Глобално затупување | Македонија | DW | 22.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Глобално затупување

Тешко ми е да најдам нешто за восхит во овие времиња, оти сегашниве револуции, духовни или физички, за мене се како фрижидерот-мачилиште за веќе „расипаните” од афоризмот на Душан Радовиќ. Пишува Синоличка Трпкова

"Во Белград дува Кошава и студено е како во фрижидер за длабоко замрзнување. Одлично за луѓето што не почнале да се расипуваат. Но зошто да се мачат оние што се веќе расипани”...напишал многу одамна познатиот српски сатиричaр Душан Радовиќ, во неговата збирка афоризми – Добро утро Белграде.

Други времиња беа тоа, кога од југословенскиот режисер Лордан Зафрановиќ, Академијата на Оскарите бараше да се цензурира сцената во автобусот од неговиот филм, тогашен кандидат за Оскар - "Ослободување во 26 слики”, што „дома” можевме слободно да ја гледаме и разбереме како важна уметничка анти-фашистичките „терапија”. И убавината на голите тела и на слободниот израз тогаш не беа за срам и резил. Се сеќавам на градите на маркантната актерка Ева Рас, на убавата  Неда Арнериќ, на сексипилната Владица Милосављевиќ, на Бора Ѓорѓевиќ, Оливер Мандиќ, Леб и сол, Бело копче, на многуте списанија ширум нашата поранешна татковина што нѐ воздигнаа до ниво на слобода на мисла и изразување, која од денешна точка гледано, барем за мене, изгледа недостижна. Нашата емоционална, ментална и културна еманципација достигна (глобален) врв во тие времиња. Во нашето тогашно „едноумие”! На Исток царуваше сивило, насилна еднаквост и униформираност, на Запад жената се бореше како феминист за да ѝ се чуе гласот, а кај нас таа водеше фабрики и седници и се сончаше „топлес”. 

Претходни колумни: Нетфликс држава

Моите гради

Се сеќавам кога чекорев на црвениот тепих во Кан со моите колеги, уметници Роми и кога стоевме во филмската сала по филмот „Дом за бесење” како скаменети, додека ечеше аплауз. Се сеќавам и на премиерата во Скопје, на лудата радост на мајка ми и брат ми по филмот и на солзите на татко ми и неговата прегратка по премиерата. Да, да, мислам на оној филм каде „една” македонска актерка се соблече во филм. Не секој и тогаш имал разбирање и оправдување за голи гради на филмското платно, но луѓето од тие времиња го распознаваа јазикот на уметноста. Ја разбирам потполно Ева Рас денес зошто напуштила интервју водено од некој „фастфуд милениал” новинар со сомнително образование и духовна импотентност. Ги разбирам и исмејувањата и навредите на денешните платени патриоти за моите гради, коишто во виртуелниот свет ги „пренаменуваат” бескрајно. Тие мислат дека така ќе ја одземат силата на зборот или дека можеби ќе го девалвираат истиот, ако виртуелно си поиграат со нешто што не еднаш, туку два пати од бога е дадено – тело и уметност. Тие не знаат дека уште во мојата младост јас пишував сатирични написи за себе, си поигрував и со сопствената голотија и со сопствената несовршеност, пред било што да пишам за светот што ме опкружува. Мојата моќ за самокритичност и самоопсервација секогаш била построга од била чија друга за мене! Да бидеш строг кон себеси и самокритичен - таа лекција најтешко се совладува, иако е неминовна за опстанокот на светот. Тоа се учи, гради и негува долго, како еден од најважните темели во градбата на човекот...за тие што разбираат. 

Frankreich Iran Protest gegen den Besuch von Rohani (Reuters/C. Platiau)

„Ги разбирам и исмејувањата и навредите на денешните платени патриоти за моите гради, коишто во виртуелниот свет ги „пренаменуваат” бескрајно.“

Секој од нас има свој, различен пат од другите. Тоа што јас го знам младите можеби нема да го дознаат никогаш, но и тоа што младите го знаат, јас не ќе можам да го дознаам, од проста причина - немам време, капацитет и енергија како нив. Но младите секогаш го движат светот...иако сеуште не знам каде. Гледајќи кој се води држави глобално и локално, и како се менаџира животот на луѓето во нив, ме навасува сомнеж дека климаксот на човечкото достоинство на овие простори сепак бил достигнат некаде пред 30-40 години. Времето кога можеше да се каже сѐ, а да не се навреди, да се биде слободен, а да не се злоупотреби другиот, да се биде креативен без да се аплицира за грантови, да се биде Жена без феминизам, да се биде Човек без да се краде, лаже, манипулира, и да се биде Уметник до коска, без срам од сопствените тело, душа и мисла. Навистина нѐ упропасти едноумието, ете и после повеќе од четврт век многуумие, пак сме без ум!

Длабоко замрзнување

Иако сме привилегирани да живееме во овој свет без граници, преполн виртуелни алатки со кои може да се патува низ него како од шега, ми се чини дека не сме биле никогаш толку масовно поуназадени, позаробени, помрзливи, поглупави, понекреативни, попрости и „поимпотентни”. Младите колеги, уметниците пред сѐ, може да не се согласат со мене, ако ја мериме тежината на животното искуството, наспроти неколку години интензивно „сурфање” за да се искуси животот. Исто онака како што јас не можам да ги прифатам нивните брзи „резултати” базирани исклучиво врз соџвакани виртуелни маневри, компресирани во неколкугодишна тешка нет-зависност и неповратна отуѓеност. Тешко ми е да најдам нешто за восхит во овие времиња, оти сегашниве револуции, духовни или физички, за мене се како фрижидерот-мачилиште за веќе „расипаните” од афоризмот на Душан Радовиќ. Моите интимни сознанија за живот, слобода, љубов, фантазија, еротика, имагинација и перцепцијата кон светот воопшто, ги надминуваат сите возможни „ивенти” на, и „вон” социјалните мрежи, пригодно спремени и наменети за публика што не дишела во времето на Душан Радовиќ. Верувајте ми - многу е досадно да се живее во лошава копија од сопствената младост!

Тоа што никогаш нема да престане да ме восхитува ќе биде едноставноста и долготрајната посветеност, љубопитност, истрајност и љубов кон работата и луѓето. Кој знае, можеби во блиска иднина по глобалното затоплување ни следи „длабоко замрзнување”. И ако сонцето реши повторно некогаш да нѐ огрее, добро би ѝ дошол еден нов почеток на планетава со навремено замрзнатите чисти души и умови. Тоа ми се чини ќе биде единствената научно издржана превенција против глобалното затупување.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама