„Големо повечерје“ за канцеларката Меркел: За збогум една роза | Информации и анализи за Германија | DW | 03.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

„Големо повечерје“ за канцеларката Меркел: За збогум една роза

За неколку дена Ангела Меркел, по цели 16 години, ја напушта канцеларската функција. Сега таа и официјално се збогува со свечена воена церемонија. Во прошталниот говор таа повика на одбрана на демократијата.

Канцеларката Ангела Меркел по „Големото повечерје“ со црвена роза во раката

Канцеларката Ангела Меркел по „Големото повечерје“ со црвена роза во раката

Студена, сува декемвриска вечер во Берлин. Кога Ангела Меркел зема збор, може да се види здивот. 67-годишната канцеларка зборува за благодарност и за понизност.

Строга церемонија под светла на факели - со „Големото повечерје“ како највисока воена почест, Бундесверот се збогува од канцеларката Меркел, на програмската книшка пишува „Д-р Ангела Доротеа Меркел“. Со оглед на тоа што Германија не познава официјално збогување со шеф на владата, прославата речиси се претвора во збогување на земјата од оваа канцеларка. Како канцеларка, таа има одржано официјални говори околу 1.500 пати. Овој говор, 1509-ти, веројатно е нејзин последен како сојузна канцеларка.

Слушаат и сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, околу 50 министри од нејзините четири владини кабинети од 2005 до 2021 година, нејзиниот наследник Олаф Шолц, повеќето од  партиските лидери и неколку лични гости.

Меѓу гостите на „Големото повечерје“ за Ангела Меркел беше и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнамаер со сопругата

Меѓу гостите на „Големото повечерје“ за Ангела Меркел беше и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнамајер со сопругата

Благодарност

Тоа се само седум минути. Но, тоа ќе биде фундаментален, сериозен, благодарен, опоменувачки говор. Прво, Меркел се осврнува на темата коронавирус. „Би сакала да им се заблагодарам на сите, кои ѝ се спротивставија на пандемијата со сите сили“, вели таа и ги споменува лекарите, медицинските сестри, но и  „помагачите во хуманитарните организации и во Бундесверот“.

Повеќе: Договорена новата влада во Германија- крај на ерата на Меркел

А потоа таа повикува на одбрана на демократијата од омраза, насилство и дезинформации, критикувајќи ги сите оние „кои ги негираат научните сознанија и шират говор на омраза“. „Нашата демократија живее и од фактот дека насекаде каде омразата и насилството се гледаат како легитимно средство за остварување на сопствените интереси, нашата толеранција како демократи треба да ја најде својата граница“.

„Веселост во срцето“

Таа именува големи теми - покрај пандемијата, пред сѐ климатските промени, дигитализацијата и конфликтите - и апелира за сериозна дискусија, рамнотежа и постојано почитување. И  таа, сериозната и совесната, по заблагодарувањето на своите придружници и на семејството, навистина завршува со охрабрувачки повик за „веселост  во срцето“: „Токму оваа веселост во срцето и за во иднина ни ја посакувам на сите нас, и во преносна смисла и на нашата земја“.

Веројатно последниот говор на Ангела Меркел како германска канцеларка

Веројатно последниот говор на Ангела Меркел како германска канцеларка

Повеќе: Ексклузивно интервју на Ангела Меркел за Дојче веле: Ќе се навикнете без мене

Ангела Меркел е само третата личност на која како сојузен канцелар ѝ е оддадена почит со ваква церемонија. Хелмут Кол, германскиот канцелар од 1982 до 1998 година, кој беше првиот што го доби „Големото повечерје“ во октомври 1998 година, по овој повод за кулиса ја одбра Царската катедрала во Шпајер, за која беше многу приврзан во текот на својот живот. За Герхард Шредер, канцелар од 1998 до 2005 година, Бундесверот се пресели пред градското собрание на Хановер, неговиот роден град. Меркел е првата канцеларка чие збогување беше во Берлин, во блокот Бендлер на германското Министерството за одбрана. Уште едно место во Берлин полно со историја. Недалеку оттаму, во 1944 година, беа стрелани заговорниците против Адолф Хитлер. И кога Меркел подоцна при музичкото збогување стоеше пред воениот оркестар на персоналот за време на музичкото збогување, нејзиниот поглед паѓаше директно зад него на Меморијалот на Бундесверот, централниот споменик за повеќе од 3.300 досега загинати припадници на германската армија. Место за сеќавање, инаугурирано во 2009 година - во мандат на канцеларката Меркел.

Говор и огномет

Пред „Големото повечерје“, цврсто воспоставена церемонија која не е невообичаена во Бундесверот, личноста за која е наменета добива можност да одржи говор. Хелмут Кол го искористи ова во 1998 година и зборуваше 13 минути. Во 2005 година, Шредер се откажа од можноста да зборува и едноставно се збогуваше. Меркел говореше, без аплауз или прекин за време на говорот.

Од преселбата на седиштата на владата и на парламентот од Бон во Берлин во 1999 година, кај некои „Повечерја“ остана запаметена и музиката. Имено пред вистинското „Повечерје“ има музика за почит и според желбите на личноста на која ѝ се оддава почит. Во 2005 година, за Герхард Шредер беше отсвирена песната „My Way" на Френк Синатра во изведба на соло трубач. Сојузниот претседател Хорст Келер сакаше џез во 2010 година, министерот за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг во 2011 година ја одбра „Smoke on the Water “ од Дип Парпл, неговата ресорна колешка Урсула фон дер Лајен пак се определи за „Wind of Change“ од Скорпионс. Светска музика за национално збогување.

Музичкиот избор на Меркел

Меркел со изборот на музиката остана на германското говорно подрачје. Пред големата црковна химна „Голем Боже, те славиме“, која во Германија ја пеат и католиците и протестантите, имаше две песни на големи пејачи од повоениот период, кои имаат иконски звук за многу луѓе во земјата. Песната на Нина Хаген „Го заборави филмот во боја“ од 1974 година беше култна во Германската Демократска Република. Песната „За мене треба да врнат црвени рози“ на Хилдегард Кнеф од 1968 година, пак, им е позната на сите во Западна Германија. Веќе со звуците на избраните песни, лицето на Меркел се опушти, и понекогаш изгледаше како да се насмевнува во себе.

Гледај видео 01:09

Кој е најголем обожавател на Ангела Меркел?

Воениот оркестар за крајот на „Големото повечерје“ ја интонираше и германската национална химна. И, конечно, аплауз. Германија се збогува од Ангела Меркел. На крајот на церемонијата на Меркел ѝ пријде нејзиниот сопруг. При заминувањето таа од еден голем букет со црвени рози зема два цвета. Една роза ѝ подаде на министерката за одбрана, а со другата влезе во возилото со кое се упати во студената берлинска ноќ.