Градоначалници на средба со Комисијата за заразни болести | Северна Македонија | DW | 19.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Градоначалници на средба со Комисијата за заразни болести

Мора на секое ниво да се јакне свеста за превенција од вирусот, а лажните изјави да бидат санкционирани, порачуваат здравствените власти.

Комисијата за заразни болести, според најавите, се очекува на денешниот состанок да ги повика и градоначалниците, кои треба посилно да помогнат во справувањето со растечкиот број на заразени од коронавирусот. Сегашните 40-те кластери во земјата се резултат на непочитувањето на мерките за лична заштита, дистанца и избегнување групирања и собири. Доколку градоначалниците не успеат да делуваат на свеста на граѓаните да ги почитуваат мерките за носење маски и одржување дистанца, не е исклучено да се вратат построгите рестриктивни мерки. Тоа особено се однесува на неколку општини во земјата кои во последните две недели станаа растечки жаришта на Ковид- 19.

Лажните податоци го шират вирусот

Директорката на здравствениот и санитарен инспекторат Ирена Сотирова-Бухова вчера потврди дека зголемениот број новозаразени е исклучиво од непочитување на препораките, но и поради недавањето податоци за контакти.

„На терен на дневна основа се соочуваме со недавање точни лични податоци. Во епидемиолошката анкета дава точно име, а презимето случајно згрешено со две или три букви, непостоечка адреса, телефонски број не постои, меил секако не. Тоа се податоците кои ги добиваме од одредени граѓани, лажни односно неточни", рече Бухова.

Повеќе:

-Коронавирус: Берлин нуди лекување на македонски пациенти во Германија

-Коронавирусот урива рекорди: Нови 193 заразени во земјата, 140 во Скопје

-Болничките капацитети полни, кадрите истоштени

Но, во некои случаи дури и точните податоци дадени при врачување на решенија за самоизолација, на терен завршуваат со изјави од типот „ова лице не живее тука со години", „не го познаваме", или со неотворање врати, за да не се прими решението.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека ваквите и сите други случаи на непочитување на мерките треба да се санкционираат, затоа што тоа е сериозно загрозување на јавното здравје.

„Недозволиво е да се организира собир, а притоа да не се кажуваат контактите. Со санкционирањето да докажеме дека ова е сериозна работа, дека станува збор за заштита на јавното здравје, со превентивните мерки секој од нас се штити и индивидуално", рече министерот во гостување на ТВ „21".

Случајот од родилката - лекарка која се криеше дека имала контакт со лице позитивено на Ковид-19, преминува во надлежност на МВР, а истото ќе се преземе и за случајот со три родилки во Гинеколошката болница во Чаир, кои исто криеле контакти.

Покрај лажните изјави, проблем прават и лица кои имаат решенија за изолација, но не ги почитуваат и шетаат. За критични точки се сметаат пазарите, автобусите од градскиот и меѓуградскиот превоз, парковите...

Вклучен алармот во регионот

Епидемиолозите засега не може да дефинираат дали во моментов се случува втор бран или оваа состојба е практично екстензија на почетната состојба, бидејќи сега се прават повеќе тестови, а со тоа се откриваат и повеќе позитивни на вирусот. Истото прашање ги мачи и епидемиолозите во регионот, особено во земјите кои сметаа дека ја добиле битката и ги отворија границите, пред се, заради туризам. Таков е случајот со Црна Гора и Словенија, каде повторно има нови случаи. Алармот се вклучи и во Хрватска, која извесен период немаше нови случаи, па и бројот на дневни тестирања беше сведен на симоболични 200 до 300. Сега повторно се соочуваат со фактот дека вирусот не познава граници. 

„Засега не можеме да кажеме дали ова е почеток на втор бран, но состојбата секо е загрижувачка, бидејќи во шест дена бележиме 21 нов случај на зараза. Во нашето окружување, првенствено во БиХ, Србија и Македонија, минатата недела нагло порасна бројот на заразени, па постоеше оправдан страв дека тоа ќе се прелее и кај нас. Сега се зависи од тоа дали ќе ги успеееме да ги откриеме сите контакти на заразените и така да ја исконтролираме ситуацијата", вели за хрватски медиуми, епидемиологот Бранко Колариќ. Хрватскиот министер за здравство смета дека грѓаните не би било добро да ја напуштаат земјата, oсвен во крајна потерба, а шефот на епидемиолошката служба во хрватскиот Завод за јавно здравје, Бернард Каиќ, предупредува дека е евидентно оти се тестираат сѐ помал број на луѓе, што не е добро.

„Особено сега треба многу да тестираме, за веднаш да откриеме заразена особа, пред да го прошири вирусот", вели тој, додавајќи дека има впечаток дека „сите прерано се опуштиле".

И во Словенија со внимание ја следат состојбата. Шефицата на советодавниот штаб за Ковид-19 на словенечкото министерство за здравство, Бојана Боевиќ смета дека повеќето од новите случаи на заразени во Словенија се предизвикани од моменталниот режим на отворени граници. Во разговор за Радио Словенија таа истакнала дека веднаш треба да се преземат построги мерки нa границите, со особено внимание кон патниците од балканските земји каде што бројката на заразени расте.

Во Косово и Албанија во поседните денови има голем пораст на новозаразените, а Бугарија го дочека и новиот рекорд во изминатото деноноќие: од 2104 тестирани, позитивни се 132 лица, а шест ја изгубиле битката со вирусот со што бројката на починати достигна 190.

Доколку овие трендови продолжат, се најавува дека не е исклучено земјите во регионот многу скоро да преземат нови мерки за превенција.