Мешавината од радост- поради конечниот пораз на ривалот, и еуфоријата од неочекуваната голема победа на сопствената партија за момент ги ставија во втор план сите проблеми со кои се соочува државата, и дома, и надвор. Делумно воздржаниот говор на Заев, кој предупреди дека „сега ќе мора да се засукаат ракавите“, му даде трошка трезвеност на славеничкиот момент. Без разлика дали Груевски ќе заврши во Шутка, Идризово или Белизе, на Заев треба да му биде јасно дека тој и неговата партија се наоѓаат пред историска задача во која нема многу простор за грешки. Одговорноста е голема, исто како и очекувањата на граѓаните. Груевски повеќе нема да ја одредува судбината на Македонија, но затоа, она што ќе се случува во Македонија може и тоа како да ја одреди судбината на Груевски... Или на некои идни Груевци. Правда, секако, мора да има. Но неа може да ја донесе само реформиран правосуден систем, за чие постоење и независно функционирање политиката треба да создаде услови.

Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM (Reuters/O. Teofilovski)

Засукување ракави наместо еуфорија. Зоран Заев


Нималку случајно, во вториот извештај на експертската група на Европската Комисија предводена од Рајхнард Прибе, се споменуваше токму опасноста „една заробена држава во Македонија да се замени со друга“. И Брисел и другите македонски поддржувачи во меѓународната заедница во изминатите 25 години видоа и слушнаа премногу „нови почетоци“, бројни неисполнети ветувања, преродби и животи... За македонските граѓани и да не зборуваме. За Македонија да стане држава со „сите нишани“ не е доволно Заев да заседне на тронот на Груевски, а сдсмовските да ги заменат вмровските градоначалници. Работата која претстои задира во темелите на општеството: во образовниот систем кој од мали нозе учи на покорност наместо на креативност и критично размислување, во здравството кое разболува наместо да лечи, во јавната администрација во која се напредува со партиска книшка наместо со квалитет, во менталниот склоп кој во власта гледа шанса за богатење наместо за сервисирање, во односот кон животната средина... Реформите кои треба да се спроведат во Македонија ќе мора да одат по вертикала, но не како теоретски законски проекти кои никој не ги спроведува во пракса, туку како пример од врвот кон обичниот граѓанин за едно поинакво однесување. Градењето култ на личност на лидерите и понизноста треба да се замени со критичност и дијалог.

Демонтажа на системот
Нема да помине долго пред да се појават првите вести за, на пример, делење тендери по партиска или приватна основа во централната или локалната власт. Се случува тоа насекаде низ светот. Разликата е во тоа што таквите појави се казнуваат онаму каде што Македонија сака да оди. Доколку неказнивоста продолжи да важи како принцип за функционерите во земјата, сите ветувања ќе останат само празни зборови. Обидот да се надомести евентуалното незадоволство на граѓаните со премачкување на клиентелизмот во нова партиска боја само ќе го забрза крахот на државата и ќе и се врати како бумеранг на владејачката партија. Задушувањето на медиумите, исто така. Предизвикот да се „чепне“ или искористи макар делче од стариот систем во своја корист, за партиски или личен профит, многу брзо ќе ја стави и новата владејачка партија на шините на „груевизмот“. Резултатите од Локалните избори уште една покажаа дека авторитарната политичка култура и клиентелизмот во Македонија имаат цврст корен. Оние 120 илјади гласови помалку на контото на ВМРО-ДПМНЕ се доволен, иако не и единствен, доказ за тоа. 
Сѐ освен целосна демонтажа на системот на Груевски нема да и донесе ништо добро ниту на државата, ниту на владејачката партија. Тој систем не го измислија Груевски или ВМРО-ДПМНЕ, туку само го доградија и „усовршија“ она што во наследство им го остави СДСМ во 1990-те години. Оттука задачата нема да биде ни лесна, ниту едноставна. Задачата е да се изгради систем во кој груевизмот повеќе нема (да може) да се повтори. Тоа ќе е можно, меѓудругото, само со независно судство, со професионална администрација, со слободни медиуми и силно граѓанско општество.
Ќе бидат потребни многу храброст и квалитетна работа за да почнат да се менуваат нештата во Македонија. Дали СДСМ и Заев имаат одлучност и умешност тоа да го сторат, ќе почнеме да дознаваме многу брзо. Од она што досега го видовме, има простор за умерен оптимизам и надеж, но не и за еуфорија. 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама