Ги сака ли ЕУ подеднакво сите на Балканот? | Северна Македонија | DW | 27.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ги сака ли ЕУ подеднакво сите на Балканот?

Еврокомесарот за проширување, Хан, во една изјава ја објасни во една реченица поделената љубов на ЕУ кон земјите од Западен Балкан: „Ние имаме еден вид позитивен натпревар меѓу нив, тие гледаат љубоморно еден на друг“

Со одредена доза на вознемиреност шесте држави од Западен Балкан го очекуваат презентирањето на стратегијата на Европската Унија за проширување кон регионот на 6 февруари во Европскиот парламент во Стразбур. Некои делови од таа стратегија веќе се знаат, но не и нејзината целина. Се знае и дека Европската комисија во цел состав ќе се состане тоа утро во Стразбур, дека стратегијата ќе биде усвоена до пладне, а комесарот за проширување, Јоханес Хан, ќе им ја претстави на европските пратеници во 15 часот. Државите кандидати се плашат оваа стратегија да не биде уште едно разочарување, да не ги намали изгледите за европската иднина и наместо да ги поттикне реформите нив да ги стави во лер.

Во подготвувањето на јавноста Хан во неколку интервјуа ги подготви земјите за она што може да го очекуваат: дека ЕУ во иднина не смее да има конфликт околу границите како оној помеѓу Хрватска и Словенија; дека Србија треба да ја реши ситуацијата со Косово, дека Македонија и Грција треба да најдат решение за името; дека кандидатите мора да живеат со европски вредности, бидејќи „Европа не може да се сведе на банкомат"; како можен датум за влез на Црна Гора и Србија се смета 2025 година „што е реалистично, но и многу амбициозно"; дека оној што сака да се приклучи во 2025 година треба да ги заврши преговорите во 2023.

Така објаснува Хан. Во протечените детали од стратегијата уште се зборува дека 2019 година треба да биде клучна за Западен Балкан – дека тогаш се очекува „сестрана нормализација на односите меѓу Србија и Косово", Македонија и Албанија да ги започнат преговорите со Брисел, а Босна и Херцеговина да го добие статусот на кандидат.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски, автор на колумната

Прва и втора лига

Во септември лани, во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, го најави ваквиот развој на стратегијата соопштувајќи дека портите на ЕУ за Западен Балкан се отворени и дека има двајца фаворити кои би можеле да станат членки до 2025 година. И францускиот претседател Франсоа Макрон во својот голем говор во Сорбона јасно нагласи дека овој регион е дел од неговата визија за Европа.

Во Македонија и Грција како поплава стигнуваат изјавите за голем оптимизам за решавање на името и тоа во првата половина од годинава. Средбата во Давос на двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, му даде нова енергија на овој оптимизам. Тој оптимизам засега е повеќе реторички отколку суштински ( и покрај најавите на Заев за промената на имињата на аеродромот во Скопје и автопатот и неколкуте грчки чекори што ги најави Ципрас), но она што е најважно е дека политичкиот вокабулар од двете страни на граница се промени драматично. Неумесно е да се каже дека тоа може да биде доволно, тоа е само почеток, а зачестените средби на високите фукционери се повеќе испитување на соседите кои комуницираат меѓу себе, но не научија да живеат еден покрај друг. Но на Балканот некогаш разврските можат да дојдат исто онолку брзо колку што се заплеткуваат. 

Брисел не нагласува дека сите шест западно-балкански земји – Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово - треба да и се приклучат на Унијата во исто време. Ланското објавувањето дека Србија и Црна Гора се двајцата фаворити за брзо членство предизвика тревога, конфузија па дури и бес меѓу некои од нив. Едни велат дека неправедно се ставени во втората лига, Црна Гора мисли дека Србија без причина е пред неа на листата. Македонските дипломати, по обичај, реагираа внимателно, да не се налути некој, но другите беа поотворени. Албанската амбасадорка во ЕУ, Џанина Суела, изјави дека „ние немаме проблем со споменувањето на овие две земји кои веќе ги имаат отворено преговорите. Но проблем е ако стратегијата биде концентрирана само на овие две земји".

Црногорските функционери се налутија зошто Србија да биде прва спомената, сугерирајќи дека таа го предводи редот. „Црна Гора е фаворит", изјави министерот за надвореши работи Андрија Пејовиќ, елаборирајќи дека неговата земја најмногу напредувала во преговорите.

Намалена поддршка и изневерена љубов

Дали Брисел негува иста љубов кон земјите кандидати од регионот? Изгледа дека не. Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, неодамна во изјава за „Политико“ ја објасни во една реченица новата стратегија: „Ние имаме еден вид позитивен натпревар меѓу нив, тие гледаат љубоморно еден на друг". Хан ја повторува теоријата која е иста со години: земјите да направат реформи за да преговараат со ЕУ, да се приближат до стандардите на правната држава, да ги ослободат медиумите, да се борат против корупцијата и да бидат многу повеќе врзани со европските интереси.

