1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Различноста се казнува на Балканот!

Силвера Падори-Кленке8 март 2013

Лепа Млаџеновиќ од Белград е добитник на наградата Ане Клајн на Фондацијата Хајнрих Бел за феминизам и полова демократија. Млаџеновиќ за ДВ говори како на Балканот живеат лицата со неконформна сексуална ориентација

https://p.dw.com/p/17nj5
Фотографија: Silvera Padori

Лезбејките, гејовите, бисексуалците и сите оние со поинакви сексуални ориентации од општо прифатените и традиционалните, речиси секаде во светот се дискриминирани.Во 79 држави хомосексуалноста е забранета и повлекува кривична одговорност. Од 2008 до 2011 година, во 55 земји се евидентрани 816 убиства на лица со нетрадиционална сексуална ориентација. Со дискриминација, нетолератност, хомофобија секојдневно се соочуваат и многу припадници на лезбејско-геј и трансексуалните заедници од Балканот.
„Кај нас е уште тешко отворено да се каже дека некој е лезбејка, геј, трансексуалец...За тоа не се говори, особено не во малите места. Факт е дека поради средината, нејзините реакции, омразата кон различноста, многу луѓе со поинаква сексуална определба поради стравот да не бидат разоткриени живеат во изолација и со себеобвинување. Дури и самите си ставаат бариери не користејќи ги формулациите „лезбејка или геј“, зашто термините се социјално контаминирани и создаваат болки“, кажува за ДВ Лепа Млаџеновиќ, која како вели е една од првите која отворено се декларирала како лезбејка уште во поранешна Југославија и е годинашен добитник на наградата Ане Клајн против дискриминацијата и за прифаќање на лицата со посебни сексуални ориентации на Фондацијата Хајнрих Бел. Ане Клајн, беше феминистка, активистка, пионер во признавањето и прифаќањето на сексуалната самоопределба.

Различен поглед кон светот

Нема да е грешно доколку се каже дека Лепа Млаџеновиќ, е Ане Клајн за Балканот. Родена Белграѓанка, со децении се ангажирала за мир и правата на жените, против насилството и дискриминацијата на различностите. Таа е дел од мрежата и организациите за правата на лезбејките, кои делуваат во Србија, но и во Босна и Херцеговина. Ја прашуваме: како на Балканот живеат лицата кои имаат поинакви претстави за љубовта и партнерството?
„Лезбејките имаат целосно поинаков поглед на светот кој во секоја секунда од животот се крши со онаа на хетеро-патријархалната средина. Со оглед што мнозинството не ја прифаќа љубовта ориентирана кон истиот пол, омразата од околината која при тоа се конструира е вистинскиот ѕид кој не заградува во секој миг од нашето секојдневие. Ова влијае пред се’ врз психата на секоја единка самата себеси да се прифати како поинаква, да не се самообвинува, а дури потоа следува проблемот вистината да и’ се соопшти на околината и да се справиме со реакциите. Процесот на самоприфаќање е прилично долг и влијае врз секоја одлука која треба да се донесе во животот“, објаснува Лепа Млаџеновиќ.
Искуствата се различни кога станува збор за соопштувањето на вистината. Факт е, меѓутоа, дека во малите средини никој не се осмелува да каже дека е лезбејка, зашто реакциите на околината би биле катастрофални. Затоа, многумина решението го бараат во бегство во големите градови, каде би биле анонимни и би можеле да живеат по свој терк. Но, за тоа требаат пари, така што мал е бројот на оние кои можат да си го дозволат луксузот на радикална промена на живеалиштето.
„Таа хомофобија е страотно раширена, така што и ние стануваме дел од таа самоомраза и за да се преживее потребна е навистина посебно силна енергија... Затоа и лезбејките, во својата осаменост и изолација, бараат работни места кои нема да се врзани со многу контакти со други луѓе. Им се крева косата на глава од страв кога и ќе помислат дека некој може да ги праша со кого живеат и имаат ли партнер? Целиот нивен живот е различен, поинаков од оној што се третира како нормален избор. А, за дискриминацијата на работното место и да не говориме. Често се случува информацијата за сексуалната определба да продуцира отказ, кој редовно се образложува со други неважни аргументи“, констатира Млаџеновиќ.

Тајна за вистината

На Балканот, можеби со мали исклучоци на Словенија и Хрватска, сексуалната ориентација останува тајна. Млаџеновиќ вели дека 99 проценти од лицата со неконформна сексуална ориентација ја кријат својата определба. На семејството, роднините, колегите, пријателите им се пласира поддруга слика за себе. Значи, минимални се шансите за истополови регуларни врски, бракови, раѓање деца, посвојување како што е на пример во Германија и во други демократски општества во светот. Но, поместувањата на забраните и прифаќањето и на различното, според Млаџеновиќ отвара прозорец на надеж дека и на Балканот некогаш работите ќе се подобрат, иако сегашните влади во сите држави од регионот се дискриминаторски расположени и не ги поддржуваат различностите, а уште помалку оние сексуалните.
Ако пред една и две децении бројот на лицата кои биле сексуално ориентирани кон истиот пол биле малубројни, денес е поинаку. Се’ потранспарентно е доколку некој е геј или лезбејка, луѓето се дружат во клубови, на јавни собири или паради (додуша проследени со протести и не ретко и насилство). Дали оние кои се ориентирани кон сопствениот пол сега се посмели да ја кажат својата определба или зголемениот број е резултат на помодарство?
„Толку е тешко да се живее како лезбејка или геј, така што во никој случај не станува збор за помодарство, туку едноставно луѓето станаа посмели. Тоа е резултат на се’ поголемиот ангажман на граѓанското општество, на различните организации за човекови права, на алтернативната култура. Факт е дека тие прават многу. Што се однесува до младите, прашање е дали тие навистина се поотворени, зашто едно истражување покажа дека токму кај нив има поголем наплив на хомофобија. Но, во секој случај е подобро од пред десеттина години“, коментира Лепа Млаџеновиќ која за правата на лезбејките се бори уште од 1986, и вели има уште долг пат додека работите навистина се стават на вистинското место во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Косово. Словенија и Хрватска се полиберални, но иако живее во Белгард, Лепа Млаџеновиќ подвлекува дека се чувствува многу добро, извонредно во својата кожа. Секој има различни искуства, но добро е што владее љубовта и другарството, а за подобро утре е и главното мото на белградските лезбејски семејства „солидарноста е семката на нашата смелост“!
Млаџеновиќ во моментот работи како советник на белградската телефонска хот-линија, но вели повеќе реагира на е-маилови зашто тие се навистина анониомни, за разлика од јавувањето „преку жица“, зад кое останува регистрираниот телефонски број. Одговара на различни прашања од типот како треба да се бакне најдобрата другарка, како да му се каже на маалскиот пекар дека е лезбејка, до начинот на кој соседите треба да се убедат дека љубовта е една и единствена, па и онаа кон сопствениот пол!

*
Истополовите бракови - симбол за полова демократија!Фотографија: AP
Schweden Pride Parade in Stockholm
Љубовта кон истиот пол на Балканот се’ уште табу!Фотографија: picture-alliance/dpa