Но ЕУ мора прво да го надмине големиот проблем на својата кредибилност во регионот. Поддршката за ЕУ во регионот е слаба последниве години поради нејзината неконзинстентна политика. Таа неконзистентност се гледа и со местото кое и се дава на Србија – според последното истражување на „Балканскиот барометар" само 26 отсто од српските граѓани мислат дека членството во ЕУ е добра работа, во Црна Гора 44, во Македонија 54, додека во Албанија тоа е 81 отсто.

Албанскиот премиер Еди Рама на една конференција во декември во Брисел тоа го објасни пластично: „Кога ЕУ беше во најдобра кондиција, ние бевме во најлоша. Сега кога ние сме најдобро подготвени ЕУ има проблеми. Русија и Кина имаат многу работи да понудат. Русија може да ти даде енергија за остатокот на твојот живот ако ти се откажеш од владеењето на правото. Тоа не е сосем неинтересно. Кина го има луксузот да планира сто години однапред. Ако ЕУ не трча да не фати нас, многу од мултипроблемите во регионот ќе се рестартираат и ќе чини многу поскапо подоцна да не вклучи во својот клуб".

Други колумни од авторот:

-Заев на крштевање во Давос

-Бугарија: Фанфарите не можат да ја покријат корупцијата

-Година на тектонски промени

Секако дека има неконзистентност во пристапот на Брисел. ЕУ сака да ја доведе Србија пред своите порти за да го намали влијанието на Русија, а најпосле Белград да ја признае независноста на Косово, иако пет членки на ЕУ не го направиле тоа. Дали Брисел гледа што се случува во Белград? Нелогично би било да се каже дека не гледа – извештаите на нејзината мисија таму сигурно наведуваат дека слободата на медиумите е силно задушена, дека системот од автократија сака да премине во диктатура (ниедна автократија не сака да премине во демократија, тоа го видовме ние во Македонија), дека пенетрирањето на Русија добива загрижувачки размери, дека решавањето на проблемот со Косово е оставено на маргините. И она што е можеби најинтересно во последнава половина година – стампедото на враќањето на старите кадри на Милошевиќ во врвовите на политичкиот живот.

Во еден таков лонец со многу запршки Бугарија го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ, со јасен план да го врати Западен Балкан на главната маса во Брисел. На премиерот Бојко Борисов не може да му се забележи дека не е посветен Европеец. Неговата посветеност, всушност, е поголема од онаа на некои од старите Европејци. Но покрај приказните за новиот историски самит на ЕУ и Балканот на 17 мај во Софија, 15 години по оној во Солун, покрај енергијата на Борисов и неговите идеи дека Западниот Балкан може да го пополни испразнетото место на Велика Британија, покрај неочекуваното инстант пријателство меѓу македонскиот и бугарскиот премиер, една голема сенка се надвиснува врз Бугарија околу нејзините уште поголеми планови – корупцијата.

Според „Транспаренси интеренешенел" Бугарија е најкорумпираната земја во ЕУ. И не само тоа. Бугарија заедно со Романија, 11 години по членството во ЕУ, се уште се наоѓаат на програмата на Европската комисија за специјален мониторинг кој ќе ги доведе двете земји до европските норми.

Бугарија изминативе години успеа да се справи со организираниот криминал, убиствата на улиците и земјата стана побезбедна. Но корупцијата како никој да не сака да ја искорени. Бојко Борисов ја научи лекцијата што најмногу сакаат да ја слушаат во Брисел: фискална стабилност и соработка за најважните одлуки. Кога тоа ќе го направиш ќе немаш голем проблем во Брисел. Па дури ќе можеш да се претставуваш како регионален визионер и миротворец.

И Заев и другите регионалните лидери треба да сфатат дека ЕУ не е создадена како некаков култ за време на студената војна против амбициите на Русија, туку дека тоа е унија со сопствени амбиции, заеднички вредност, култура што се споделува и мир што се гради. Некои од балканските лидери тоа можат да го почувствуваат на одредена дистанца, некои не го разбираат, а други ги сакаат само европските пари и никој потоа да не им се меша ни како ги трошат ни како владејат со земјата. Се разбира дека е тешко да се изгради демократија во општества каде потчинувањето кон авторитетот почнува уште во семејствата. Овде државите не се општества на слободни граѓани, туку општества на патријархални поединци. Затоа и за семето на авторитаризмот овде има најубава почва. 

 

DW.COM

Реклама